Search
Close this search box.

Здравиот животен стил и превентивните прегледи би ја направиле поефикасна борбата против ракот на дојка – тврдат експерти

Здравиот животен стил и превентивните прегледи се клучни во борбата против ракот на дојка. Ова беше кажано на настанот „Здрави животни навики, благосостојба на умот и телото“, што викендов се одржа во Свети Николе, одржан за да се подигне свеста на локалното население за важноста од грижата за психо-физичкото здравје.

 „Животниот стил се поврзува со тоа што правиме во текот на денот, дали ја трошиме енергијата со физичка активност или не, дали јадеме здрава храна, дали јадеме прекумерно и  при тоа создаваме вишок на масти. Канцерот се јавува од вишокот енергија, која се акумулира во нас од храната, а што не е потрошена.  Затоа советувам, да вежбаме и да се храниме соодветно и правилно, да не внесуваме прекумерна храна”, советуваше Ивица Јанев, нутриционист и  европски шампион во бодибилдинг.

Во Македонија постои скрининг-програма за рано откривање на рак на дојка. Според програмата, секоја жена на возраст од 45 до 69 години, како и помлади со семејна историја со канцерогени заболувања, доколку  немаат правено мамографски прегледи на дојка во последните две години, сами можат да закажат бесплатни прегледи.

Како што веќе информираше Локал Актив , повеќе од половина пријавени жени што закажуваат термин за скрининг не одат на преглед, па така за првите 6 месеци од оваа година имало пријавено 11.600 прегледи, а на терминот се појавиле само 6.111 жени.

„Најчеста причина, да не се појават на преглед е стравот. Затоа што, како што велат, страв им е што резултати ќе добијат. Чувствата кои ни се јавуваат во тој момент, освен страв, ни се јавува и лутина. Што ако на пример имам нешто, лута сум зошто не сум отишла порано на преглед, зошто не сум се хранела здраво. Од друга страна, за да бидеме одговорни и да се грижиме за нашето здравје, е навистина од голема важност, бидејќи ние сме тие што треба да се грижиме за сопственото здравје. Затоа важни се тие прегледи, да се оди редовно за да знаеме што навистина се случува во нашето тело“ за Локал Актив Вардар изјави психологот Цветанка Бурзевска, која зборуваше на настанот.

Во рамките на одбележувањето на месецот за подигнување на свеста за ракот на дојка, граѓаните од Свети Николе облечени во розово, одеа по улиците во градот и ја направија традиционалната „Розова прошетка“. Во рамките на месецот Организацијата на жени од Свети Николе ja промовираше канцеларијата за бесплатна правна и психо-социјална поддршка, а се одржаа и повеќе работилници за успешна превенција. Граѓаните кои присуствуваа на настаните имаа можност да направат бесплатна проверка на шеќер во крвта, да измерат крвен притисок и да направат проверка на витаминско-минерален статус.

Р.П.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE