Почнувајќи од октомври, група екологисти од Неготино ќе ги обучуваат средношколците во десет училишта во државата, како да произведуваат храна, печурки. Обуки ќе има во Неготино, Велес, Валандово, Струмица, Свети Николе, Куманово, Скопје, Гостивар Струга и Прилеп.
Младите ќе имаат шанса да научат како да одгледуваат инсекти кои може да се користат како храна за животни и како да ги користат калифорниските црви, со чија помош од остатоците од храната се добива хумус што потоа се враќа на нивите како природно ѓубриво.
Кристина Тодорова, активист на граѓанската организација Ековита од Неготино, за Локал Актив Вардар сугерира дека идејата зад ширењето на ваквото знаење е да се создаде подолгорочен еколошки ефект:
„Активностите се во рамките на таканаречената кружна економија. Во проектните работи сме вклучени заедно со уште една организација од Чешка и две други македонски организации и тие се само дел од нашите многубројни обуки на оваа тема. Ќе воведеме одржливи практики за одгледување храна во 10 средни училишта низ целата земја“, вели Тодорова, која е земјоделски инженер и активист за заштита на животната средина.
Освен производството на ѓубриво средношколците ќе можат да научат и како, на еколошки чист начин, се одгледува печурката Буковка како и видовите шитаке, кралска буковка, реиши, лавовска брада, маитаке и чуркина опашка.
„Не само што произведуваме разновидни видови печурки, туку ги користиме и елементите на кружна економија, но и зелена економија. Во нашето производство користиме органски отпад како слама и прачки од лоза и се бориме против загадувањето на околината, не создаваме отпад. Влеговме и во социјалното претприемиштво за да ги обучуваме лицата од ранлива категорија како да ја одгледуваат својата здрава храна“, за Локал Актив Вардар, додаде Тодорова .
Овој проект е финансиран од Европската Унија и водена од чешката организација People in Need. Од Македонија во него се вклучени три домашни организации – АРНО, Лидери за едукација, активизам и развој и Ековита.
С.Д.