Search
Close this search box.

Жители од села во Општина Чашка плаќаат здравствено, но лекар немаат

Автори: Орце Костов* и Лидија Пљакова**

Горно Врановци е планинско село во Општина Чашка. За време на Втората Светска војна било воен и политички центар на Народноослободителното движење и таму биле носени најтешките одлуки на македонските партизански одреди. На ова место, на 29 октомври 1944 година, бил отпечатен првиот број на најстариот весник во земјава  – „Нова Македонија“.

Во Врановци биле сместени неколку институции што ја воделе Народноослободителната борба како Президиумот на АСНОМ и Главниот штаб на Народноослободителната борба (НОБ), а сред село во отоманската џамија, се наоѓала и првата болница за сместување на ранети и болни борци од партизанските одреди. На почетокот болницата имала на располагање мал број медицински лица и мала количина на лекови. Во текот на борбите, се зголемил медицинскиот персонал и биле отворени три одделенија – хируршко, интерно и заразно одделение. Болницата, што располагала и со помошни одделенија за исхрана, шиење и перење, одиграла значајна улога во згрижувањето на болните и ранетите за време на народноослободителната борба.

Осумдесет години подоцна, весникот „Нова Македонија“ сѐ уште излегува од печат, но од болницата, останата е само спомен плочата закована за ѕидот на селската џамија. Да потсетува на времето кога со мали ресурси и без слободна држава било вложено многу волја за да ѝ се помогне на борбата.

Во модерна и современа македонска држава, граѓаните од Врановци кои останале да ги чуваат спомените од Втората светска војна, немаат пристап до здравствени услуги и за лекар и вакцинација мора да одат во здравствените установи во Велес, што е оддалечен од нив околу 30 километри.

Жителите што живеат во Општина Чашка, специфична територија со радиус од 50 километри и села меѓусебно раздалечени по 20 до 25 километри, сѐ потешко доаѓаат до основни здравствени услуги како што се рутински преглед, обична крвна слика или препишување рецепти за лекови.

Пред повеќе од 15 години руралните амбуланти во селата Лисиче, Извор, Теово и Богомила, престанале да работат, а останале само приватните амбуланти во село Горно Јаболчиште и населбата Чашка, што немаат капацитет да дадат услуги на граѓани од 41 населено место.

Спомен плоча во Врановци

„Цел живот плаќаме здравствено осигурување и сега во 21 век, кога сме во поодминати години и ни е најпотребен лекар, ние го немаме при рака и мораме да се снаоѓаме за да стигнеме до најблиската амбуланта оддалечена на 20 километри од Велес“, рече за Локал Актив Вардар еден возрасен жител на селото. И речиси истата изјава ја повторуваа жителите од сите околни села што ги посетивме.

Од Горно Врановци пеш до Лисиче, па оттаму со автобус до Велес на вакцина

Амбулантата во Лисиче ја користел и Аџо Биба, мештанин од Горно Врановци кој раководи со малата продавница во селото, близу џамијата. Ни рече дека му е криво, што мора и децата да си ги малтретираат до Велес, за да примат вакцина. Наместо како порано, тим од Центарот за јавно здравје да доаѓа во руралните средини.

„Порано во Лисиче имаше амбуланта и таму одевме и за вакцини. Потоа ја затворија амбулантата и преминавме во Чашка. Кога е лето и кога има одмори, работи само една смена и мора да одиш на лекар во Велес. Не доаѓа никој тука за вакцинација, ниту пак во Чашка. Порано доаѓаа тука во училиште и ќе ги вакцинираат, сега до Велес треба да се оди. Нема секој кола, треба такси да платиш натаму, но треба и да се вратиш назад, а треба и ред да чекаш на лекар“, изјави Аџо.

Тој се присети на руралните доктори кои одвреме навреме доаѓале по селата, но и тие ги немало одамна. „Ние наместо да одиме напред, ние се враќаме назад. Во 21 век да немаш лекар и да не ти доаѓа возило на брза помош. Имаме и доста деца во селото, ама џабе, викаат немаат лекари за нас“, додаде Аџо Биба.

Со оглед на тоа дека сите села немаат јавен превоз до Чашка или до градот Велес, мештаните во Врановци, Долно Јаболчиште, Оморани, Богомила, користат такси за да одат да купат лекови, што дополнително им ги зголемува трошоците.

Згора на тоа, покрај неопходната терапија која ја земаат за неколку месеци, жителите на селата мора да набават и лекови за „недај Боже“, што можеби нема ниту да ги искористат до рокот за употреба, но поради далечината, тој финансиски трошок мора да го направат.

На жителите од Лисиче им требаат осум до 10 часа за да отидат на лекар

Николче Димов е постојан жител на село Лисиче што се наоѓа пред Врановци, но сепак оддалечено е од Велес околу 25 километри. Жал му е што луѓето се чувствуваат како отсечени од светот и за да отидат на матичен лекар во Велес, треба да одвојат осум до 10 часа од денот.

„Имавме постоечки објект кој функционираше како рурална амбуланта, но затворен веќе 20 години. Потоа еднаш неделно доаѓаше мобилна екипа од проектот рурален доктор и тоа се прекина. Сега сме целосно отсечени, далеку сме од градот 25 километри. Попусто имаме редовна автобуска линија, кога е ретка и не ги задоволува потребите. Болните тешко се снаоѓаат, одат наутро во 7.30 часот за Велес и потоа чекаат да се вратат со истиот автобус назад во 16 часот“, истакна Димов.

По затворањето на руралните амбуланти жителите на општина Чашка за прегледи и вакцини патуваат и до 30 километри.

Според него, најдобро решение би било да се отвори амбуланта, а ако тоа не е возможно, побара од институциите да го зголемат персоналот во Итната медицинска помош во Велес и еден дел од персоналот да биде задолжен за покривање на реонот во Чашка.

Македонските закони не ги стимулираат матичните лекари да работат на село

Основното човеково право што е содржано во Универзалната декларација за човекови права е и правото на здравствена заштита, а две третини од околу 8.000 жители во Општина Чашка не можат во целост да го уживаат. Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски во разговор за Локал Актив Вардар, рече дека има недостиг на лекари за неколку населени места во регионот, што порано имале свои амбуланти. 

„На територијата на општината има 41 населено место во кое живеат околу 8.000 жители. За жал во изминативе скоро деценија и повеќе, се соочуваме со недостиг на медицински кадар, со лекари и сестри на територијата на Општина Чашка. Функционираат приватни амбуланти во населбите Чашка и Горно Јаболчиште. Но, имаме недостиг од лекари за населените места Долно Јаболчиште каде што има амбуланта, село Извор каде што постои стара амбуланта, населеното место Теово, каде што постои амбуланта и Богомила каде што имало стара амбуланта и до ден денес постои“, истакна Стојановски.

Според градоначалникот, на територијата на Општина Чашка нема лекари, затоа што законската регулатива не ги стимулира матичните доктори да отвараат ординации во руралните средини.

„Плаќањето на тие лекари е по капитација или народно кажано според бројот на пациенти. За жал, овие населени места имаат на територијата мал број жители и ниту еден приватен лекар не би се нафатил да отвори амбуланта во овие населени места. Тука треба да се смени законската регулатива, според која, на сите лекари кои би сакале да работат во руралните средини, државата да им дава фиксна капитација која до некаде ќе биде и примамлива за да може некој доктор да дојде за добра плата, да отвори амбуланта, без разлика дали тоа ќе биде во Извор, Теово, Богомила или Долно Јаболчииште“, смета градоначалникот.

Амбуланта во Богомила

Неуспешни обиди да се стимулираат лекари со плаќање на комуналиите

Општина Чашка во повеќе наврати направила обид да стимулира доаѓање на рурални лекари, но тој бил неуспешен.

„Општината може на докторите да им понуди поддршка само во комуналните трошоци, се нафативме да им плаќаме струја, вода дури и греење, се со цел докторот да дојде. За жал и по таквите обиди, не ни се нафатија лекари да дојдат и да работат тука“, откри Стојановски. 

Тој е сигурен дека, ако се направат измени на правилниците според кои овие лекари би биле стимулирани со фиксна капитација, ќе се пројави интерес, некои од лекарите да работат во овие населени места.

„Ако ја земеме поранешната општина Богомила во која има стара амбуланта, таа има 4-5 населени места со околу 300 до 500 жители. За оваа бројка ниту еден доктор не би дошол, затоа што тој доктор треба да има и медицинска сестра која треба на првиот ден во месецот да земе плата. Поради тоа амбулантите што ги спомнав на територијата на Општина Чашка се затворени, има недостиг на лекари, никој не се нафаќа бидејќи не се атрактивни, лекарите и не се стимулирани финансиски да дојдат да работат тука. Како тоа ќе се реши, само со законски измени каде што тие би имале фиксна цена, народно кажано и за 5 и за 10 пациенти, да имаат ист стимул. Сигурен сум дека така ќе се нафатат да работат“, додаде градоначалникот на Општина Чашка.

Чолакова Дервишова: Правилниците на ФЗОМ мора да се изменат, не можете да го оставите без лекар најголемиот регион во земјава

Д-р Лидија Чолакова  Дервишова од Велес која воедно е и претседателка на Здружението на приватни лекари, вели дека добро ја познава состојбата во регионите на Лисиче, Богомила, Јаболчиште и Извор – сите населени места од Општина Чашка. Во изјава за Локал Актив Вардар, се присети  на времето кога здравствените услуги одлично функционирале и во руралните средини.

„Се затворија огромен број на амбуланти каде што има народ. Замислете Богомила има возрасно население, имало амбуланта а сега нема доктор. Иванковци имало амбуланта, нема доктор.  Бузалково е село со 2.000 жители со албанско население, а нема ни лекар ни стоматолог. Јас се сеќавам кога здравството одлично функционираше и сите тие луѓе кои плаќаат здравствено осигурување, по устав, треба да добијат 24 часа услуга. Најголемиот регион не можете да го оставите без лекар“, вели Чолакова – Дервишова.

Според неа, треба да се изменат единствено правилниците на Фондот за здравствено осигурување за да се зголеми сумата за стимулација, затоа што лекарите кои ќе треба да работат во руралните средини ќе имаат дополнителни трошоци.

Д-р Лидија Чолакова Дервишова, која е претседателка на Здружението на приватни лекари за Локал Актив тврди дека се потребни коренити промени и во законите и во ставот на институциите за да се овозможи жителите на ретко-населените места во Македонија да ја добијат потребната здравствена поддршка. Според неа треба да се измени правилникот за матични лекари според кој еден матичен лекар треба да има 500 пациенти, бидејќи некои населени места немаат ниту толку жители. Но таа исто така додава дека треба „да се врати моментот, секој млад лекар три години работеше на село и потоа имаше право на специјализација. Мора да има систем за да има системско решение“.

„Правилникот вика до 500 пациенти треба да собереш, но што ако во селото има 450 пациенти. Мора да се сменат правилниците. Мора сериозно да ги земеме предвид трошоците, или „државно“ да ги вработиме. Или пак да се врати моментот, кога во една Југославија, секој млад лекар три години работеше на село и потоа имаше право на специјализација. Мора да има систем за системско решение. Сега младите доаѓаат шест месеци на пракса и потоа одат на специјализација. Прво, вие за тоа време не можете да направите квалитетен доктор кој ќе може да „скокне“ во ситуација и да породи жена. Порано матичните лекари во Горно Јаболчиште и Бузалково, водеа породувања. Може да замислите колку биле искусни и подготвени.  Второ, треба да сте опремени таму, здравството не е евтино, мора да ги видиме сите трошоци, се што треба за одржување, колку тоа чини и како тој систем да биде одржлив. Но и тој доктор кој ќе биде во Богомила и во Бузалково да има средства и да се чувствува како доктор“, објасни за Локал Актив Вардар претседателката на здружението на приватни лекари.

Еден од предлозите на Здружението на приватни лекари, е лекарите да работат четири дена во Велес, еден ден во руралните средини. Претседателката смета дека лекарите, како здружение од практичари, досега дале предлози до Министерството за здравство, како да не се остават пациентите без здравствени услуги.

„Мора прво ние како Здружение на матични лекари да мислиме за народот и за здравствените работници. Јас се сеќавам кога лекари од Велес престојуваа во селата по пет дена и пет ноќи неделно. Овие села треба да имаат осумчасовно покривање од здравствен кадар или да имаат пунктови каде што на два часа ќе има лекар. Живнати се сите села, луѓето се враќаат таму за чист воздух. Ние дадовме предлог четири дена да работиме, петтиот ден некој од докторите да може да отиде во Бузалково, Теово, Богомила, да направиме еден систем. Но, после состанокот не се помести ништо“, додаде Чолакова Дервишова. 

Матичните лекари останале без одговор од Министерството за здравство, а истата институција не ги одговори ниту прашањата на Локал Актив Вардар, за тоа дали се прифатливи идеите на приватните лекари и на Општина Чашка и кој би бил стимулот, млади лекари да отворат рурални амбуланти во овој регион.

Амбуланта во Извор

Во државата во моментот има околу триста рурални места дефинирани како такви со одлука на ФЗОМ, но се групирани во рурални центри од неколку најблиски села. Некои од нив имаат избран лекар во договор со Фондот за здравствено осигурување, но за некои од нив нема заинтересиран кадар, токму поради ова што го наведе Чолакова Дервишова. Селата во Општина Чашка, се на листата на непополнети со кадар, рурални места на ФЗОМ.

* Орце Костов е новинар.

** Лидија Пљакова е граѓанска активистка од Организација на жени, општина Велес.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE