Во Кавадарци денеска беа презентирани три потенцијални врвни локалитети во кои во иднина може да се прават така наречени гео-паркови.
Гео-парк е со закон заштитена област на која има меѓународно важна геологија во која се развиваат услови за одржлив развој и во кои може да се спроведуваат идни истражувања или да јакне еколошкиот туризам.
Бидејќи Образовната, научната и културната организација на Обединетите Нации (УНЕСКО), е таа која што ги дефинира стандардите и ги класифицира географските региони како гео-паркови, овој термин денес е нераскинливо поврзан со УНЕСКО.
Анализата за проценка на потенцијални гео-паркови во Македонија, ја презентираа проф. д-р Соња Лепиткова, координатор на проектот и проф. д-р Ѓорѓи Димов, член на експертскиот тим и декан на факултетот за природни и технички науки при УГД Штип. Целта е, како што беше кажано, финализирање на проектот и негово понатамошно развивање, за државата да го добие првиот УНЕСКО гео-парк. На настанот беше посочено дека според карактеристиките на областа, Кожуф има уникатни седиментни карпи, фосили и вулкански формации, како и кањонски пејзажи.
Кожуф има значителен вулкански релјеф. Потенцијалот е во светски познатиот Алшар рудник. Тука за првпат е откриен талиумовиот минерал лорандит. Минералните богатства на Алшар го прават центар за интердисциплинарни истражувања во геологијата, хемијата и физиката и развој на туризам. Кратовско-Злетовски вулкански регион, е подрачје познато по своите вулкански карпи, рударска историја и природни формации како на пример Куклица. Вулканските формации и геолошките феномени, го прават ова место исклучително привлечно, но таму има и голем број на културни објекти. Поречкиот регион и Матка, регионот е познат по карпестите формации, кањоните и разноликите геоморфолошки структури, кои сведочат за долга геолошка историја.
Пештери, најпознати се пештерите Пешна и Убава, кои се интересни за геолошки истражувања и туристички посети. Потенцијалот е во комбинацијата од геолошки богатства, биодиверзитет и културно наследство, што го прават регионот атрактивен за гео-туризам и едукација.
О.К.