Општина Свети Николе во следниве пет години ќе продолжи да го субвенционира јавниот превоз меѓу градот и неколкуте околни села. Новите субвенции сега ќе го опфатат и превозот од и до светиниколското село Сопот. Општината склучи договор со локалното транспортно претпријатие „Циле Транс“, за превозни услуги за граѓаните од овие села во следните пет години. Ова претпријатие и до сега го вршеше локалниот јавен превоз користејќи општински субвенции, но договорот со него истече во октомври.
Со ова всушност општината го исполнува барањето на жителите од неколку рурални месни заедници, за кое пишуваше и кое беше поддржано од Локал Актив Вардар. Субвенционираната линија кон сите села според новиот договор, стартува овој месец.
Како што информиравме во сторијата на Локал Актив Вардар – околу три илјади жители од поголемите села очекуваа да продолжи одржувањето на јавната автобуска линија. Поради субвенционирањето од буџетот на Општина Свети Николе, тие ќе продолжат да плаќат поевтин превоз.
Според новите цени, за четириесет денари може да се патува во еден правец до селата Горобинци и Пеширово. Педесет денари во еден правец ќе чини билетот до Мустафино, Ерџелија, Кадрифаково, Амзабегово, Црнилиште и Сопот. Превозот од градот кон овие села и обратно, ќе се врши два пати во неделата, секоја среда и сабота.
Новина е воведувањето на нова линија кон село Сопот, кое беше барање на жителите и на тамошната месна заедница да бидат опфатени со овој превоз.
Кристина Андоновска е активистка на светиниколското здружение Граѓанска иницијатива на жени и една од иницијаторките за субвенционирање на новата линија до Сопот. Како жителка на селото и како мајка на три деца, за Локал Актив Вардар вели дека за оние кои прават одлука да живеат на село превозот до најблискиот град е основна потреба:
“Треба да се вложува во селото, да има превоз, да има продавница, да има услови за живеење, за да не ни бегаат младите. Кога нема превоз, „врзана“ сум да ме носи сопругот или да платам такси. Вака наместо да плаќаме 600 денари за такси, со тие пари ќе пазаруваме и ќе си дојдеме“, вели таа.
Жителите од село Горобинци кои патуваа кон градот, за Локал Актив Вардар искажаа задоволство што Општината го продолжила договорот за превоз и со тоа имаат можност да отидат на лекар или да завршат некоја административна работа во градот.
Според Тоде Цековски – сопственикот на превозното претпријатие кое беше единствениот превозник кој се пријави на овогодинешниот јавен повик на општина Свети Николе – проблем со линиите кон малите села е нерентабилноста поради малиот број патници:
„Поради малата заработувачка и големите трошоци на компаниите околу превозот, линискиот општински превоз во малите општини и села со малку жители, а со тоа и малку патници, не е атрактивен. Па, затоа сметам дека тоа е причината што превозниците не се пријавуват на јавните повици на општините за овој вид на превоз. За во иднина можеби треба да се размислува да бидат опфатени со превоз и селата кои гравитират кон Куманово, како што се Ѓуѓанци и Стањевци, рече Цековски.
Иако нерентабилни, воведувањето и одржувањето на автобуски линии меѓу малите места во Македонија е витално за опстојување на локалните економии.
Р.П.