Автор: Александар Манасиев
Обработува и анализира огромни количества податоци, со брзина што новинарите не можат да ја достигнат, идентификува трендови и модели, пишува текстови за неколку секунди и креира визуелна содржина, која тешко се разликува од снимките направени од реални настани. Вештачката интелигенција веќе длабоко навлезе во светот на медиумите, станувајќи невидлив член на редакцијата.
Новинарите и другите медиумски работници ја користат за едноставни, но и за сложени задачи – од истражувања, анализи на податоци и пишување текстови, па сѐ до комуникација со публиката и дистрибуција на новинарската содржина.
Користењето на вештачката интелигенција (ВИ), во светските медиуми, не е табу-тема и оние меѓу нив што се професионални, транспарентно откриваат кога и како ја употребуваат. Така, двајца од вкупно 15 добитници на престижната Пулицерова награда минатата година јавно објавија дека користеле ВИ во своите наградени истражувања. Всушност, пет од 45-те Пулицерови финалисти се потпирале на алгоритмите за да ги подготват истражувањата.
Пулицерова награда за најдобра локална приказна, лани беше доделена за истражувањето „Исчезнати во Чикаго“, за кое алатката со ВИ беше тренирана да ги „чешла“ полициските досиеја за исчезнати лица, барајќи грешки и проблеми во полициското постапување. Ако на новинарот за тоа би му биле потребни години, вештачката интелигенција може да ги прегледа илјадниците документи за само неколку секунди или минути. Сепак, тоа е само дел од работата, бидејќи на новинарите, сепак, им останува да ги докажат и да ги потврдат тврдењата.
Во рамките на оваа анализа, ќе се обидеме да откриеме дали и како ВИ се користи во дел од македонските медиуми, што покажува праксата, каква е етичката рамка и какво е мислењето на дел од уредниците и новинарите за ова прашање.
За да добиеме барем делумна слика за тоа дали и како редакциите користат вештачка интелигенција при продуцирањето медиумски содржини, за потребите на оваа анализа испративме краток прашалник до уредници и новинари од 21 редакција во земјава. Се определивме да ги опфатиме редакциите со јасна уредувачка поставеност, континуирана продукција на информативна содржини и систематизиран пристап во известувањето за настани од целата земја. Тргнавме од претпоставката дека, доколку некаде во македонските медиуми се користи ВИ, тоа најверојатно би биле токму информативните редакции, кои располагаат со барем основна техничка подготвеност и дигитална инфраструктура.
Од одговорите, генерално можевме да заклучиме дека поголемиот дел од консултираните новинари се добро информирани за тоа што е вештачката интелигенција и како таа може да биде корисна алатка во новинарството. Утврдивме дека речиси половина од редакциите, ВИ ја користат за анализа на податоци и трендови, а нешто помалку за генерирање фотографии и видеа. Дел ја користат и за проверка на факти, а мал дел за генерирање текст и за оптимизација на содржината. Седуммина од испитаниците одговориле дека воопшто не користат ВИ во нивната работа.
Во светски рамки, етаблираните медиумски куќи веќе систематски користат вештачка интелигенција во различни сегменти од новинарската работа. Дел од нив ја користат ВИ за автоматско генерирање кратки текстови и вести (за спортски резултати, временска прогноза или берзански извештаи), за анализа на големи бази на податоци во истражувачкото новинарство или за детектирање дезинформации. ВИ се користи и за персонализација на содржините според интересите на читателите, оптимизација на наслови и визуелни материјали за онлајн-платформи, како и за препознавање трендови и теми што привлекуваат поголема публика.
Голем број етаблирани светски медиуми веќе имаат усвоено посебни етички стандарди за користењето на вештачката интелигенција. Целта е да се обезбеди транспарентност, да се зачува новинарската одговорност и да се спречи злоупотребата. Медиумите, како „Њујорк тајмс“ и „Би-би-си“, истакнуваат дека ВИ треба да се користи како поддршка, а не како замена за новинарската работа.
Извршната директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, Билјана Георгиевска вели дека секојдневно учиме за нови алатки од пакетот наречен „вештачка интелигенција.“
„Моето чувство е дека не сме ни блиску до степенот на користење на овие алатки како во поразвиените делови од светот, барем во новинарството“, вели таа. Според неа, првите искуства покажуваат дека користењето на ВИ има свои предности, но и слабости.
„Тоа е брзината за превод, за концепт или пообемна содржина, за бекграунд или контекст на одредена тема, но и за поставување прашања за интервју кога се нема сопствена идеја или за одговори на прашања за сѐ и сешто“, објаснува Георгиевска, додавајќи дека во сево ова се кријат многу замки.
Според извршната директорка на СЕММ, дел од тие замки се однесуваат на тоа дека понудената содржина можеби не е доволно точна или дека е пристрасна.
„Машината можеби е наведена кон одредена страна на изворите повеќе отколку кон другата, така што во компилацијата што ја прави ќе внесе и неточни содржини, со што може да се дезинформираат читателите. Новите технологии отвораат многу етички дилеми, а брзото и „самоуко“ прифаќање и внесување во секојдневната работа сериозно може да го доведе во прашање професионализмот на медиумите“, објаснува таа.
Според Суад Сефери, претседател и основач на здружението „ВИ сега“, вештачката интелигенција може да биде вистински сојузник за новинарите, особено кога времето е кратко, а задачите се многубројни.
„Замислете колку е корисно една алатка да ви помогне за неколку секунди да пронајдете релевантни податоци или да резимирате долг извештај. Дополнително, автоматските преводи и транскрипции значително можат да го олеснат пристапот до информациите“, вели тој, додавајќи дека е најважно што овие алатки не смеат да ја заменат човечката креативност и критичкото размислување.
„Тие само го ослободуваат времето за новинарите да се посветат на она што е најважно: раскажување приказни што ја инспирираат и информираат јавноста“, објаснува Сефери.
Најголемиот дел од професионалците што ги консултиравме при изработката на оваа анализа се изјаснија дека вештачката интелигенција значително може да помогне во зголемувањето на ефикасноста на редакцијата за која работат, а дел од нив сметаат и дека успехот многу зависи од ресурсите. На прашањето, пак, дали ВИ алатките може да помогнат во борбата со дезинформациите, само мал дел одговорија потврдно, а најголемиот дел велат дека вештачката интелигенција само делумно може да помогне во борбата со лажни вести, поточно не може да го замени новинарот во примената на основното етичко и професионално правило да трага по различни гледишта за да дојде до точната информација.
Гоце Трпковски е долгогодишен новинар, кој се занимава со истражувачко новинарство, како дел од редакцијата на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) Македонија. Вели дека алатките со вештачка интелигенција ги користеле повеќепати за генерирање илустрации, на пример за теми поврзани со изборите.
„Понекогаш ги употребуваме тие илустрации за објава, но секогаш нагласуваме дека станува збор за содржина креирана со вештачка интелигенција. Не ги користиме апликациите за креирање текст. Понекогаш ги консултираме за стилски интервенции во сториите, само за да добиеме повеќе идеи или насоки“, вели тој.
Новинарските истражувања неретко подразбираат и пребарување податоци или нивна длабинска анализа за да се идентификуваат трендовите и слично. Трпковски вели дека ВИ може да биде сојузник на истражувачките новинари, но потребна е дополнителна проверка на добиените резултати од страна на новинарот.
„Сме ги користеле и како дополнителна алатка за пребарување содржини, на пример во една сторија за проблемите со управувањето со отпадот за да ни помогне да направиме временска рамка кога почнале и до каде стигнале одредени процедури. Нормално, сето тоа потоа се проверува преку изворите што ги нуди самата алатка, но и преку дополнителни, официјални извори“, објаснува Трпковски.
Дополнува дека станува збор за корисни алатки, ако се користат како помошни средства и ако новинарите не се потпрат исклучиво на содржините што тие ги генерираат, без никаква проверка.
Билјана Георгиевска од СЕММ вели дека новинарските кодекси на повеќе европски земји, во кои веќе се вклучени одредби за користењето на вештачката интелигенција, нагласуваат дека медиумите се должни да ги почитуваат општите етички стандарди и кога се работи за содржини креирани од ВИ.
„Медиумите мора да бидат транспарентни пред својата публика и јасно да нагласат кога содржините се креирани или дополнети со ВИ или кога се користат алгоритми“, тврди Георгиевска.
Во 2024 година, Комисијата за жалби при СЕММ примила жалба од лице, кое во образложението навело дека „Вештачката интелигенција не може да се смета за новинарски производ.“
„Жалбата се однесуваше на текст објавен во онлајн-медиум потпишан со Чет џи-пи-ти. Во своја одбрана, медиумот наведе дека текстот е објавен во рубрика, во која апликации за ВИ даваат свое видување за различни прашања и дека е јасно означено користењето на алатката Чет џи-пи-ти. Комисијата за жалби не одлучуваше за овој случај, со оглед на тоа што во домашниот Кодекс на новинари, како и во Насоките за етичко известување на онлајн-медиумите, засега воопшто нема одредба што се однесува на вештачката интелигенција“, објаснува извршната директорка на СЕММ.
Според неа, во тој период бил почнат процесот за осовременување на Кодексот на новинарите на Македонија, при што во новата верзија се очекувало да се внесе и таква одредба.
„За жал, овој процес е прекинат поради запрените донации од Агенцијата за меѓународна помош на САД (УСАИД). Се надевам дека наскоро ќе биде заокружен и ќе имаме нов Кодекс, со јасни насоки за етичко известување при користењето на ВИ“, дополнува Георгиевска.
Новинарката Весна Ивановска-Илиевска, од медиумот Умно.мк, веќе извесно време експериментира со ВИ алатки. Свесна е дека тие алатки ќе станат дел од работата на нивниот медиум и за таа цел подготвила етичка рамка за тоа како медиумот треба да постапува при користењето на вештачката интелигенција.
„Умно.мк веќе има подготвено упатство за читателите, за етичкото користење на ВИ во медиумот. Во текот на месецов ќе го објавиме и верувам дека ќе бидеме меѓу првите онлајн-медиуми во Македонија што имаат објавено политики на користење на ВИ во рамките на својата дејност. Додека овој документ не го направиме јавен, не е етички ниту да користиме ВИ платформи“, вели таа.
Дополнува дека досега објавиле неколку визуализации (инфографик, илустрација), каде што во легендата точно е наведено која платформа е користена за нивното креирање.
„Сметам дека при секое користење на ВИ, треба да биде јасно назначено која платформа се користи и кој е авторот на ‘промптот’, затоа што само на тој начин ќе има одговорно користење на ВИ во медиумите. Истото се однесува и на содржините – треба да биде јасно посочено дека содржината е проверена и одобрена од човек“, дополнува Ивановска-Илиевска.
Најголемиот дел од редакциите немаат воспоставени протоколи или упатства за користење вештачка интелигенција (ВИ) при проверка и обработка на новинарска содржина, а само тројца од медиумските работници што беа консултирани, одговорија дека имаат такви протоколи или дека се во фаза на изработка.
Георгиевска објаснува какво треба да биде однесувањето на новинарите, кога станува збор за користењето алатки на ВИ.
„Секако треба да се држиме до општите стандарди за етичко известување и да не дозволиме објавување содржини без новинарска/уредничка или човечка интервенција, а истовремено да бидеме јасни и искрени кон читателите“, вели таа, додавајќи дека препораката од експертката Марина Тунева, која беше консултирана во процесот на ревизија на Кодексот на новинарите на Македонија, сугерира – секој новинарски производ што е создаден или модифициран со ВИ, да биде јасно означен, со наведување на изворите и на принципите врз кои се темели.
„За правилно користење на новите технологии во новинарството ќе треба да се вложи во обуки на новинарите во земјава, за да можат да држат чекор со новите промени што ќе следат и да бидат подготвени да ги пресретнат ризиците од дезинформации и манипулации“, завршува таа.
Според Суад Сефери, стравот дека вештачката интелигенција ќе ги замени новинарите е разбирлив, но ова прашање треба да се разгледа подлабоко.
„ВИ може да автоматизира рутински задачи, како што е обработката на податоци или пишувањето основни текстови, но дали може да го замени човечкиот инстинкт за приказна или способноста да се разбере контекстот? Најдоброто новинарство произлегува од емпатија, културно разбирање и способност да се постави вистинското прашање во вистинскиот момент, нешто што машините сè уште не го поседуваат“, вели тој.
Еден од проблемите во редакциите, во однос на употребата на ВИ, е недоволното знаење за технологијата и потребата од соодветни обуки за нејзино користење. Половина од нашите соговорници одговорија дека на ниво на редакцијата, немаат такво знаење, а нешто помалку наведоа дека имаат само делумно обучен кадар. Трите најголеми пречки за недоволната употреба на алатките на ВИ во редакциите, според нив, се недостигот од знаење, недостигот од финансии и недовербата во технологијата.
Според Сефери, наместо закана, ВИ треба да се гледа како алатка што може да го надгради новинарството и да им овозможи на новинарите повеќе време за она што навистина е важно.
За Сефери нема дилеми дека на медиумските работници им се потребни обуки за користење на алатките на вештачката интелигенција.
„Особено во Македонија, каде што медиумите често работат со ограничени ресурси, правилната примена на овие алатки може значително да ги подобри квалитетот и брзината на известувањето. Без соодветна обука, постои ризик од погрешна употреба или дури и создавање дезинформации“, вели Сефери. Тој додава и дека со правилно разбирање, новинарите, не само што ќе бидат поефикасни, туку и ќе можат критички да ја оценуваат улогата на ВИ во медиумската сфера, што е клучно за зачувување на довербата кај публиката.
Оваа анализа е создадена во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани во анализата не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторот.
