Бетонирани се дрвја во централното градско подрачје на Кавадарци, реагираа попладнево од невладината организација ,,Еко живот”.
– Дрвјата потешко ќе се наводнуваат и се нагрдува ликот на самиот дрворед, а има и реакции од случајни минувачи кои биле изненадени од ваквата постапка, рече претседателот Роберто Паризов.
Од кавадаречката локална самоуправа појаснија дека при активностите за уредување на делот околу дрвјата, ненамерно дошло до ставање тенок слој бетон на несоодветно место, од страна на изведувачот на активностите на терен.
– Не се работи за грешка, ами за мало невнимание и без некоја лоша намера. Укажано му е на изведувачот и работите ќе бидат корегирани во најбрзо можно време, нагласија од Општината.
Оттаму подвлекоа оти станува збор за шпекулација дека се сече долгогодишниот јавор кај реката Луда Мара.
– Само се уредува делот околу дрвото, за да може полесно да дише, нагласија од локалната самоуправа на Кавадарци.
Од ,,Еко – живот” ја поздравија најавата за корекција.
– Повикуваме на поголема внимателност во иднина и редовна контрола по извршената работа, како и воведување естетска комисија, истакнаа од еколошкото друштво.
С.Д.