Локал Актив Вардар анализира каде спортуваат велешани, било да се работи за рекреирање или за организирано клупско спортување, каква инфраструктура има градот, што е направено и што е ветено, а не e исполнето од страна на локалната власт и државните институции.
Автори: Драган Димов* и Орце Костов**
Велес минатата пролет се здоби со нова велосипедска патека од 130 метри, која е најкратката вело патека во Македонија, а се наоѓа во центарот на градот и е дел од навидум паметно решение со пешачка патека и шеталиште. Велешани не можат да ја користат во моментов, затоа што на неа има тараби со кои се оградил просторот во кој ќе никне катна гаража наместо плоштад.
Но, можат да ги користат субвенциите од Општина Велес за купување велосипеди. Со нив ќе возат како и досега, по необезбедениот магистрален пат кон Градско за да стигнат до рекреативниот асфалтен пат по долниот тек на реката Бабуна или пак по стеснетиот регионален пат Велес-Катланово, кој минува покрај езерото Младост. На овој пат, по неговата рекoнструкција не може да се разминат нормално ниту две две возила.
За оние граѓани на Велес кои не возат велосипед, за рекреација им остануваат тесната патека од бекатон за трчање низ големиот парк која минува до смрдливите испусти од канализацијата, како и атлетската патека на Градски стадион која е пред распаѓање.
Оние граѓани кои сакаат да пливаат, тоа може да го сторат само текот на јули и август кога работи отворениот градски базен затоа што езерото Младост и реките Бабуна и Тополка се загадени и забранети за капење. Во Велес нема затворен базен кој се најавува во последните три градоначалнички мандати, а отворениот базен секое лето се мачи да најде закупци и се отвора на половина летна сезона.
Отоманското наследство како пречка за развој на велосипедски патеки
Секоја година општинската власт распишува јавен повик за субвенционирање на купување на велосипеди во висина до 50% од вредноста на производот, но не повеќе од 4.500 денари, како што беше случај годинава. Но, ретко кој од тие граѓани вози велосипед низ урбаното градско подрачје или пак оди на работа со него. Најголемиот дел од велешани возат надвор од градот, на магистрални и регионални патишта. Патеки за велосипед нема ниту во големиот парк, односно таму велосипед треба да се вози по помошниот пат наменет за достава и транспорт до спортската сала и градскиот стадион.
Здружението Велес Бајкинг кое веќе 12 години го предводи велосипедскиот активизам во Велес поднесе иницијатива до Општина Велес со цел велешани да добијат велосипедска патека каде ќе возат надвор од сообраќај.
„Првичната идеја за велосипедска патека која ќе го поврзе најголемиот рид во Велес, Св.Илија, беше да се направи велосипедска патека од ‘другата страна’ на Вардар и од таму да се поврзе до самиот врв. Повикавме консултанти и експерти од Словенија, каде заедно со наши македонски пријатели направивме испитување на терен и истите идеи ги доставивме до Општина Велес на работен состанок. Она што имаме како информација е дека постои готова техничка документација за велосипедска патека од месноста Потокот до манастирот Св.Илија, во должина од некаде 6-7км од другата страна на ридот, каде претежно се приватни бавчи, ниви и каде има голем проток на движење на трактори, автомобили и други превозни средства“, велат од здружението.
Општината организираше јавен увид за Урбанистичкиот проект вон опфат на урбанистичкиот план со намена Е1.1 – сообраќајни патни инфраструктури, за изградба на велосипедско – пешачка патека од месноста Потокот до манастир Св.Илија, кој траеше од 24 јуни до 8 јули, но сѐ уште не е издадено одобрение за изградба на истата велосипедска патека долга 7,25 километри.
Центарот на Велес доби нов лик во мај годинава и за првпат во центарот на градот се обезбедија пешачка зона и велосипедска патека од 130 метри, но за тоа мораше да претрпи сообраќајот во најтесното грло на градот и таа улица наместо две еднонасочни ленти и дополнителна зона за паркинг да има само една коловозна лента. Оваа патека е единствена официјална патека во Велес.
Од Општина Велес наведоа дека таа е првата локална самоуправа во Македонија што спроведува одржлива урбана мобилност според стандардите на ЕУ. Овој проект е базиран на Општинскиот план за мобилна одржливост и на Стратегијата за развој на паметен град. Вкупниот буџет за проектот е 751.470 евра.
Стратегијата за развој ги детектираше проблемите во градот како сообраќајниот хаос, недоволно пешачки зони, недостиг од велосипедски патеки и голема фрекфенција моторни возила.
„Во однос на градски решенија за велосипедски патеки, ние како велосипедско здружение имаме неколку. Но, најпрво потребно е општинската администрација да направи една опширна дебата за оваа тема, да се земат во предвид сите релеванти
фактори – позитивни и негативни, да се заземе заеднички став на сите учесници во сообраќајот дека велосипедска патека е потребна за Велес, и потоа сѐ ќе биде полесно.
Најпрво треба ние како велешани да знаеме дека нема развој на градот ако го зголемуваме бројот на автомобили, посебно во центарот на градот, а за сметка на тоа да се намалува површината за велосипеди и за пешаци. Велес треба да се развива по примерот на сите, ама баш сите градови во Европа и светот кои направиле драстичен рез и намалување на површината на патишта за автомобили за сметка на зголемување на површината за пешачење и патеки за велосипедизам. Никакви објаснувања дека наводно Велес бил стар турски град и дека не е возможно да се има пешачка или велосипедска патека не се оправдани“, посочија од здружението
Проектот во центарот на градот е продолжение на проектот „Паметно езеро Младост“, кој е исто така проект финансиран од ЕУ, во висина од еден милион евра. Во рамки на проектот беа предвидени 17 километри велосипедска патека.
„Љубителите на велосипедизмот можат да уживаат во атрактивните пејзажи со хоризонтална и вертикална маркација на подобрената велосипедска патека во должина од 17,5 километри и во новата тампонирана велосипедска патека со должина од 7,5 километри“, се пофали Општина Велес пред три години, иако се работи само за маркација на постоечка патека која не исполнува велосипедски стандарди.
Од ЗГ Велес Бајкинг сметаат дека велосипедските патеки на релација од Велес кон езеро Младост треба да бидат надвор од регионалниот пат и очекуваат идејно решение од општината кое би го поддржале.
Атлетска патека со комибинација на тартан и песок од отворен канал
Атлетската патека на Градскиот стадион била изградена пред 43 години, од страна на Југословенската народна армија и била најсовремена патека за атлетика неколку децении.
Повеќе од десет години тартан подлогата е целосно руинирана, па велешките врвни атлетичари и бројни рекреативци како алтернативна патека ја користат бекатон патеката во Градскиот парк.
Oсвен атлетичарите на АК Велес и АК Изгрев, aтлетската патека ја користеа и рекреативците, посебно во попладневните часови во летниот период, затоа што е покриена во голема сенка.
Но, освен оштетениот тартан, на патеката има и песок кој стигнува преку отворен канал за вода кој минува покрај салата за гимнастика Партизан и кој при невреме го потрупува стартниот дел на патеката во должина од 20 до 30 метри.
Првите ветувања дека ќе се реновира атлетската патека се случија пред четири години за време на реновирањето на фудбалскиот стадион, со поддршка на тогашната Агенција за млади и спорт (АМС). Тогашниот директор на АМС, Наумче Мојсоски, во 2023 година рече дека во текот на истата година ќе биде распишан тендер да се изградат атлетските патеки, но тоа не се оствари.
Новоформираното министерство кое произлезе од АМС за Локал Актив Вардар откри дека за следната година е предвидена реконструкција пна патеката.
„Министерството за спорт ја има предвидено реконструкцијата на атлетската патека на стадионот во Велес во буџетскиот циркулар за 2026 година. Доколку од страна на Министерството за финансии се одобрат бараните средства, атлетската патека во Велес ќе се реконструира во текот на 2026 година“, изјавија од кабинетот на министерот Борко Ристески.
Тренинзи и натпревари за професионален спорт се одржуваат во ‘природни услови’
Седум објекти, петмина вработени. Никој не сака да работи оти има многу работа, а и да се нафати, нема обезбедени финансии за да биде платен. Ова е описот на спортскиот комплекс во Велес кој беше симбол на градот до пред петнаесетина години, кога во сите негови објекти се гледаше врвен спорт.
„Состојбата во ЈП Парк Спорт и Паркинзи Велес е далеку од задоволителна, но со оглед на финансиската и персоналната состојба, јавното претпријатие успева да ги одржува сите спортски терени со кои располага и тие да бидат во функција на спортистите и граѓаните – рекреативци во Велес и со тоа да ги задоволува потребите на граѓаните на Велес за спорт и рекреација“, вели Зоран Јаневски, директор на ЈП Парк Спорт и Паркинзи Велес.
Во рамки на Спортската сала Гемиџии за оваа сезона пријавени се три клуба за тренинзи и натпревари – одбојкарскиот машки клуб ГОК Борец кој настапува во државната Прва лига, клубот за мал фудбал Кеги Моби кој се натпреварува во Футсал лигата и Борец Баскет кој моментално се натпреварува во Втората кошаркарска лига.
Во салата тренираат и боксерски клуб, боречки клуб, пинг-понг клубови и во рамки на фитнес салата Студио 26 секојдневно тренираат два фитнес клуба и еден карате клуб.
Електричните велосипеди скапуваат
Во пи-ар текстот на Општина Велес за „Смарт езеро Младост“ беше најавено дека може да се изнајмат електрични велосипеди со паметно заклучување. Овие велосипеди му беа предадени на Јавното претпријатие Парк спорт и Паркинзи Велес кое треба да стопанисува со нив.
„ЈП Парк Спорт и Паркинзи Велес ги доби електричните велосипеди во 2021 година од Општина Велес од завршен проект ‘Смарт Езеро’ кој заврши во 2021 година. Најпрво треба да напоменеме дека ЈП Парк Спорт и Паркинзи ниту било прашано, ниту биле одредени услови под кои ќе бидат примени овие 20 велосипеди, така да останува нејасно под кои услови потпишале тогашниот градоначалник на Општина Велес и тогашниот директор на ЈП Парк Спорт и Паркинзи Велес“, вели за Локал Актив Вардар директорот на јавното претпријатие, Зоран Јаневски. Според него, нејасно е како се примени овие велосипеди, без дополнителни финансиски средства, без дополнителни човечки ресурси, без план што со нив во иднина, без никаков буџет, а само со договор за давање на користење.
„Дополнително на тоа, овие велосипеди и на почетокот се крајно нефункционални, несоодветни на куповната вредност, со сомнително потекло – не се брендирана марка на велосипед со кој ќе се добиело соодветна гаранција на производот, па со тоа треба некој да го постави и прашањето како се купиле, кој ги набавил, дали јавната набавка е реална и дали има сомнеж за некакви ‘нерегуларности’ уште на стартот со нивното купување“, додаде Јаневски.
Со неговото стапување на функцијата на 13 април 2023 година Јаневски доставил План и Програма за работа за изнајмувањето на овие велосипеди за 2023 година. Планот бил едногласно усвоен и одобрен со што јавното претпријатие требало да добие 1.000.000 денари како почетна основа за да може да се изнајмуваат, и со тоа претпријатието да остварува финансиска добивка која ќе се искористи за нови вложувања за велосипедите.
„Неколку пати по овој наш план повторно го актуелизиравме ова прашање, но одговор не добивме, ниту соодветни финансиски средства, за кои, повторувам, има согласност од Советот на Општина Велес. Во овој момент ЈП Парк Спорт и Паркинзи се наоѓа во состојба да нема средства ниту за одржување на велосипедите, затоа што тие се во релативно потрошена состојба, не се употребувани, што значи нивниот работен век е на минимум, батериите се стари и најверојатно повеќе не се произведуваат, што значи дека судбината на овие велосипеди е крајно неизвесна, за жал“, посочи директорот.
Покрај овие активности, ЈП Парк Спорт и Паркинзи во своите простории на салата издава и деловни и магацински простории, со што на месечно ниво добива одредени финансиски средства за нормално работење и функционирање на ЈП.
Во склоп на ЈП Парк Спорт и Паркинзи е и салата за гимнастика Партизан во која е сместена и мини теретана која ја користат дел од граѓаните на Велес. Покрај овие објекти, во одлична сосотојба се и двата тениски терени на кој тренира ТК Борец, а секојдневно услуги користат и голем број на рекреативци, љубители на тенисот.
„Градскиот стадион Зоран Паунов во овој момент е на критично ниво, теренот е со вештачка трева која е поставена пред 12 години и итно е потребно таа да се смени. Тартан патеката, којашто е поставена со изградбата на стадионот во 80-те години, е потполно уништена и е потребно нејзино целосно обновување. Стадионот е разрушен на неколку места и потребно е ново затворање и нормално раководење, за што се потребно поголеми финансиски средства, кои јавното претпријатие ги нема во овој момент“, велат од менаџментот на јавното претпријатие.
Со просториите на стадионот во овој момент управува ФК Борец согласно договорот кој го имаат потпишано Општина Велес, тогашното раководство на ФК Борец и тогашно ЈПССО Парк Спорт Велес. Овој договор на ФК Борец му дава ексклузивно право бесплатно да ги користи просториите и теренот, со што на ЈП Парк Спорт и Паркинзи му се оневозможува нормално управување, односно иако јавното претпријатие управува со стадионот и теренот, практично до овој момент нема овластување за нормално користење на теренот.
„Во овој момент претпријатието има 5 вработени на неопределено време и 1 вработен хигиеничар со привремено вработување преку агенција за вработување. Со оглед на тоа што ЈП управува со Спортска сала Гемиџии со вкупна квадратура од преку 8.000 метри квадратни, со капацитет од преку 3.000 гледачи, тениски терени, сала за гимнастика, фитнес сала, сала за бокс и борење, две сали за пинг понг и секако, градскиот стадион, ова е премалку за нормално одржување на сите овие терени. Сметам дека сме единствено јавно претпријатие во Македонија кое во овој момент има потреба од работници, но, за жал, за нивно вработување потребни се сигурни финансиски средства, кои во овој момент не можеме да ги обезбедиме, така што сме доведени во пат-позиција“, рече за Локал Актив Вардар директорот на претпријатието, Зоран Јаневски.
Општина Велес го помага јавното претпријатие со 1 милион денари годишно, но тие не можат да ги покријат ниту основните потреби во однос на сметките за струја и комуналните услуги.
„Во изминатите 10-15 години состојбата на ЈП Парк Спорт и Паркинзи Велес континуирано се уништува, без ниту еден вложен денар наменски и домаќински, без никаква систематизација за вработени, без никаков план за одржување или некаков развој. Сѐ било оставено на забот на времето, напуштено. Како пример ќе ви илустрирам дека рефлекторите во салата Гемиџии се од пред 40 години, како и самиот семафор, кој често е надвор од употреба и скоро и да нема соодветна институција којашто може да го сервисира.
Сепак, во изминативе три години успеавме да издадеме преку 2.000 метри квадратни деловен и магацински простор и со тоа да ја подигнеме финансиската состојба за околу 200.000 денари на месечно ниво или околу 2.000.000 денари на годишно ниво, но и понатаму тоа е премалку за нормално функционирање на јавното претпријатие“, додаде Јаневски.
Општина Велес на вториот владин повик за средствата од унгарскиот кредит поднесе 16 апликации. Средства се обезбедени за реконструкција на спортската сала Гемиџии. Се очекува по завршување на локалните избори да се распише јавен оглас за избор на изведувач на работните активности за реконструкција на СЦ Гемиџии.
„По наша проценка, за нормално функционирање на ЈП Парк Спорт и Паркинзи Велес со сите нејзини спортски објекти, како и за плати за вработени, тековни одржувања, сервисирање и планирани средства за развој, потребни се најмалку 3-5 вработени и околу 1.000.000 денари месечно, односно 12.000.000 денари годишно, финансии со кои ќе може нормално да се размислува за функционалност на салата. Треба тука да се додаде дека во овој момент салата Гемиџии и сите други објекти, а особено салата за гимнастика Партизан, немаат никакво греење и сите тренинзи и натпревари се одржуваат во ‘природни услови’, со што многу ги отежнуваат тренинзите на клубовите. Во насока на конечно решение за затоплување на салата, имаме идеја за поставување на топлински пумпи, но засега тоа е само како идеја“, вели Јаневски.
Сѐ уште нема затворен базен, а секој од досегашните градоначалници го вети
На почетокот на летото што изминува, Градскиот пливачки базен во Велес доби нов закупец кој ќе управува со него во следните пет години, за што ќе плаќа по 81.634 денари месечно во јули, август и септември, како и по 3.000 денари за останатите 9 месеци.
Скопската фирма Луксор оптик која своевремено управувала и со Олимпискиот базен во Скопје, како нов закупец констатирала дека машинската опрема под базенот е во катастрофална состојба и во најголем дел искршена и неупотреблива. Од долниот дел на базенот протекувала вода, за што се пожалиле и граѓаните од околните куќи, што доволно говори за негрижата на секој од претходните закупци кои за мал профит направиле голема штета на инфраструктурата и многу неплатени сметки. Поради ова, годинава новиот закупец го отвори базенот на 26 јули и пливачката сезона за велешани почна многу доцна.
Дворот на овој базен е всушност предвидената локација за изградба на затворениот базен за одржување настава по пливање и рекреативно пливање, којшто го најавија неколку градоначалници, но никој не најде ниту финансии, ниту пак издаде дозвола за градба.
Во 2020 година, Ненад Коциќ, пратеник од Велес, објави на социјалните мрежи дека Агенцијата за млади и спорт обезбедила финансиски средства за изградба на затворен базен во Велес и дека тогашниот директор Наумче Мојсовски доставил барање до општината за локација.
„Велес беше во првите десетина градови во кои АМС планираше изградба на училишен пливачки базен. За жал локацијата што ја предложивме во ООУ Васил Главинов не доби поддршка од Министерството за образование и наука. Затоа започнавме постапка за носење ДУП за нова локација, веднаш до постојниот отворен пливачки базен. Тој ДУП сѐ уште не е донесен “, изјави за Локал Актив Вардар поранешниот градоначалник Аце Коцевски, во чиј мандат почна иницијативата за затворен базен.
Средствата не биле обезбедени, но локацијата била одредена од општината по барањето на АМС. Сепак Општина Велес не може да издаде одобрение затоа што нема добиено согласност за Деталниот урбанистички план, кој е во постапка, а новото Министерство за спорт нема обезбедено средства за базенот во Велес.
„Министерството за спорт нема обезбедно средства за изградба на нови базени кои се дел од Проектот ‘14 пливачки базени’ на поранешната Агенција за млади и спорт. Затворениот базен во Велес е дел од овој проект, но неговата изградба не е отпочната.
Оваа година, Министерството за спорт ја откочи и ја довршува изградбата на пет базени од затворен тип кои беа почнати да се градат од Агенцијата за млади и спорт пред пет години и беа оставени недовршени. Во употреба е пуштен базенот во Општина Кисела Вода, а во завршна фаза се базените во општините Ѓорче Петров, Штип, Битола и во Кичево“, одговорија од Министерството за спорт.
Според проектот „14 пливачки базени“ се работи за покриен базен со 25 метри должина и ширина од минимум 8,80 метри. Минималната длабочина на базенот е 0,8 м, а максималната 1,4 м. При проектирањето се применети препораките, стандардите и нормативите на светската пливачка федерација ФИНА.
* Драган Димов е активист во здружението Велес Бајкинг
** Орце Костов е новинар