Во Дисан бараат асфалтирана улица, да не газат кал во 21 век

Жители на неготинското село Долни Дисан бараат да се уреди патот до таканареченото Доморовско маало. Дел од нив рекоа дека им е тешко на возрасните но и на децата да се движат по кал во 21 век, а проблематичен бил и пристапот за итна медицинска помош.Тие нагласија дека е ова долгогодишен проблем и очекуваат негово решавање.

 – Принудени сме во калта да се движиме со стари обувки, а новите да ги носиме во раце. Сестра ми живее сретсело па таму ги облекуваме новите, а старите обувки стојат кај неа и така постојано. За назад истата песна. Ова не се издржува повеќе, се пожали Барда Нојкова.  

Нејзината сестра Дрите Најдова исто така реагираше дека многу е страшно кога се оди во тој дел на селото и многу се лизга, а со една грешка може да се заврши во река. 

– Жално за луѓето што живеат овде, нагласи таа.

Во Локална самоуправа Неготино исто така од поодамна знаат за проблемот и за барањето на мештаните. 

– Во текот на наредната недела, ќе се отпочне со активности за комплетно улично осветлување, а во средина на годината ќе започнат градежни активности, за бетонирање на улицата, најавија на четврти април минатата година. 

Фотографија: Дрите Најдова

Сега од локалната самоуправа Неготино, информираат за Локал Актив, дека претставници на ова маало биле во локалната самоуправа и имале средба со стручните служби и им било објаснето дека основниот проект е изработен. Им биле покажани проект и слики, како сето тоа ќе изгледа. 

– Улицата е во должина од 370 метри. Обезбедени се финансиски средства во висина од над три милиони денари со ддв, за комплетно уредување на улицата. Јавната набавка, бидејќи не може да се изврши во време на избори, ќе се изврши по завршувањето на изборите. Активностите за изградба на улицата, се предвидени со програмата за оваа година, тоа значи дека оваа година, ќе се направи таа улица, рекоа од Локална самоуправа Неготино. 

Бидејќи досега поминале многу изборни циклуси и за претседателски и за парламентарни и за локални избори, жители што живеат во тој дел на Долни Дисан, се надеваат дека ова нема да биде само предизборно ветување и дека конечно и нивниот проблем ќе биде надминат и тие најпосле ќе добијат асфалтирана улица. 

– С. Д. 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE