Search
Close this search box.

Зголемување на информираноста на жените од Свети Николе за можноста за бесплатен мамографски скрининг

Опис на проблемот​

Во Македонија постои бесплатен скрининг-преглед за рак на дојка, кој се закажува преку веб страната https://skrining.zdravstvo.gov.mk.  Меѓутоа, дел од жените жителки на општина Свети Николе, кои спаѓаат во целната група на програмата за скрининг воопшто не се запознаени со програмата и со можноста да направат бесплатен мамографски преглед со електронско закажување.

Локал Актив Вардар, во сторијата објавена на оваа тема, информираше за  малигните болести и можноста за бесплатни мемографски скрининзи. Покрај тоа, дел од женската популација во Свети Николе беше информирана за бесплатната скрининг програма преку активностите на Организацијата на жените од Свети Николе. Многу жени од градот изразија интерес за закажување на скрининг, а неколку од нив побараа и помош во онлајн пријавувањето за скрининг. Тоа помогна да се зголеми свесноста за потребата од навремени прегледи со цел да се спречи натамошниот развој на болеста, доколку се открие во нејзината рана фаза. Сепак, од спроведеното истражување за проблемите и потребите на жените од Свети Николе, беше констатирано дека тие имаат големи проблеми при закажувањето на термини за мамографски, но и за други специјалистички прегледи. Воедно, беше констатирано дека жените кои направиле скрининг не добиваат повратни информации за резултатите од скринингот. Трет воочен проблем беше тоа што не постои база на податоци и евиденција  за заболени жени од рак на репродуктивни органи (рак на дојка и матка) од општина Свети Николе, кои го искористиле правото за еднократна парична помош.

Барања

#Бараме од раководното лице (директор/ка) на ЈЗУ Здравствен дом „Примариус д-р Ѓорѓи Гаврилски“ во Свети Николе да го обезбеди следново:

  • пред влезните врати на матичните доктори да се истакнат писмени информации за закажување на скринингот;
  • да се поделат информативни брошури со цел да се информираат сите пациентки од Свети Николе за скриниг програмата за мамографски прегледи и начинот на пријавување;
  • матичните доктори/ки да ги информираат и мотивираат пациентките да се пријавуваат за бесплатниот скрининг;
  • здравствениот персонал да им понуди помош на пациентките при електронското пријавување за скринингот.

#Бараме од општина Свети Николе да ги разгледа и спроведе препораките упатени од ОЖ Свети Николе, кои се однесуваат на потребите на жените заболени од малигни болести.

Застапување за решавање на овој проблем

Во рамки на уредништвото на Локал Актив Вардар, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Организацијата на жени од Свети Николе

Реализирани активности

  • Остварена е работна средба со директорот на Здравствен дом „Примариус д-р Ѓорѓи Гаврилски“ во Свети Николе, д-р Игор Панев. Договорено е на сите матични доктори, рентгенолози и гинеколози да им се достават информативни материјали/брошури (отпечатени од ОЖ Свети Николе) за бесплатниот скрининг на дојка.
  • Остварена е работна средба со д-р Катерина Арсовска, која е дел од колективот на матични лекари/ки при Здравствениот дом во Свети Николе, за потребата матичните лекари да ги информираат пациентките за бесплатниот скрининг и да им помогнат во електронското пријавување за скринингот. Добиена е целосна поддршка од матичните лекари за оваа иницијатива.
  • Поднесено е формално барање до општина Свети Николе да ги разгледа и спроведе препораките упатени од ОЖ Свети Николе, кои се однесуваат на потребите на жените заболени од малигни болести.
  • На 25 октомври 2024 г. е одржана средба со д-р Јасмина Чабуковска,  членка на Координативното тело за спроведување на програмата за скрининг на рак на дојка, на која се разговараше за улогата на матичните лекари и за важноста на едукацијата и подигнувањето на свесноста на пациентките за оваа програма.
  • На 26 октомври, во рамки на месецот на борбата против ракот на дојка, граѓаните од Свети Николе облечени во розово, одеа по улиците во градот и ја направија традиционалната „Розова прошетка“.
  • Организацијата на жени од Свети Николе отвори и канцеларија за бесплатна правна и психо-социјална поддршка, а одржа и повеќе едукативни работилници за успешна превенција на ракот на дојка.

Локал Актив Вардар го следи и натаму спроведувањето на барањата до институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.  

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE