Прокиснува кровот на кавадаречкиот Центар за јавно здравје

На последната седница на Советот на Општина Кавадарци минатата недела, советникот Јован Златевски постави советничко прашање до градоначалникот Митко Јанчев околу проблемот со кровната конструкција на Јавна здравствена установа, Центар за јавно здравје Велес, подрачна единица Кавадарци. До советникот Златевски стигнале информации од вработени во Центарот, како и од загрижени граѓани, дека кровот на овој објект во Кавадарци прокиснува.

Екипа на Локал Актив Вардар го посети објектот на оваа здравствена установа и се увери дека состојбата е загрижувачка. Вработени во овој објект кој е значаен за регионот, појаснуваат за Локал Актив Вардар дека се работи за многу стар објект што во последните 30 години не бил реновиран ниту пак саниран, покривот бил од салонит и оштетен од старост, и прокиснувал кога врне.

„Сите знаеме дека кровната конструкција е во многу лоша состојба и кога има поголеми дождови, нема услови за да се работи таму. А таа установа ни е многу потребна нам како општина, од многу аспекти, има многу големо значење. Соседни општини немаат таква установа, па нивните граѓани доаѓааат тука,“ алармираше Златевски.  

30 години не бил реновиран ниту пак саниран, покривот бил од салонит и оштетен од старост, и прокиснувал кога врне

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, подвлече дека општината нема ниту сопственост, ниту надлежност врз објектот, но дека тој стои на располагање за разговор околу тоа, што може општината да помогне во надминување на проблемот.

„Го доведоа во ситуација да им падне кровот врз главата. И нека им падне. До таму го доведоа. Тие земаат микробиолошки брисови, санитарни книшки вадат за луѓе, а тече вода од кровот. Мислам дека Центарот за јавно здравје треба посериозно да си ја фати таа работа. Ги поканувам директорката или директорот на Центар за јавно здравје Велес да поразговараме во Општина Кавадарци. Да разговараме, за тоа што може Општина Кавадарци да помогне, за да се направи тоа што може, за Центарот за јавно здравје да функционира нормално“, истакна градоначалникот.

Тој откри дека еднаш бил исконтактиран преку трето лице, за средба.

„Не остваривме средба, не знам од која причина, можеби и јас сум бил презафатен. Јавно повикувам деновиве да се обратат и да видиме што можеме ние како општина да помогнеме, за тоа да функционира. Тие луѓе таму образовани да имаат соодветни услови за работа“, одговори тој на советничкото прашање.

За овој проблем Локал Актив Вардар се обрати до Центар за јавно здравје Велес, но засега нема одговор дали знаат за проблемот и како планираат да го решат.

Р.Л

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE