Осум граѓански здруженија бараат од градоначалниците и советниците на општините Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија, времено стопирање на изградбата на малите хидроелектрани на реката Дошница, која извира на планината Кожуф и е десна притока на реката Бошава.
Причината за ова барање, според здруженијата, е тоа што предвидената локација за изградба на две од малите хидроелектрани всушност е уникатно природно богатство од глобално значење.
Овие организации, со поддршка на експерти од Природно математичкиот факултет во Скопје, покренаа и иницијатива за прогласување на планината Кожуф за Национален парк. Тврдат дека со евентуален почеток на градежни активности на оваа локација ќе се изврши екоцид со непроценлива штета.
„Свесни сме дека ниту инвеститорот, ниту службите задолжени за издавање на потребните одобренија и дозволи никогаш не ја посетиле оваа уникатна природна локација и затоа се одлучиле за реализација на овој налудничав проект. Граѓаните нема да дозволат изградба на овие мали хидроелектрани на оваа локација по ниту една цена. Бараме од градоначалниците и членовите на советот да ја посетат оваа локација и да донесат одлука за времено стопирање на изградбата на овие мали хидроелектрани сѐ до завршување на изработката на Студијата за валоризација на Кожуф планина како Национален парк. Сметаме дека како претставници избрани од нас граѓаните, имате законска должност да ги штитите интересите на сопствените граѓани и природните богатства што припаѓаат на општините“, пишуваат незадоволните.
Економскиот интерес на еден оператор, велат, не може да биде поголем од интересот на луѓето и нивната животна средина.
Планината Кожуф се наоѓа на територијата на општините Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија. Со површина од 893 км2, е една од ретките планини во Македонија со исклучително богата и единствена флора, фауна, геолошка уникатност, водени ресурси, културни и историски посебности од национално значење.
Р.Л.