Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес во иднина ќе штеди електрична енергија, откако завршија активностите за поставување на фотоволтаици на покривот на институцијата.
Освен локалната библиотека, во изминатиот период фотоволтаици беа поставени и на покривите на Народен музеј Велес, на основните училишта „Васил Главинов“, „Блаже Конески“, „Панко Брашнаров“, „Св. Кирил и Методиј“, „Лирија“, како и на средните училишта „Гимназија Кочо Рацин“, „Димитрија Чуповски“, „Јовче Тесличков“ и „Коле Неделковски“.
Средствата се доделуваат во рамки на локалната иницијатива за обнова на стари, руинирани домови на културата, изградба на нови и уредување на културни објекти, во 11 општини за што Министерството за култура одвои 50 милиони денари преку програмата за капитални дотации за инвестициски проекти во единиците на локалната самоуправа во областа на културата. Меѓу општините на кои им се одобрени средства за оваа намена се и Велес и Чашка.
Поставувањето на фотоволтаиците само на кровот на библиотеката чини 2,5 милиони денари.
Локалната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес со своите постојани активности во врска со промоцијата на книгата и културата воопшто, се наметна како двигател на културата во градот. Оваа културна установа во моментов брои околу 3.500 членови и располага со книжен фонд од над 110 000 книги.
На своите полици, библиотеката има ретки изданија меѓу кои и првото издание ,,Македонски правопис” од 1945 година.
Брајовото катче има стотина наслови од македонски и странски автори, што ја вбројува библиотеката во малкуте библиотеки, кои располагаат со литература од таков вид.
Библиотеката „Гоце Делчев“ исто така поседува и дел од преводите на Владата на Република Македонија, на стручна и научна литература, како и на преводите од писатели – нобеловци.
О.К.