Опис на проблемот
Иако Неготино на прв поглед изгледа како уреден и мирен град, реалноста за најмалку 94 лица со попречености е поинаква. Недостигот од пристапна инфраструктура – високи ивичници, нефункционални рампи, и непристапни јавни објекти – претставува секојдневен предизвик за достоинствен и независен живот.
Здружението за поддршка и развој И Јас Сум од 2021 година активно лобира пред Локалната самоуправа во Неготино за подобрување на пристапноста. Нивните напори резултираа со поставување рампи на тротоарите на главната улица во 2024 година, но дел од нив не беа изведени според законските стандарди – со висок спуст и небезбедна употреба. По интервенции од страна на „И Јас Сум“, изведувачката фирма се врати за да ги поправи, но проблемите со пристапноста не се целосно надминати.
Новите инфраструктурни проекти често се реализираат без да се предвиди пристап за лица со попречености – последен пример е новоизградениот градски пазар, каде што првично не беа планирани пристапни рампи. Граѓаните посочуваат и други непристапни објекти како: Општинската зграда, Центарот за социјални работи, здравствените установи, Поштата, банките, управата за лични документи, и Црквата „Св. Атанасиј“, која не овозможува влез за лица со телесна попреченост.
Оваа ситуација укажува на системски пропусти и долгорочна институционална негрижа. За многу граѓани со попреченост, животот во Неготино претставува постојана битка со физички, административни и психолошки бариери. Недостигот од пристап не е само технички проблем – тој е прашање на еднаквост, достоинство и основни човекови права. Здружението И Јас Сум, како дел на Локал Актив Вардар, редовно го следи секој ваков проект и редовно реагира кога ќе забележи прекршување на законската обврска за инклузивност.
Барања
#Бараме да се постават рампи на новоизградениот градски пазар во Неготино.
#Бараме да се постави пристапна рампа на црквата Св. Атанасиј во Неготино.
#Бараме да се постави пристапна рампа на влезот во градскиот парк спроти Музејот во Неготино.
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на уредништвото на Локал Актив Вардар, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Здружението И Јас Сум од Неготино.
Реализирани активности
Барање: Поставување рампи на новоизградениот градски пазар во Неготино
- Уште во декември 2024 година, по теренскиот увид направен при изработката на сторијата на Локал Актив Вардар, тимот на ИЈС констатираше дека некои јавни институции целосно ги игнорираат стандардите за пристапност – немаше поставено речиси ниту една рампа.
- Беше остварен директен контакт со Градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов, кој изрази волја да се постават рампи. По неколку недели, беа поставени две мали рампи на едниот влез кои овозможуваат делумен пристап, но не се во согласност со законските нормативи (недоволен нагиб, неадекватно спуштање на тротоарот). ИЈС дополнително утврди дека пристапноста е ограничена и од ширината на влезната врата (80 см).
- Во меѓувреме, завршувањето на објектот е стопирано, и покрај официјалното отворање, поради инспекции спроведени по несреќата во Кочани, кои откриле нерегуларности, според неофицијални извори. ИЈС продолжува да ја следи состојбата и да лобира за целосна усогласеност со пристапните стандарди веднаш штом се продолжи со изведбата.
Барање: Поставување рампа на црквата „Св. Атанасиј“ во Неготино
- Преку пријава добиена од лице со попреченост, ИЈС беше информирана дека црквата нема пристапна рампа. Беше контактиран свештеникот кој ја администрира, но одговор не беше добиен.
- ИЈС испрати Барање за пристап до информации од јавен карактер до централната црковна управа, европски парохии, духовниот пастир и Синодот на МПЦ-ОА. До објавувањето на овој текст (05 Август 2025 г.), ИЈС немаше добиено одговор на ова барање.
Барање: Поставување рампа на влезот од градскиот парк спроти Музејот во Неготино
- Во јуни 2024 година, по увидот на терен, беше утврдено дека иако внатрешноста на паркот е поплочена и пристапна, влезот е непристапен за лицата со попреченост. ИЈС ја ангажираше архитект Љубица Бојаџиева, која изработи идејно решение за пристапна рампа, кое беше доставено до Локалната самоуправа.
- Официјален одговор не е добиен од локалната самоуправа, но од неофицијални извори, ИЈС дозна дека проектот е ставен на листа за реализација, без прецизна временска рамка. На 30 јули 2025 година, упатен е мејл до општинските служби со барање да известат до каде е реализацијата на проектот.
И Јас Сум продолжува со мониторинг и лобирање за брза и квалитетна реализација на барањата поставени со сторијата објавена на Локал Актив Вардар.