Општина Велес ќе ги вештачи сомнителните случаи на каснување од куче, има сомнежи за можни злоупотреби

Сите сомнителни случаи на каснување од куче Општина Велес ќе ги даде на понатамошно вештачење поради сé поголемиот број пријави на граѓани каснати од улични кучиња. 

Градоначалникот Марко Колев одржа состанок со претставници на СВР Велес и ЈЗУ Општа болница на кој се разговараше за големиот број пријави од страна на граѓани каснати од улични кучиња. На средбата се донесе заклучок да се воспостави засилена комуникација и контрола врз секој поединечен случај, со цел да се спречат можни злоупотреби.

– Кога секој граѓанин, каснат од куче, ќе отиде во болница, случајот задолжително ќе биде пријавен во МВР – СВР Велес.  Службени лица ќе вршат информативен разговор со лицето каснато од куче, кое треба да го наведе местото на инцидентот и да даде опис на кучето. По службена должност ќе се фотографираат и нанесените повреди од каснувањето. Во иднина сите сомнителни случаи на каснување од куче Општина Велес ќе ги даде на понатамошно вештачење, соопштија од Општина Велес.

Советниците во општината, организациите за заштита на животните, но и обичните граѓани од Велес се сомневаат во организирана шема за профит во која учествуваат граѓани, адвокати и медицински лица, после информациите дека Општина Велес во 2022 година исплатила 95.000 евра оштета на граѓани каснати од кучиња. Тоа е рекордна исплата од буџетот на општината по овој основ, односно 20.000 евра повеќе од 2021 година.

Во 2022 година биле каснати 71 лице во Велес, или во просек, Општината на секој граѓанин му платила близу 1.400 евра оштета по основ на спогодба или по основ на загубена тужба.

Велес

На адреса на Општината секојдневно пристигнуваат тужби од граѓани кои се каснати од кучиња и тоа е поткрепено со медицинска документација и пријава од МВР, како докази кои најчесто се доволни за судска пресуда во корист на граѓаните.

И претходникот на градоначалникот Марко Колев, Аце Коцевски обвинуваше дека буџетот е оптоварен поради исплатите на оштета, што завршуваат кај одредена категорија граѓани кои го злоупотребуваат законот.

Оттаму обвинија дека во најголем број пријави, оние граѓани кои лажираат, истакнуваат дека се каснати од куче скитник, затоа што знаат дека општината е надлежна за нив како институција, иако повредите може да се добиени и од домашен миленик.

О.К

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE