Search
Close this search box.

Еден и пол километар – растојанието меѓу селото Вешје и развиениот селски туризам

Авторки: Кристина Тодорова*  и Мирјана Мукаетова**

Посетата на неготинското село Вешје е вистинска авантура. Можност да се биде дел од еден неверојатен микро-свет. Барем за миг, да се почувствуваат магијата и мистеријата на животот на луѓето, богатите вкусови на локалната храна, да се ужива во културните наслаги, но и под микроскоп да се набљудуваат праисториски силикатни алги – така наречени Дијатомеи или преку телескоп, да се ѕирне во тајните на универзумот.  

Вешје е убаво. Несомнено. Но ова ридско-планинско село, има и еден проблем.

Се наоѓа на шеснаесетина километри од Неготино, а патувањето до таму не се чини кусо. Околу 1.400 метри до влезот на селото се неасфалтирани – обраснати се со трева, перфорирани од дупки, во кои се создаваат големи вирови, кога времето е врнежливо. Да се стигне до селото, со автомобил, не само во зимски услови, туку и на врнежливи денови, изгледа како тешка мисија.  

Како што ни кажаа во селото, неасфалтиран е најтешко пристапниот дел до Вешје. Пред нешто повеќе од десет години, најголемиот дел од Вешјани ги бојкотирале тогашните претседателски избори, бидејќи како што ни рекоа, биле лути на сите дотогашни власти кои не им обезбедиле асфалтиран пат до селото.

Во тоа време, не биле асфалтирани цели пет километри до селото. Претседателот на месната заедница, Крсте Николов, тогаш рекол дека без пат, условите за живот во селото ќе останат многу тешки и дека селаните и сите оние кои потекнуваат од ова село, а живеат на различни делови од Тиквешијата, затоа, ќе ги бојкотираат изборите.

Една деценија подоцна, еден дел од патот сѐ уште не е асфалтиран. Со Николов разговаравме и неодамна. Тој повторно, како и пред десет години нагласи дека недовршениот пат, останува најголемиот проблем за селаните.

„Со доаѓањето на различни власти, во минатото, во различни периоди се успеа да се асфалтира поголемиот дел од патот, но тој никако целосно да се заврши. Се надевам дека ќе дојде време  да се реши овој проблем“, изјави Николов за Локал Актив.

Засега, според бројот на издадени личните карти, бројот на постојани жители во Вешје изнесува 35, но многу поголем е бројот на иселените, кои продолжуваат редовно да доаѓаат и да ја обработуваат земјата или да престојуваат во нивните стари или реновирани куќи и викендички.

Изградени се дваесетина нови викендички. Сите што ги сретнавме за нашиот престој таму, истакнаа дека животот во селото е многу убав и мирен. Со тага се присетуваа на убавите денови кога во селското училиште, имало и по 120 деца, а во селото околу 300 постојани жители.

Заборавениот рудник на дијатомејска земја можност за туристичка атракција во Неготино

Мештаните велат дека асфалтирањето на патот ќе овозможи да заживее селото кое може многу да им понуди на посетителите.

Вистинско волшепство е да се набљудуваат под микроскоп среде неизвалкана природа, фосилните алги, што датираат од пред четири милиони години, земени од заборавениот рудник на дијатомејска земја близу селото, но и живи алги на дијатомеи што живеат во селските мраморни поила за стока.

Ваквата привилегија ја имаше тимот на Локал Актив – на лице место да се увери во уникатноста на ова природно богатство, што има потенцијал да стане неготинска туристичка атракција. Со задоволство ја слушавме приказната за напуштениот рудник во топлата и плодна Тиквешија. За дијатомеите што претставуваат инспирација за изработка на прекрасен накит. Но, научивме и за геолошката историја на регионот.

Слика од микроскоп - Изумрени дијатомеи

„Години наназад, жителите на Вешје, дијатомејската земја ја користат при процесот за производство на маџун, познат како еликсирот на Тиквешијата – најголем лозаро-винарски регион во државата. Сокот од грозјето, преточен во сируп, бил првиот природен засладувач на населението од оваа поднебје, кога производството на белиот шеќер било непознато. Оттаму и големиот број рецепти за слатки производи во кои се користат маџунот и слаткото од грозје. Во традицијата на производство на маџун, дијатомејската земја, позната во народот како „бела земја“, има клучна улога во бистрењето или филтрацијата на ширата од грозје. Населението ја користи со векови оваа земја, без да знае од што всушност е составена. Ја чувствува, што би се рекло, како исконска потреба. И денес може слободно да се каже дека населението во Тиквешијата и во целата држава, многу малку, или воопшто нема сознанија дека во близина на Вешје, се наоѓа рудник на дијатомејска земја со многу добар квалитет, што во составот содржи дури 78,4 % силициум-оксид и од оваа земја, во еден период во минатото,  во фабриката во Велес, се произведувал многу квалитетен порцелан“, ни раскажа Сашко Тодоров, претседател на невладината еколошка организација „Ековита“, која има локална канцеларија во селото.

Рурална канцеларија на Ековита во Вешје

Трагајќи по информација за таинствениот рудник, Тодоров се интересирал за составот на дијатомејската земја и како таа настанала.

„За минералната суровина дијатомејска земја кај Вешје, која пред околу пет милиони години настанала како резултат на вулканската активност во рабните делови од некогашниот Тиквешки езерски басен и развојот на дијатомејската флора во самиот езерски басен. Има и посебен труд од група автори од штипскиот универзитет Гоце Делчев. Во трудот се презентирани резултатите од истражувањата на дијатомејска фосилна флора и нејзиното значење за формирање на минералната суровина. Со микро-палеонтолошките истражувања на флората, во седиментите од бушотините кај Вешје, пронајдени се разновидни дијатомеи“, вели Тодоров.

Првите геолошки истражувања за овој регион датираат од времето на Турската империја. Во Вешје има околу 300 000 тони дијатомејска земја.

„Значаен дел од своето активно постоење, рудникот во Вешје се експлоатирал за потребите на фабриката „Порцеланка“ во Велес. Порцеланот направен со оваа дијатомејска земја беше познат по својата извонредна чистота и белина, што му даваше врвен квалитет и ја носеше репутацијата на еден од најдобрите во регионот. Меѓутоа, со текот на времето и развојот на нови технологии и материјали, рудникот беше заборавен и запуштен“, со носталгија коментираше Тодоров.

Здружението има цел да го врати сјајот на Вешје и да заживее селскиот туризам во овој прекрасен крај. Екологистите се трудат да ги спојат историјата, културата и традицијата на ова парче земја со новото време и да развијат иновативни производи, што ќе придонесат за развој на регионот.

Вешје заслужува посебна поставка во неготинскиот музеј

Атарот на Вешје е и неисцрпна палеонтолошка ризница, со бројни наоѓалишта, бевме потсетени, додека шетавме низ оваа рурална средина.

„Најголемиот експонат на мастодонт, кој се наоѓа во Природно-научниот музеј во Скопје е пронајден токму во Вешје. Да потсетиме дека уште во 1960 година, македонскиот палеонтолог Ристо Гаревски објави дека се пронајдени фосилни остатоци од Choerolophodon pentelicus, врз основа на кои староста на седиментите е определена e од  9 до 7 милиони години доцен миоцен (turolian). Исто така во 2018 година во непосредна близина во селото Долни Дисан,  откриен е комплетен скелет во тој момент во светот на мастодонт- предок на мамутот и денешниот слон, што уште еднаш потврдува дека овој реон е богат со фосилни остатоци од кои многу мал дел е истражен. истакна Тодоров.

Внуката на Ристо Гаревски кој го открил првиот фосил на мастодонт во Вешје, палеонтологот Билјана Гаревска, за Локал Актив посочи декаво околината, досега имаат пронајдено околу 300 објекти од фосилни остатоци.

„Покрај фосили на мастодонт, пронајдени се и делови на жирафи, неколку видови антилопи и газели, тропрстни коњи , мајмуни, џиновски мрзливец, халикотериди дури и месојаден цивет со оглед на фактот што месојадите се многу ретки за разлика од тие животни што се хранат со растенија. Исто така, Вешје е вториот локалитет во Македонија каде се пронајдени фосили од бодликаво прасе. Наши претпоставки се дека мастодонтот живеел за време на миоценот (во периодот од пред 24 до 4 милиони години), кога на планетата на овие простори се формирале таканаречените слатководни миоценски езера и кога имало бујна вегетација. Тогаш овие животни можеле да опстојуваат бидејќи нивната тежина достигнувала до 10 тони. За мене како единствен палеонтолог во Македонија, овој регион има исклучителна важност и моите настојувања за следниот период со оглед на ограничените средства, токму во околината на Долни Дисан и Вешје да продолжат истражувањата. Мислам дека апсолутно регионот заслужува да биде атрактивна туристичка дестинација“, децидна беше Гаревска.

Заб од мастадон - Експонат во Природонаучниот музеј во Скопје
Местото Порој во Вешје, каде што е најден забот од мастадонот

Поради ваквите интересни животни приказни што се плетат околу Вешје од далечното минато па низ целата историја, Тодоров ни ја откри заложбата, во рамките на Музеј на град Неготино, да се востанови поставка на овие фосилни предмети.

„Таа идеја може да биде остварлива, доколку во наредниот период во соработка со Природно-научниот музеј каде тие се депонираат, да се направат модели од пронајдените фосили. На овој начин сите посетители на музејот и сите гости кои во рамките на развојот на винските патишта ќе го посетат овој храм на културата и уметноста, ќе можат да ја видат и оваа поставка на праисториски животни“, категоричен беше тој.

Маџун, јајчаник, паан баник за туристите што сакаат автентична храна

Околината на Вешје е позната по своите уникатни микроклиматски услови идеални за одгледување на најквалитетно грозје во Македонија – велат познавачите на лозаро-винарството, кои заедно со нас, уживаа со сите сетила во Вешје.

„Благодарение на овие услови, грозјето во Вешје е помалку подложно на болести и штетници, што овозможува отсуство на гроздовиот молец и помала употреба на пестициди. Од винските сорти се прават квалитетни вина и ракија речиси во секое семејство,  вклучувајќи ги тука и иселените семејства кои живеат во Неготино, но сѐ уште ги одгледуваат своите лозови насади, а ги посетуваат своите викендички. Покрај производството на вино, маџунот исто така има длабоки корени во македонската историја и култура. Неговиот производствен процес е дел од традиционалниот начин на живот на селските заедници во Тиквешијата. Маџунот се користи не само како засладувач, туку и како природен лек богат со антиоксиданси и други хранливи материи“, појаснува еден од винарите со кои разговаравме.

Разговаравме со Трајанка Делкова, жителка на Вешје. Таа вели дека маџунот е традиција во овој крај, а самата почнала да го прави за подобар имунитет на нејзината внука и оттогаш секоја година го прави. 

„Сопругот од околината на селото ми носи од белата земја, најпрво ја сеам потоа ја загревам во тава до степен да пушта искри и така загреана ја ставам во штотуку источената шира од грозје. Ширата се запрствува или чвркнува истиот ден кога се бере грозјето и се муља. Ширата се остава да преноќи цела ноќ, се отстранува пената и се става на оган да изврие додека не стане како сируп. Маџунот го правам од сортите „сиричибук“ и „прокупец“ бидејќи тие се најблаги и по рецепт што го научив од постарите,  значи на старински начин како традиционално го произведувале и нашите баби и прабаби“, раскажа Трајанка.

Тодоров ни појасни дека токму производството на маџун, јајчаник, паан баник и многу други традиционални производи за ова поднебје, е тоа што може да ја збогати туристичката понуда на регионот. Бидејќи, како што истакна, туристите во светот се презаситени од модерниот начин на живеење и сакаат да видат нешто автентично.

„Како здружение имаме прекрасна соработка со месното население и заеднички се обидуваме гастрономијата да стане составен дел во палетата на туристички избор, кога е во прашање регионот. Веќе имаме реализирано ваква туристичка тура за гости од странство кои беа воодушевени од престојот во Вешје“, рече Тодоров.

Тимот на Локал Актив се сретна со вредните Менче, Светлана, Станка и Трајанка – жители на селото. Тие со задоволство разговараа околу нивната желба да бидат вклучени во туристичката понуда на селото со подготвување на храна. Менче ни го откри нејзиниот начин на подготовка на сукан јајчаник кој се прави со сукани кори, домашни јајца и млеко што сами ги произведуваат, а Светлана, нејзините рецепти за паан баник, топена торта со ирмик и домашни јајца

За проблемот со лошиот пат до Вешје, се обративме и до неготинската локална самоуправа. Од Одделението за локален економски развој, ни потврдија дека Општина Неготино е заинтересирана за развој на руралниот туризам.

– Во таа насока се реализирани последните проекти „Вински, апи и еко туризам во Неготино и околината“ и „Подобрување на преку граничното винско искуство за локален развој“. Ги подржуваме активностите на здружението „Ековита“ за промоција на палеонтолошките богатства на територијата на Неготино. Во следниот период како локална самоуправа ќе помогнеме за создавање на предуслови за развој на руралниот туризам преку завршување на локалниот пат Долни Дисан – Вешје, со цел да се подобри пристапот на туристите до селото и до палеонтолошките наоѓалишта. Го поддржуваме и предлогот за палеонтолошка поставка во Музеј на град Неготино,  се вели во изјавата на Лидија Нечева од Општина Неготино.

Но оваа декларативна заложба долго време е само декларативна. Приказните за Вешје, заслужуваат да бидат видени и доживеани. А основно за да заживее туристички овој крај, е да се асфалтира патот од еден и пол километар.

* Кристина Тодорова  е граѓанска активистка на „Ековита“

** Мирјана Мукаетова е новинарка.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE