Храна и засолниште за илјадници бездомни мачиња во Кавадарци

Кавадарчани наскоро ќе можат да споделат една симпатична приказна од својот град доколку се реализира благородната идеја на еден иноватор. Откако иноваторот, професор доктор Димитрија Ангелков изработи храномат за улични мачиња во Кавадарци, околу четири илјади бездомни мачиња во Кавадарци би можеле да добијат редовен пристап до храна. 

Професорот Ангелков, доктор на електротехнички науки и иноватор со бројни награди и признанија, појаснува дека во оваа машина можат да се засолнат четири мачиња. Потребно е само да се стават пари во храноматот и потоа автоматски се пушта храна за животните, а има и 300 песни што се пуштаат наизменично.

– Направена е да работи за надвор, водоотпорна е, изработена е од алуминиум и ги задоволува сите стандарди за безбедност на животните. Може да се стави соларен панел и машината да работи и на сонце. Може да се брендира и да служи како рекламно пано, вели професорот, кој е вработен како професор по стручни предмети во средно електромашинско училиште.

Тој додава дека ќе ја постави машината пред работилницата во Кавадарци.

„Проектот е самоодржлив, од собраните пари се купува храна и се полни машината“, споделува тој.

За Емилија Василева Иваноска, претседателка на Шепи 2021, здружение за заштита на животните, кое што континуирано се грижи за бездомните животни, една ваква машина е важна, за бездомните мачиња да не бидат гладни и да не се изложени на неповолни временски услови.

-„Има премногу мачиња без сопственици во Кавадарци. Точна и прецизна евиденција нема, но нашите согледувања говорат дека се сигурно околу четири илјади“, проценува таа.

Според неа, добро е да има вакви машини не само за бездомни мачиња, така и за улични кучиња. Кога животните без сопственици би имале достапни вакви машини, би се хранеле и засолнувале таму, не би оделе по контејнери по храна и со тоа позитивно би се влијаело врз животната средина и врз целокупниот живот воопшто, подвлекува таа.

Професорот Ангелков тврди дека главната мотивација за вакво нешто му била желбата да придонесе за екологијата и секако, да ги заштити мачињата од глад.

Една ваква машина чини околу триста евра. Професорот вели дека само со десет вакви машини би се решил голем проблем, инвестицијата би се вратила брзо, а би било можно и самовработување.

Р.Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE