Околу пет илјади потписи се собрани во рамките на граѓанската иницијатива, против изградба на регионален центар за третман на отпадна гума во општина Кавадарци. На петицијата се потпишуваат граѓани без оглед на политичката припадност. Потписниците на петицијата велат дека одлучиле да го стават својот потпис бидејќи станува збор за така наречена Г-1 индустрија.
„Имаме негативно искуство со постоечката тешка загадувачка индустрија и загадувањето во градот. Стравуваме поради големиот број лица со канцер. Никој нема ништо против на секакви други инвестиции – со добредојде ја дочекавме инвестицијата во трговски центар. Но, уште една Г-1 индустрија не сакаме. Надлежните треба да го почитуваат гласот на народот“, велат незадоволни кавадарчани за Локал Актив Вардар.
Орданче Бошковски уредник на интернет платформата ,,Реално Кавадарци” – кое е дел од граѓанската иницијатива за собирање потписи против намерата за најавената инвестиција – ги повика сите што се загрижени за сопственото здравје и за земјоделството и туризмот во овој крај, да се потпишат на градскиот плоштад во Кавадарци и на онлајн петицијата.
Но, според студијата нарачана од инвеститорот „Ековатив Оил“ од Скопје и поднесена до Министерството за животна средина, со проектот ќе биде решен еден голем проблем со отпадната гума во државата. Студијата заклучува дека станува збор за капацитет што нема оџак, нема отпадни води, дека станува збор за затворен систем и зелена технологија. Според инвеститорот, Кавадарци бил избран бидејќи е во Централна Македонија и со идеална местоположба.
По барање на двајца советници од Совет на Општина Кавадарци, на следната седница што треба да се одржи на 22 август, на дневен ред ќе биде предложено да се се разговара за намерата за изведување на проектот и да се утврди потребата од оцена на влијанието врз животната средина за проектот „Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми во општина Кавадарци”.
O.K.