Денеска во Кавадарци директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски рече дека во јануари следната година ќе има тендер за проектирање обиколница околу градот. Дополнително, рече тој, пред изборите следната година ќе биде распишан и тендер за изградба на проектот.
„Се надевам дека некаде пред локалните избори, ќе го објавиме и тендерот за градба на таа делница. Со оглед на тоа што Кавадарци е индустриски град и има голем број на товарни возила, што не треба да се движат низ градот“, истакна тој.
Трајановски, беше во работна посета на градот за да направи увид, како што рече, на работите за асфалтирање на влезот во Кавадарци од правецот на Неготино.
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, пак појасни дека обиколницата треба да биде долга околу 14 километри, и да се протега од селото Марена до висорамнината Витачево. Според укажувањето на градоначалникот во Општина Кавадарци имало идеја да се прави обиколница уште од 1989 година.
Обиколницата, треба да овозможи да се намали сообраќајниот метеж, а со тоа и загадувањето во градот. Кавадарчани очекуваат заобиколница, за да се намали загадувањето и да се заштитат мирот на кавадарчани и градската инфраструктура.
Локал Актив истражува за одржливоста на овој проект, за причините зошто вакви проекти се најавуваат пред избори и зошто во три децении независност не е направено ова што сега повторно е ветено.
Р.Л