Првата работилница од новиот серијал на летни настани под наслов „Креативни дружби“ ги собра во дворот на Јуроп Хаус во Велес младите љубители на уметноста, креативци и ентузијасти кои имаа можност да ги изразат своите уметнички вештини низ несекојдневно дружење и сликање на шолји.

Целта на работилницата беше креативна размена и инспиративна соработка за создавање на уникатни рачно насликани шолчиња низ можност за исполнување на слободното време на младите луѓе.
„Целта на овие настани е да го поттикнеме младинското учество преку креативни и инклузивни активности, во средина која инспирира соработка и самореализација“, рече Ивана Јордева, младинска работничка во Младински центар Велес.
Учесниците на првата „Креативна дружба“ изразија задоволство од организацијата и содржината на настанот, констатирајќи дека токму ваквите настани се потребни за поддршка на локалната креативна сцена и градење на чувство на заедништво меѓу младите.
Организаторите, Младински центар Велес и Јуроп Хаус Велес најавија дека наредните „Креативни дружби“ ќе понудат можност за поттикнување на младите Велешани на развивање на разновидни уметнички форми. Во нив ќе можат да се вклучат и учествуваат креативни млади луѓе од велешката и од соседните општини.
У. Ј.