Учесниците на дискусија за развој на лозарството и овоштарството, која вчера се одржа во Кавадарци, заклучија дека во моментов е исклучително важно да биде воведен одржлив начин – наместо да се гори – отпадот од лозјата и овоштарниците во општината да биде искористен, како што беше речено „на паметен начин“.
На дискусијата, на која присуствуваа повеќе лозари, винари, вработени во локална самоуправа Кавадарци, локалното комунално претпријатие и претставници на бизнис секторот, експерти за областа, предложија повеќе бизнис модели за искористување на отпадот како репорматеријал. Ова рекоа, би го намалило загадувањето и би обезбедило дополнителни извори на енергија.
Александра Караевска Димовска, советник за управување со отпад при канцеларијата на ГИЗ, рече дека овој отпад може да биде ресурс за греење, да се добие био ѓубриво, сточна храна, брикети, пелети, брашно, масло и други производи. Да се искористи и во прехранбена, фармацевтска и козметичка индустрија.
Горењето на отпадоците од овоштарниците и лозјата, во моментов претставуваат сериозен проблем. Затоа предлог на експертите во комбинација со воведувањето методи на преработка на отпадот да има одлучни мерки од државата. Билјана Матевска, координатор во Центарот за истражување и креирање политики вели дека мора да се обезбеди почитување на законот секаде.
„Праксата на горење на гранките на отворено, е нешто што е забрането со закон и не влегува во добрите практики што се наложени во законот за управување со отпад. Тоа е нешто што мора да се искорени, во што е можно побрз временски период, ако сакаме да се доближиме до ЕУ“, изјави Матевска.
Оваа иницијатива е дел од проект што се спроведува како дел од програмата за соработка со бизнис секторот develoPPP.de, а се реализира со финансиска поддршка на германското Сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), преку Германско друштво за меѓународна соработка.
С.Д.