Рецептот за узурпација е следниот: парчето земја од најмалку 100 до 300 метри квадратни кое ќе му се бендиса на узурпаторот прво се оградува со жичана ограда, се поставува шатор или камп, се гради објект од дрво кој личи на бунгалов, а потоа во период од една до три години тој се претвора во огромна куќа од цигли и бетон.
Автори: Олгица Наумовска* и Орце Костов**
Стотина жители во дивата населба на долниот тек на реката Бабуна веќе трета деценија играат улога на сопственици на узурпирано државно земјиште.
Откако пред 25-30 години без дозвола присвоиле плацови во заштитена зона без око да им трепне, дел од нив сега го продаваат „својот“ имот на интернет огласувачите, како и секоја недвижност.
„Се продава викендица на долна Бабуна, поточно кај 3-ти вир, внатрешно средена со фурна и скара од камен со голем двор Цена 25.000 евра, квадратура 80м2, број на соби: 3. Се продава наместена“, гласи огласот од 27 јули објавен на еден од најпознатите огласувачи на интернет.
„Се продава културно заградено место на долна Бабуна први вир до игралиштето кај камповите, железни столбови, бетонирани, мрежна ограда, влезна врата и една помошна за кон реката, има скара, столови и маса, цена по договор“, стои на огласот во групата на Фејсбук „Купи продај Велес“, објавен во 2024 година, кој предизвика лавина реакции кај граѓаните од Велес.
Ова е ефектот од негрижата на институциите кои 30 години години молчеа и се правеа слепи при очи дека, на реката Бабуна, омиленото место на велешани за рекреација, риболов и разладување, не никнуваат дивоградби, туку дека тоа се обични камп приколки или бараки кои се водеа како објекти од времен карактер.
Со текот на времето времените објекти станаа цврсти градби, а цврстите градби станаа куќи со повеќе од еден кат на кои се додадоа и придружни објекти во заградениот „приватен“ имот.
Бендисај, загради и гради
„Забрането е, ова е приватен имот“, рече еден од жителите на дивата населба за плацот кој всушност е узурпирано државно земјиште со монтирана ограда која ги попречува туристите да прошетаат низ специфичната шума и да стигнат до клисурата Пешти.
Рецептот за узурпација е следниот: парчето земја од најмалку 100 до 300 метри квадратни кое ќе му се бендиса на узурпаторот прво се оградува со жичана ограда, се поставува шатор или камп, се гради објект од дрво кој личи на бунгалов, а потоа во период од една до три години тој се претвора во огромна куќа од цигли и бетон.
Рекреативците кои возат велосипед, се разладуваат и ја посетуваат клисурата Пешти велат дека нивните сограѓани кои заградиле земјиште се чувствуваат како да се дома, се однесуваат како да поседуваат имотен лист за објектите и не стравуваат воопшто дека ќе и им се појави градежен инспектор со одлука за уривање на градбата.
А градежните инспектори после две децении откако никна дивата населба, излегоа за првпат на терен, не да казнуваат, туку да ги пребројат дивоградбите од вливот на Бабуна во Вардар па сѐ до месноста, односно клисурата Пешти. Овој чекор според урбанистите беше задоцнет.
„Градежните инспектори заедно со комуналниот инспектор и инспекторот за домување при Општина Велес излегоа на лице место во локалитетот – месноста Бабуна и неколку дена правеа увид на фактичката состојба во однос на бројот на изградените објекти на тоа подрачје. Од увидот на лице место е констатирано дека во месноста Бабуна се изградени 108 објекти и поставени се 16 приколки“, истакнаа од Општина Велес во 2023 година кога ги преброија објектите.
Тоа беше првпат градежни инспектори да излезат на терен и да извршат регистрација на дивоградбите во заштитено подрачје, бидејќи во оваа област се наоѓа и локалитетот Пешти со бројни пештери и други природни реткости.
Законска основа за рушење
За актуелниот градоначалник на Општина Велес, Марко Колев, не е во ред узурпација на крајбрежниот појас на реката Бабуна во кој стотината жители во дивата населба на Бабуна без дозвола присвоиле плацови и веќе две децении со огради, објекти и порти не дозволуваат пристап до речното корито на секој посетител.
Во последниот рок од 2018 година, согласно Закон за постапување на бесправно изградени објекти, поднесени се 715 барања за легализација за целата територија на Општина Велес, а меѓу овие барања се и тие од „газдите“ на Бабуна, открива сторијата на А1он, изработена во соработка со Институт за комуникациски студии.
Локал Актив Вардар побара одговори од раководителот на секторот за урбанизам во Општина Велес, Петре Цилаков, во однос на тоа дали се разгледувале барањата за легализација, дали некои се одбиени или прифатени и дали постои начин да се спречат идни дивоградби, но, одговор од општината не стигна до моментот на објавување на оваа сторија
Освен барањата за легализација, на оваа тема повеќе не се зборува, а Советот на општината не расправал за проблемот.
„Досега не се има случено ништо, единствено се изброија дивоградбите. Променет е бројот на дивоградби, кои ги има уште повеќе. Ние потегнуваме прашања, но градоначалникот се вознемирува. Ако некој најмалку сака да разговара за дивоградбите, тоа се градоначалникот и советот. Тоа е реалноста, нема политичка волја во овој Совет ниту во претходните Совети. Никој не сака да влезе во костец. Логиката е едноставна, ќе ја оставам Бабуна настрана затоа што оттаму влечам гласови. Таа е клиентилистичката политика на светото тројство ВМРО, СДСМ и ДУИ. Ефектот од таа политика е само зголемување на дивоградбите од година в година“, вели советникот на Левица во Општина Велес, Игор Смилев, кој е и еко-активист и планинар.
Смилев понуди решение кое му го посочил и на градоначалникот Колев, но за тоа решение е потребна политичка волја и од локалната и од централната власт.
„Многу е едноставно, се дава ултиматум на дивоградбите затоа што тоа е заштитено подрачје, не се живеалишта за живеење, туку живеалишта изградени од каприц. Се дава ултиматум од една година да се иселат од субјектите кои ги владеат. Доколку тоа не се случи, влегуваат багерите и процесот се завршува со асистенција на полицијата, инспекторатот и министерствата за транспорт и врски и животна средина. Додека ние разговараме сега, една дивоградба во Албанија се урива. Примерот со Албанија покажа дека доколку има политичка волја, проблемот се решава многу едноставно“, коментира Смилев за Локал Актив Вардар.
И според актуелниот закон за легализација на дивоградби исклучена е секаква можност да се легализираат објекти во заштитени зони, сметаат од Министерство за транспорт и врски, но и оттаму немаат одговор зошто досега никој не го спречил процесот.
„Генерално и со двата закони исклучена е можност да се легализира во долниот тек на Бабуна, затоа што е заштитена зона, иако од пониска категорија. Затоа и општината не им дава согласност за легализација на оние жители кои досега поднеле барања. Законот вели – ако немаш решение за градење, односно одобрение за градење, тоа е дивоградба и подлежи под прекршоци од Законот за градење, а општината има законски основ да ти го сруши“, сметаат од Министерството за транспорт и врски.
Има струја и асфалт, а нема имотни листови
Симптоматично е како сите изградени куќи на брегот на Бабуна се снабдени со електрична енергија кога ЕВН дава одобрение за приклучок само врз основа на одобрение за градба или имотен лист.
Од универзалниот снабдувач ЕВН за порталот А1он изјавија дека приклучоци имало на одредени објекти и викендици, но тие биле издадени во времето на државното Електростопанство (ЕСМ) според тогашната регулатива, а не од ЕВН.
„Приклучоците во регионот Бабуна се приклучоци кои се издадени во времето на Електростопанство според тогашната регулатива, што значи дека не се направени од страна на ЕВН. За да се реализира приклучок од ЕВН – Електродистрибуција, задолжително е корисниците да достават барање за нов приклучок со комплетна документација, како: доказ за сопственост, одобрение за градба или решение за легализација на објектите“, потврдија од ЕВН.
Иако немаат вода и канализација, а само мал дел се приклучени на дистрибутивната мрежа за електрична енергија, овие дивоградби добија асфалтен пат во должина од 2,6 километри вреден 250.000 евра кој го изгради Владата со поддршка преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој.
Бившиот градоначалник Аце Коцевски сметаше дека патот ќе ги мотивира рекреативците кои пешачат и возат велосипед кон Бабуна, но според граѓаните состојбата само се влоши и на „сопствениците“ им го олесни носењето на градежен материјал, односно им овозможи на узурпаторите да имаат свој асфалтен пат до нелегалните градби.
Во првиот мандат на истиот градоначалник, во далечната 2001 година, овој предел и клисурата Пешти беа прогласени за карактеристичен пејсаж од страна на Општина Велес. Но, законите се изменија, а оваа категорија повеќе не постои и за да биде овој предел повторно прогласен за заштитено подрачје, треба да се направи нова проценка во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Има решение, нема иницијатива
Локал Актив Вардар се обрати до МЖСПП кое има изработено Национална стратегија за заштита на природата до 2027 година, во која треба да бидат идентификувани и заштитени сите објекти и појави од интерес за заштита во областа на геодиверзитетот и геолошкото наследство.
Потврдија дека и клисурата Пешти на долниот тек на реката Бабуна крај Велес ќе биде опфатена со оваа стратегија, со што преку валоризација би се добила нова заштита која ќе спречи понатамошно узурпирање на бреговите на Бабуна.
Но, новиот Просторен план на РМ се уште не е изготвен.
„Во Националната Стратегија за заштита на природата (2017-2027) наведена е Листа на издвоени локалитети со значајно геонаследство од сферата на геоморфологијата, кои треба да бидат земени предвид при изработка на новиот Просторен План на РМ. Во оваа листа е вклучена и Клисура Пешти на Бабуна.
Во Секторската студија за заштита на природното наследство (1999), изготвена за потребите на Просторниот План на државата (2004) клисурата Пешти во долниот тек на река Бабуна е предложена заштита поради геоморфолошкото и орнитолошко значење.
Новиот Просторен План на државата сѐ уште не е изготвен, но секако дека клисурата Пешти на долниот тек на реката Бабуна треба да биде валоризирана како дел од природното наследство на државата“, велат од МЖСПП.
Согласно член 66 од Законот за заштита на природата се воспоставуваат следните категории на заштитени подрачја:
категорија I: cтрог природен резерват и подрачје на дивина; категорија II – национален парк; категорија III – cпоменик на природата; категорија IV – парк на природата; категорија V – заштитен предел и категорија VI – повеќенаменско подрачје.
Строгите природни резервати, подрачјата на дивина, националните паркови, спомениците на природата и парковите на природата се прогласуваат за заштитено подрачје со закон. Заштитените предели и повеќенаменските подрачја за заштитени подрачја ги прогласува Владата. Со прогласувањето на заштитеното подрачје односно природната реткост, истото стекнува статус на природно наследство.
„Заради утврдување на реалната состојба и обезбедување на стручна основа за изработка на актот за прогласување на заштитено подрачје најпрво се изработува Студија за валоризација или ревалоризација на заштитеното подрачјето. Содржината на студијата ја пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштитата на природата “, ни одговорија од МЖСПП.
Согласно Законот за заштита на природа, предлог за прогласување на одредено подрачје за заштитено можат да дадат органите на државната управа, советот на општината на чија територија се наоѓа подрачјето, во случајот за Пешти и Бабуна Советот на Општина Велес, како и други научни установи, органи, организации, институции и здруженија на граѓани.
Прво се поднесува предлог за отпочнување на постапка, се врши ревалоризација на клисурата со проценка на природните вредности која е составен дел на Студијата за валоризацијата, според која министерот, односно Владата, го прогласува пределот за заштитено подрачје, односно природна реткост на која не смее да се гради буквално ништо.
„Досега до МЖСПП нема доставено иницијатива, односно предлог за отпочнување на постапка за прогласување на клисурата Пешти за заштитено подрачје заедно со стручна основа, односно Студија за валоризација или ревалоризација на заштитеното подрачје.
Исто така, досега не е направена ревалоризација на клисурата Пешти, односно не се проценети природните вредности (биодиверзитет и геодиверзитет) што е составен дел на Студијата за валоризација /ревалоризација, за да може да се дефинира опфастот на предлог граници, предлог зони и нивни граници на распространување на подрачјето“, додадоа од министерството.
Едно е сигурно, засега нема легализирање и нема рушење на веќе изградените објекти во скоро време. Решение ќе има, но тоа ќе се однесува само на новоизградените објекти откако Бабуна и Пешти ќе добијат статус на природно наследство.
Додека Советот, градоначалникот, научните установи или здруженијата на граѓани не поднесат иницијатива за заштита на пределот, дотогаш само газдите на дивоградбите ќе уживаат во наследството на Бабуна, меѓу кое се стотина мали пештери во клисурата Пешти, историски остатоци од ранохристијанска црква, како и во прелетите на заштитениот белоглав орел и платиновите стебла крај водата кои се заштитени со закон.
* Олгица Наумовска е активистка од Еколошко друштво Вила Зора.
** Орце Костов е новинар