Добрите земјоделски практики само на хартија, но не и на нивите

На терен често се забележува избегнување на примената на добрите земјоделски практики. Последиците од тоа се одразуваат најмногу врз квалитетот на производот.

Автори: Сашко Тодоров* и Мики Трајковски**

Понекогаш поради незнаење и неинформираност, а понекогаш и поради несакање и избегнување на обврските, македонските земјоделци сѐ уште недоволно ги применуваат добрите земјоделски практики, кои можат да им донесат само бенефит. И покрај тоа што е утврдено со закон и со одредени правилници, нивната примена на терен не е на задоволително ниво, коментираат познавачите на приликите. Според нив, добрата земјоделска практика (ДЗП) во суштина го трасира патот до квалитетно, безбедно и одржливо  земјоделство.

„Добрата земјоделска практика е основа за модерно и одржливо земјоделство. Таа обезбедува безбедна храна за потрошувачите, пристојни и безбедни услови за работниците и заштитa нa животнатa средина“, вели Кристина Тодорова, дипломиран инижинер агроном од Неготино.

Во светски рамки постојат водечки стандарди за одговорно и безбедно земјоделско производство. Еден од нив е „Глобал Г.А.П.“ (Good Agricultural Practice), систем кој ги обединува традицијата и современите методи и за кој постои сертификационен процес.

Недоволна информираност

Од Националната федерација на фармери велат дека користењето и примената на ДЗП е од огромно значење за развојот на земјоделството, не само во контекст на заштита на природата.

Фото: Водостопанство ,,Тиквеш"

„Тие обезбедуваат одржливо производство, зачувување на почвата и водата и подобар квалитет на земјоделските производи. Последиците од некористење на добри земјоделски практики најмногу се одразуваат на квалитетот на производот, што доведува до намалување на приносите, појава на болести и штетници, деградација на почвата, ерозија, влошување на квалитетот на производите, како и економска несигурност кај земјоделците“, вели за Локал Актив Вардар Стеванче Јорданоски, претседател на Националната федерација на фармери.

Според него, примената на ДЗП би овозможило и зголемување на конкурентноста на домашните производи на пазарот, како и подобар настап и поголема сигурност за земјоделците.

Причините за нивната недоволна примена Јордановски ги гледа пред сѐ во недоволна информираност на земјоделците, недостигот на финансиски средства за купување на современа механизација, високите трошоци за набавка на средства за заштита, ѓубрива, препарати, но и во недоволната едукација, недостатокот на работна сила и незаинтересираноста на младите за работа како земјоделци.

„Не постојат и соодветни комунални услуги за тоа каде да се фрлаат искористените препарати и ѓубрива“, потенцира Јорданоски.

Сертифицираните производи според ДЗП ги исполнуваат условите за настап на домашниот и странски пазар. Нивната примена овозможува контрола на целокупниот производствен процес, сѐ со цел да се добие максимален квалитет на земјоделските производи, што би ги отворило вратите кон нови пазари. Но и подобрена ефикасност, намалени загуби, оптимизирани ресурси и поголем принос.

Поголема сигурност за потрошувачите

Во време на појава на нови вински сорти и лозови насади во лозарскиот регион на Неготино и Тиквеш, ДЗП се патоказ кон конкурентност и заштита на природните ресурси, а воедно и силен одговор на климатските предизвици. Овие пракси покажуваат минимални или нулта остатоци од пестициди, трасабилност (што значи дека секој чекор од производството е евидентиран) и конзистентност во квалитет – стандардизиран изглед, вкус и арома.

ДЗП претпоставуваат и безбедност на работниците, преку обука за безбедно ракување со пестициди и машини, редовно носење заштитна опрема и мерки против несреќи и обезбедување подобри работни услови за поголема продуктивност. Не помалку важни се и аспектите за заштита на животната средина, преку рационално користење на вода и енергија и намалено загадување преку правилно складирање и отстранување на отпадот.

Експертите со кои разговараше Локал Актив Вардар тврдат дека зголемувањето на свеста, едукацијата и поддршката за земјоделците при користењето на добрите земјоделски практики е клучно за иднината и на лозарството во Тиквешијата, како најразвиен регион со лозови насади во Македонија.

„Во Вардарскиот регион, примената на добра земјоделска пракса значи паметно и одговорно користење на вода и ѓубрива, контролирана и намалена употреба на пестициди, заштита на почвата и биодиверзитетот, како и целосна следливост на производствениот процес, со што се обезбедува зголемена доверба кај купувачите. Ова не е само стандард, туку билет за поголеми пазари, каде што се бара квалитет и доверба“, вели агрономката Кристина Тодоровa.

Тоа овозможува намалување на емисиите на стакленички гасови преку оптимизирани агротехнички практики, зголемување на отпорноста на лозјата на суши, екстремни температури и непогоди со адаптивни мерки при обработката на лозјата, спречување на деградацијата на почвите и зачувување на нивната плодност.

Поблиску до европските стандарди

Во контекст на приближувањето на Македонија кон Европската Унија, од суштинско значење е да се воведе контролирано земјоделско производство и строго почитување на каренците на препарати, вели Атанас Темелков, дипломиран инжинер агроном од Неготино.

„Веќе сведочиме како многу цистерни со грозје и вино се враќаат од границите поради присуство на резидуи од пестициди, што укажува дека добрата земјоделска пракса не се почитува доволно“, вели Темелков.

ДЗП, смета Темелков, подразбира водење евиденција на целиот процес на одгледување на виновата лоза – од почеток до крај на бербата.

„Секоја фаза и активност во лозарството треба да биде евидентирана, кој работник ја извршува работата, во која фаза се врши прскањето и со какво одобрение од агроном. Агрономот треба да ја препише соодветната рецептура и да ја одобри концентрацијата на препаратите во случај на појава на болест. По третманот се врши контрола дали мерката била успешна, а доколку не, се преземаат дополнителни чекори“, додава Темелков.

Според него, неопходно е лозарите и земјоделците да се обврзат на ваква пракса, со што ќе се избегнат проблемите со резидуите и ќе се обезбеди квалитетно производство според европските стандарди.

Фото: Водостопанство ,,Тиквеш"

Хрватска и Словенија се лидери во регионот во однос на примената на добрите земјоделски практики. Од Националната Федерација на фармери на Македонија сметаат дека тоа е поради тоа што во овие две земји има зголемена примена на ДЗП, нешто што произлегува согласно директивите на заедничката земјоделска политика на ЕУ, каде што овие две држави се членки.

„Земјоделците применуваат добри земјоделски практики кои ја подобруваат плодноста на почвата, го зголемуваат квалитетот на производството и ја штитат животната средина. Овие земји имаат развиени програми за едукација и поддршка на фармерите, како и модерни системи за наводнување, интегрирано управување со штетници и примена на органски ѓубрива и користење на напредна механизација“, велат од Националната Федерација на фармери.

Континуираната обука и користењето на современи технологии овозможуваат одржлив и економски развој на земјоделството, создавајќи пример за успешен регионален развој. Во овие држави во голема мера е поттикнат развојот на земјоделски задруги и организации на производители како економски форми на обединување на земјоделците.

Скапо, но исплатливо

Помеѓу методите кои се предвидени со ДЗП се и користењето современи технологии за складирање, како што се ладилници, вклучително и постбербени активности, преку калибрирање, пакување, дистрибуција и агроеколошки мерки кои се поврзани со производството и примената на нови методологии на производство. Бидејќи поголемиот дел од нив се скапи за набавка од страна на еден земјоделец, од Националната Федерација на фармери препорачуваат заеднички набавки од страна на задругите и организациите, да се применуваат и обуки за земјоделци, со цел развој на нивните бизниси, што ќе овозможи заеднички настап на пазарите. 

Крапот во рибниците на Тиквешко Езеро угинува поради вештачките ѓубрива
Кога климатските стресови, како што се топлотните бранови и ниските водостои, се комбинираат со прекршувања на добрите земјоделски практики, како што е примерот со неконтролирани истекувања, испирања на нутриенти, ризиците од еутрофикација, намалувањето на растворен кислород и поморот на рибата драматично растат, како што беше случајот со Тиквешкото Езеро. „Поморите на риба во Тиквешкото Езеро во 2011 и 2020 година го потврдуваат проблемот. По долги сушни периоди, на крајот од летото често следуваат обилни дождови. Вештачките ѓубрива, кои што поради сушата не се инкорпорирани во почвата се испираат од нивите и доспеваат во езерото, обезбедувајќи богата храна за модрозелените алги. Под дејство на високите летни температури тие експлозивно се размножуваат и ја менуваат бојата на водата. Потоа следува масовно умирање на алгалната биомаса, а бактериите што ја разградуваат трошат големи количини растворен кислород. Недостигот на кислород е непосредната причина за поморот на рибите, а е индиректна последица на неконтролираната употреба на вештачки ѓубрива во земјоделието“, вели Кристина Тодорова, агрономка од Неготино. Покрај пестицидите, значителна штета предизвикува и неконтролираната употреба на вештачки ѓубрива, која ја нарушува еколошката рамнотежа, особено во услови на климатски промени. „Во рамките на овој стандард, се води детална евиденција – почнувајќи од изборот на површината за одгледување, избор на семе и саден матерјал, евиденција на сите агротехнички мерки, наводнување, правилна примена на ѓубрива препарати, евидентирање на бербата, па сè до складирањето и транспортот на земјоделскиот производ до потрошувачите“, вели Тодорова. Алармира дека и покрај тоа што овој пристап е познат и достапен веќе скоро две децении, имплементацијата на добрата земјоделска пракса кај земјоделците во Македонија е сè уште на ниско ниво. „Повеќето производители не водат евиденција, не добиваат стручна консултација, а користењето на препарати се врши без професионален надзор. Ова носи ризици за здравјето на потрошувачите, ја загрозува конкурентноста на производите на странските пазари и остава негативни последици врз животната средина. Верувам дека со примена на овие стандарди, не само што ги исполнуваме европските барања, туку и градиме поодржлива, поквалитетна и посовремена земјоделска практика за идните генерации“, додава Тодорова.

Од таму предлагаат да се воспостави систем на контрола и мониторинг кој ќе следи кои земјоделци колку ги применуваат добрите практики во секојдневното работење.

Согласно член 49 од Законот за земјоделство и рурален развој, директните плаќања кои се исплаќаат од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство до земјоделците може да бидат условени со исполнување на задолжителни барања или услови поврзани со заштита на животната средина, здравјето на луѓето, животните и растенијата и благосостојба на животните, како и со исполнување на посебни минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина.

„Врз основа на специфичните карактеристики во однос на почвените и климатските услови, постоечките системи на земјоделско производство, користење на земјоделското земјиште, плодоредот, земјоделските производствени пракси и структурата на земјоделските стопанства, министерот пропишува и објавува листа на посебни минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина кои можат да се однесуваат на национално или регионално ниво“, стои во одговорот на ресорното министерство до Локал Актив Вардар.

Од таму додаваат дека на 15 октомври 2015 година донесен е Правилник со листа на посебни минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина.

„Во Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2025 година Службен весник на Република Македонија бр. 26, 88, 109, 133 и 157 во член 2 став 7 и 8 е опишана примената на Правилникот за листата на посебни минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина во однос на правото на оставарување на директни плаќања на земјоделските стопанства како и минималните услови за вкрстена сообразност односно намалувањата или исклучувањата на корисниците од директните плаќања“, додаваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во член 78 од Законот за земјоделство и рурален развој е пропишано на што се однесуваат принципите на добра земјоделка и хигиенска пракса и помошта која се доделува за вршење на земјоделска дејност за заштита и унапредување на животната средина, велат од ресорот.

Нестабилно производство на грозје во Вардарскиот регион

Во последните години,  како последица и на несоодветата и нецелосна примена на мерките од добра земјоделска пракса, но и како резултат на климатските промени, има тренд на намалување или стагнација на површините со лозови насади во регионот на Тиквешијата, што за стручната фела е загрижувачка состојба, ако се знае дека Македонија во светски рамки е препознатлива по добри и квалитетни вина, кои се добиваат од лозовите насади кои се одгледуваат овде.

„Во врска со состојбата со лозовите насади во Тиквешијата, тренд на намалување на лозови насади се бележи од 2017 до 2023 година, во 2024 година има стагнирање. За 2025-та година точна површина под лозови насади ќе имаме по обработка на податоците“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

И според табеларниот приказ на податоците за Вардaрскиот регион (2020–2024 година) на Државниот завод за статистика може да се заклучи дека има флуктуации во родната површина на лозови насади – од 43.300 хектари (2020 година), која нагло се намалува на 19.569 хектари (2022 година), па потоа повторно расте. Тоа укажува на нестабилност во лозарството.

Голема варијабилност има и во бројот на родни пенушки – особено во 2021 година (108.516 илјади), што е огромен скок во споредба со другите години, а производството не е директно пропорционално со површината. Во 2020 година има високо производство (50.944 тони), иако површината е голема. Во 2021 година и покрај тоа што има најмногу пенушки, производството е најниско (19.569 тони).

Најстабилен период според податоците на Државен завод за статистика, се последните две години (2023–2024 година), кои изгледаат поприближени по вредности и укажуваат на стабилизација. Ова најмногу кажува дека врз производството влијаат и други фактори (климатски услови, болести, обработка), а не само површината и бројот на пенушки.

Од Националната федерација на фармери велат дека има редица проблеми со кои тиквешките земјоделци се соочуваат и на кои во иднина треба да се обрне особено внимание.

„Во Тиквешкиот регион за оваа година согласно нашата комуникација со лозарите кои се членови на организацијата, ќе има добар род на грозјето. Но она што им се појави како проблем е недостатокот на вода, големите топлотни бранови, што и реално е голем проблем во сите земјоделски сектори. Климатските промени се непосредно поврзани со примената на добри земјоделски практики. Со нивната примена едноставно може да се влијае на намалување на последиците од климатските промени“, вели Стеванче Јорданоски, претседател на Националната федерација на фармери.

Јорданоски додава дека државата има разни механизми како да им помогне на земјоделците да ги надминат проблемите, особено преку воведување на нови сорти лозови насади, кои се отпорни на климатските промени.

„Државата може да помогне преку поддршка за модерни системи за наводнување. Воедно, потребно е вклучување и на науката за  истражување на нови сорти кои ќе успеваат на новата клима“, смета Јорданоски.

Тој порачува дека е повеќе од неопходно здружување на земјоделците во задруги и разни други организации.

„Ние земјоделците треба сѐ повеќе да се здружуваме во економски форми на здружување, односно земјоделски задруги и организации на производители. Во таа насока полесно и организирано ќе може да ги применуваме добрите земјоделски практики, да се намалува производната цена и да се добиваат квалитетни производи“, порачува тој.

Сепак ДЗП и нивната примена во пракса се нешто на што треба да се посвети поголем дел од времето и во рамките на одгледување на постоечките лозови насади, како и при и никнувањето на  нови сорти. Тоа ќе биде од бенефити за сите.

„Производителите што инвестираат во добра земјоделска пракса добиваат посигурен пласман, повисока додадена вредност и доверба кај купувачите. Тоа е инвестиција што се враќа преку постабилни приноси, пониски трошоци и подобра цена на пазар. Со ДЗП добиваме сите, производителите, потрошувачите и самата природа“, вели Кристина Тодорова, дипломиран инжинер агроном.

Низ годините се покажа дека непримената на добрите земјоделски практики во земјоделското производство имаше негативно влијание врз животната средина, пред сѐ во делот на употребата наа пестицидина земјоделските култури. Како примери за тоа се неодамнешните откривања на зголемени количества на пестициди во македонското грозје, пиперки, моркови при инспекциите на увезените стоки во некои од соседните земји.

МИНИМАЛНИ УСЛОВИ ЗА ДОБРА ЗЕМЈОДЕЛСКА ПРАКТИКА И ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
На веб страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се наоѓа и листа со посебни минимални услови за добра земјоделска практика и заштита на животната средина, кои се поделени во неколку сегменти.
1. Посебни минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на почвата.
Минимална покриеност на површината на земјоделското земјиште. Спречување на обраснување на обработливите земјоделски површини со непожелна вегетација. Одржување на насадите со повеќегодишни култури. Минимално обработување на земјоделски површини согласно карактеристиките на земјиштето, заради спречување на ерозија. Управување со жетвени остатоци. Анализа на хемиските својства на почвата и примена на ѓубрива, согласно потребите од хранливи материи во почвата.
2. Посебни минимални услови за добра земјоделска практика и заштита на водата.
Копање на бунар на површината во состав на хидромелиоративни системи. Користење на вода од систем за наводнување. Заштита на водите од нитрати во земјоделството. Заштита на подземните води од загадување со испуштање на супстанци.
3. Посебни минимални услови за добра земјоделска пракса за заштита на растенијата.
Избор и примена на производи за заштита на растенија. Мониторинг на болести на растенија. Заштита на здравјето на луѓето при примена на производите за заштита на растенијата.
4. Посебни минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина при одгледување на животни.
Идентификација, регистрација и пријавување на движење на животните. Спроведување на мерки за здравствена заштита на животни. Контрола на заразни болести на животните. Процена на влијанието врз животната средина при одгледување на животни.

Сепак инспекциските служби и останатите институции, кои се надлежни за примена на овие мерки, потребно е да бидат поприсутни на терен, со цел да направад увид и контрола на сѐ она што се случува на земјоделските полиња, како и да се следат позитивните примери, велат експертите, Земјоделците во развиените држави и во земјите во развој ги применуваат ДЗП преку разни одржливи земјоделски мерки, како што се интегрирана растителна заштита, интегрирано управување во производството на храна и заштита на животната средина со таканаречено штедливо земјоделство. Некои од овие мерки се подржани и преку разни владини програми. Тие порачуваат дека и македонската држава, преку спроведување на соодветна аграрна политика, треба и мора да се погрижи, да ги стимулира земјоделците да ги применуваат добрите земјоделски правила и стандардите при одгледување на земјоделските насади, но и да обезбеди, директна помош и финансиски средства за нивно подобро и поефективно спроведување.

* Сашко Тодоров е активист во здружението Ековита од Неготино

** Мики Трајковски е новинар

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE