Денеска во Oпштина Кавадарци беше предадена петиција со 5000 потписи од засегнати граѓани кои се против отворање на регионален центар за рециклирање на отпадна гума во оваа општина во Вардарскиот регион.
Претставниците на граѓанската иницијатива против отворање на регионален центар за рециклирање на отпадна гума на социјалната мрежа Фејсбук напишаа дека со собраните потписи „уште еднаш е потврдено дека граѓаните може да бидат спокојни, [дека] овој проект во општина Кавадарци нема да биде реализиран“. Тие изразија благодарност до граѓаните кои се потпишаа на иницијативата.
На петицијата, според иницијаторите, се потпишувале граѓани без оглед на политичката припадност. Дел од потписниците на петицијата, со кои разговараше Локал Актив Вардар, рекоа дека одлучиле да го стават својот потпис бидејќи станува збор за така наречена Г-1 индустрија за која се верува дека претставува голем ризик за животната средина.
Градоначалникот Митко Јанчев, непосредно по поднесувањето на петицијата, преку социјалната мрежа Фејсбук рече дека Општина Кавадарци го стопира процесот и ќе даде негативно мислење за оваа инвестиција.
„Кавадарци е општина осетлива на Г-1 индустријата, поради тоа што имаме еден голем Г-1 индустриски комбинат – некогашното ,,Фени” за фероникел, притоа имаме големо развиено лозарство и винарство, меѓутоа и невработеноста ни е под 2%, економски како општина сме на второ место по бруто домашен производ. Одлуката на Општина Кавадарци е да се прекине оваа иницијатива за отворање фабрика, студијата изработена од инвеститорот да не биде прифатена од Општината и да се прекине процесот во самиот почеток“, вели Јанчев.
Орданче Бошковски уредник на интернет платформата Реално Кавадарци – кое е дел од граѓанската иницијатива за собирање потписи против намерата за најавената инвестиција, пред неколку денови, ги повика сите што се загрижени за сопственото здравје и за земјоделството и туризмот во овој крај, да се потпишат на градскиот плоштад во Кавадарци и на онлајн петицијата.
Претходно во студија нарачана од инвеститорот „Ековатив Оил“ од Скопје и поднесена до Министерството за животна средина, се тврдеше дека со проектот ќе биде решен еден голем проблем со отпадната гума во државата. Студијата заклучува дека станува збор за капацитет што нема оџак, нема отпадни води, дека станува збор за затворен систем и зелена технологија. Според инвеститорот, Кавадарци бил избран бидејќи е во Централна Македонија и со идеална местоположба.
О.К.