Неоградениот отпад од некогашната фабрика ХИВ Велес расфрлан меѓу малите ридови на патот Велес-Градско во близина на селото Згрополци е нем сведок на 30-годишната негрижа на институциите во земјава за една од 16-те идентификувани жешки еколошки точки во Македонија.
Автори: Олгица Наумоска* и Орце Костов**
Иако во непосредна близина на некогашната фабрика за производство на вештачки ѓубрива Хемиска Индустрија Велес (ХИВ) нема куќи и нема луѓе кои живеат, депонијата не е оградена и секој може слободно да пристапи до неа. Само суви грмушки и по некој влекач може да се сретнат пред отпадот кој наликува на вар, а всушност е депонија со фосфогипс, спореден продукт кој се добива од преработка на фосфатна руда и производство на фосфорна киселина што се користи во вештачките ѓубрива.
Околу 3,7 милиони тони отпаден гипс од работењето на ХИВ Велес се расфрлани на овие ридови, а фабриката се наоѓа на еден километар од нив, на стариот пат за Градско.
Овој гипс кој ја контаминира локацијата со децении, содржи елементи од ретки метали, траги од арсен, кадмиум и цинк, но и радиоактивни елементи од фосфатната руда како што е радиумот, што пак создава загриженост кај еколошките активисти и граѓаните.
Бидејќи се наоѓа на рид, не е познато ниту во која мера се загадени подземните води и речните води во Вардар од оваа депонија, а ниту какви последици оставаат дождовните води кога се мешаат со фосфогипсот и истекуваат надолу кон реката.e
Закана од низок ризик?
Депонијата, иако зафаќа површина од 70.000 м2 и содржи разни радиоактивни метали, е категоризирана како локација со низок ризик по животната средина според документот објавен од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) „Специјална студија за загадени индустриски подрачја“ уште во далечната 2005 година.
Министерството тогаш проценило дека фосфогипсот кај ХИВ Велес е „без или со ограничена контаминација од мал обем“ и дека одлагањето ќе чини 700.000 евра.
Од МЖСПП за Локал Актив Вардар велат дека немаат направено понови истражувања за вредностите на фосфогипсот, а не одговорија на прашањето дали депонијата е опасност по здравјето на граѓаните и животната средина околу фабриката ХИВ Велес.
Пред повеќе од една и пол деценија имало иницијатива за извоз на отпадниот гипс во Словенија за негова преработка, но Словенците еднострано го раскинале договорот, по што извозот на отпадниот гипс бил запрен.
Од МЖСПП информираа дека досега кај нив нема пристигнато барање за дозвола на некоја компанија за транспортирање на фосфогипсот.
И инспекцискиот надзор на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС ) од 2022 година покажал дека депонијата меѓу автопатот Велес-Градско и стариот пат за Градско е една од 16-те жешки еколошки точки, но за неа е утврден низок ризик на влијание врз животната средина.
„Депонијата на некогашната фабрика за вештачки ѓубрива ХИВ Велес претставува контаминирно подрачје, т.н. „жешка точка” која се простира на површина од 70.000м2. Таа содржи фосфогипс во количина од 3.700.000 тони, кој е отпаден производ од индустријата за вештачки ѓубрива. Фосфогипсот е со карактеристична бела боја и истиот на локацијата е депониран во периодот од 1979-2003г., кога е престанато со работењето на фабриката и употребата на локацијата за депонирање на отпад “, се наведува дел од Записникот на инспекцискиот надзор кој го објави агенцијата МЕТА.
Во делот од депонијата каде што е извршен инспекцискиот надзор, констатирано е дека локацијата е необележана, без предупредувачка табла со знаци за постоење на контаминирано подрачје со индустриски отпад. Сепак, при инспекцијата е утврдено дека на пристапниот пат до рамниот дел на депонијата имало траги на измет од стока (овци или кози), што значи дека во близина на депонијата поминуваат сточари со стока.
Во Записникот од инспекцискиот надзор се наведува и дека на лице место биле видливи мали процепи на телото на депонијата, најверојатно од атмосферски влијанија, но нема подетални информации за правецот на движење на атмосферските води кои минуваат низ депонијата со отпаден гипс.
„Рамниот дел на депонијата има депониран фосфогипс кој е во прашкаста форма, покриен по површината со тенок слој на земјени наноси најверојатно од атмосферски влијанија (ветер и дожд). Материјалот од депонираниот фосфогипс на купови е во поцврста форма. Заради стабилните временски услови при инспекцијата, немаше видлива емисија на гипсна прашина која се шири во околината, но при ветер таа многу веројатно се содржи во амбиентниот воздух“, пишува МЕТА.
Од инспекцискиот надзор, ДИЖС констатирале дека депонираниот фосфогипс природно содржи радионуклиди во својот состав, но конкретно испитување не било направено на терен за да се утврдат количините и влијанието на радионуклидите врз животната средина.
Радиум и радон откриени во воздухот над депонијата во близина на Згрополци
Конкретни испитувања на теренот од страна на државните институции досега немало, а обид да се анализира и истражи фосфогипсот направиле научници од државните универзитети Гоце Делчев (Штип) и Кирил и Методиј (Скопје).
Трудот на научниците д-р Иван Боев, професор по геолошки науки и м-р Митко Јанчев (актуелен градоначалник на Кавадарци) насловен Влијанието на гипсот од депонијата Згрополци врз склуптурите на археолошкиот локалитет Стоби покажал дека ветрот ја шири прашината од депонијата. На 15 километри од Згрополци се наоѓа археолошкиот локалитет Стоби каде што е откриено постоење на гипс/анхидрит во ПМ-10 честички кои се потенцијално штетни ако се вдишат.
Според Боев и Јанчев, формите на гипс укажуваат дека сите овие честички не се формирани како аеросоли во интеракција со кисели дождови, туку дека има и честички донесени од депонијата со фосфогипс лоцирана непосредно во близина на селото Згрополци.
Околу 3,7 милиони тони отпаден гипс од работењето на ХИВ Велес се расфрлани на овие ридови, а фабриката се наоѓа на еден километар од нив, на стариот пат за Градско. Овој гипс кој ја контаминира локацијата со децении, содржи елементи од ретки метали, траги од арсен, кадмиум и цинк, но и радиоактивни елементи од фосфатната руда како што е радиумот, што пак создава загриженост кај еколошките активисти и граѓаните.
Авторите ја испитале и концентрацијата на радиоактивниот гас радон од депонијата со фосфогипс.
„Пет локации и пет примероци на материјали од јаловиштето со фосфогипсен отпад во близина на месноста Згрполци, во близина на градот Велес, беа проверени за нивната концентрација на радон во воздухот и стапката на есхалација на радон од фосфогипсот. Концентрациите на активност на 222Rn на 5 различни места на опробување на примероци во антропогено создаденото јаловиште на фосфогипс во близина на месноста Згрполци се движеа од 21,02 до 142,20 Bq kg-3. Стапките на есхалација на 222Rn од овие материјали (од истите 5 локации) беа во опсег од 592,27-897,99 mBq m-2h-1“, стои во нивната научна анализа Карактеристики на радонот во фосфогипсниот отпад лоциран во близина на локалитетот Згрополци, Велес.
Примероците земени од пет локации откриле дека концентрациите на радон во воздухот над депонијата во близина на Згрополци се најмалку за двојно повисоки од вообичаениот просек на концентрации на радон на отворен простор.
„Прикажаните концентрации на радон во воздухот над наоѓалиштето на фосфогипс во близина на Згрполци се најмалку две големини повисоки од вообичаениот просек од 10 Bq • m-3, определен како годишен просек за отворени концентрации на радон“, пишува во истражувањето на Боев и Јанчев.
Агенцијата за заштита на животната средина на САД, ЕПА, наведува дека радиумот како метал и радонот како гас се радиоактивни и можат да предизвикаат рак на белите дробови.
За радиоактивноста на депонијата со гипс пишуваше и професорот во пензија на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, д-р Трајче Стафилов, кој беше дел од истражувачкиот тим кој ги идентификуваше 15-те жешки еколошки точки во Македонија.
Радиоактивноста на тој отпад, посочува професорот, е некаде околу 700 бекерели по килограм, а според нашите регулативи, сѐ што е над 500 бекерели се смета за радиоактивен отпад, подлежен на строги мерки на заштита.
Радијацијата измерена од државните институции недоволна за аларм
За мерењата на депонијата со отпаден гипс е надлежна Дирекцијата за радијациона сигурност (ДРС). Од оваа институција за Локал Актив Вардар истакнаа дека последните мерења што ги направила Лабораторијата за радиоекологија при Институтот за јавно здравје покажале дека вредностите на радионуклеидите на депонијата во Згрополци се во границите на дозволените вредности.
„На барање на Дирекцијата, од страна на на Институтот за Јавно Здравје направена е гамаспектрометриска анализа на радиоактивност на земената мостра од материјалот кој се наоѓа на горе споменатата депонија.
Од последното мерење од страна на Лабораторијата за радиоекологија при Институтот за јавно здравје вредностите на радионуклеиди на депонијата во поранешната фабрика за вештачко ѓубриво Хемиска Индустрија Велес (ХИВ), констатирано е присуство на природен радионуклеид Ra226 како распаден продукт на U238 кои се наоѓаат во природата и присуството на К40 и Th 232 кои се исто така природни радионуклеиди и се наоѓаат во незначителни концентрации и сите се во границите на дозволените вредности, согласно Правилникот за максимално дозволени количини на радионуклиди во металите, градежните материјали, вештачките ѓубриња, пепел од термоелектраните и отпадниот материјал од рудници и топилници. (Службен весник на Република Македонија бр.98/10).
Согласно членот 4 од гореспоменатиот правилник максимална концентрација на К40 не треба да надминува 5000 Bg/kg, и 500 Bg/kg за останати радионуклеиди од природно потекло “, ни одговорија од Дирекцијата.
На прашањeто дали тие вредности, односно дали овој отпад за кој се пишува неколку години, е опасен по здравјето на луѓето и за животната средина, од ДРС истакнаа:
„Со оглед дека во гипсот е констатирано присуство на природен радионуклеид Ra226 како распаден продукт на U238 кои се наоѓаат во природата и присуството на К40 и Th 232 кои се исто така природни радионуклеиди и се наоѓаат во незначителни концентрации, нормално е измерената брзина на доза на десет сантима од површината на гипсот да биде малку над дозата од природниот фон.
Со оглед на тоа што во тој предел нема присуство на поединци од населението (живеалишта, станбени објекти и др.), истиот не претставува опасност по населението и животната средина од аспект на радијационата изложеност “, велат од ДРС за Локал Актив Вардар.
За другите параметри, како што е хемискиот состав на гипсот, надлежни се други институции во државата, информираат оттаму.
Градежен институт ќе испитува можности за реупотреба
Градежниот Институт Македонија (ГИМ) ќе го испитува фосфогипсот крај ХИВ Велес во рамки на проектот FIC-FIGHTERS, поддржан од ЕУ, во насока на можност за реупотреба на гипсот или за добивање на нови производи од него.
„Во рамките на проектот FIC-FIGHTERS се вршат многу комплексни истражувања од страна на реномирани европски научно-истражувачки институции и образовни институции. Во истражувањата свој дел има и Градежен Институт Македонија кој е рамноправен партнер со останатите 26 партнери.
Главно се вршат испитувања на хемискиот состав, минеролошките и радиолошките карактеристики во насока на карактеризација на отпадот. Друг тип на истражувања и испитувања се во насока на можност за реупотреба на отпадот и добивање на нови производи. Се развиваат два концепти – т.н натриум хидроксидна рута и амониумска рута. Исто така се предвидени и комплексни хемиски, минеролошки, радиолошки испитувања на новите производи кои би биле употребливи за идни корисници.
Самиот проект е комплексен и ги опфаќа сите аспекти за ваков тип на проекти, вклучувајќи техничко – технолошки, еколошки, социјални, економски, управувачки и други. Испитувањата се вршат до технолошко ниво ТРЛ 6“, велат од ГИМ за Локал Актив Вардар.
Трудот на научниците д-р Иван Боев, професор по геолошки науки, и м-р Митко Јанчев (актуелен градоначалник на Кавадарци) насловен „Влијанието на гипсот од депонијата Згрополци врз склуптурите на археолошкиот локалитет Стоби“ покажал дека ветрот ја шири прашината од депонијата. На 15 километри од Згрополци се наоѓа археолошкиот локалитет Стоби каде што е откриено постоење на гипс/анхидрит во ПМ-10 честички кои се потенцијално штетни ако се вдишат.
Оттаму тврдат дека во моментов анализите се насочени кон можност за реупотреба на овој отпад според концептот на Циркуларна економија.
„Моментално анализите се насочени кон истражување и анализа на можност за реупотреба на овој отпад според концептот на Циркуларна економија. Важно е да се напомене дека во рамките на проектот се користат искуства од слични вакви отпади во Европа, бидејќи истите се чести во европските земји, вклучувајќи ги и Србија, Хрватска, а особени позитивни искуства има во Шпанија“, истакнаа од ГИМ.
Од Министерството за животна средина ни потврдија дека тие како институција го поддржуваат проектот на „FIC-FIGHTERS“ во кој е вклучен Градежниот институт преку писмо за поддршка. Депонијата со фосфогипс во Згрополци е една од шесте европски локации каде што проектот ќе се имплементира.
Цементарница близу фосфогипсот
И додека Градежен институт ќе истражува дали гипсот ќе се преработува или транспортира со помош на ЕУ, една од последните одлуки на Општина Градско може да ги вознемири жителите на Градско и околните села Кочилари, Ногаевци, Уланци и Караслари.
Помеѓу депонијата со фосфогипс и речиси распаднатата фабрика за вештачки ѓубрива ХИВ Велес ќе се гради цементарница откако општината ѝ продаде земјиште на компанијата Орион ворлд интернешнл за нешто повеќе од 250.000 евра. Земјиштето се протега на површина од 83.774 метри квадратни.
Наводно, се работи за истата компанија која сакала да гради цементарница во Велес, но нејзината идеја ја отфрлиле двајца градоначалници поради можно загадување на животната средина.
„Управата за животна средина при МЖСПП досега нема податоци/информации за изградба на цементарница во Општина Градско“, велат од МЖСПП за Локал Актив Вардар на прашањето дали се запознати со оваа постапка во Општина Градско.
На прашањето колку ваков тип на фабрика ќе влијае врз загадувањето на земјоделските површини таму и на водата која се користи за наводнување, од МЖСПП истакнаа дека тоа ќе се докаже со изработка на студија за Оцена на влијанието врз животната средина.
„Компанијата / инвеститорот досега нема доставено известување за намера, ниту има почнато било каква процедура во Министерството за животна средина и просторно планирање“, рекоа од МЖСПП.
Останува енигма како ќе се реши проблемот со депонијата со фосфогипс крај Згрополци. Во 2005 година, кога биле дефинирани жешките точки преку „Специјалната студија за загадени индустриски подрачја“, пресметките за ремедијација на сите 16 подрачја во земјава изнесувале приближно 77 милиони евра. Иако во документот на Министерството за животна средина е проценето дека чистењето на оваа локација ќе чини вкупно 700.000 евра, тешко е да се процени дали и по 20 години од објавувањето на жешките еколошки точки може да се исчисти депонијата за оваа сума.
* Олгица Наумоска е активистка од Еколошко друштво Вила Зора.
** Орце Костов е новинар