Опис на проблемот​

Тиквешкиот лозарски регион – гордост на македонското земјоделство и симбол на винската култура – се соочува со сериозни еколошки закани. Од неодговорно складирање на отпад до планови за изградба на индустриски капацитети со висок степен на загадување – притисокот врз животната средина и врз здравјето на локалното население расте. Како што открива новинарското истражување на Локал Актив Вардар, сè почесто се појавуваат намери за изградба на објекти за третман на отпад, вклучително и опасен, на локации блиску до лозовите насади – срцето на локалната економија. Овие проекти предизвикуваат сериозни ризици за квалитетот на земјиштето, подземните води и безбедноста на прехранбеното производство. 

Во општина Неготино, каде не постои дефинирана Г-1 зона за тешка индустрија, речиси на секои две години се појавуваат намери за изградба на индустриски капацитети со потенцијално загадувачки карактер. Последниот таков пример е поднесената намера за проект за „поставување инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад со капацитет од 35 тони на ден, во постоечки објект лоциран на КП 3047 КО Тремник – Неготино“, што предизвика сериозна загриженост кај јавноста и кај земјоделската заедница.  Иако јавноста остро реагираше, донесувањето на одлуката за оваа најава сè уште е во тек – нејзиното разгледување е пролонгирано поради претстојните локални избори закажани за октомври 2025 година. Ова создава ризик дека веднаш по изборите, без доволно транспарентност и јавна расправа, проектот може да добие зелено светло. Поради тоа, потребно е навремено и координирано дејствување за да се спречи реализацијата на оваа и слични намери во иднина.

Барања

#Бараме инспекциски надзор на локациите каде што е присутен индустриски или друг отпад во близина на лозовите насади и преземање мерки за негово отстранување; 

#Бараме детална еколошка анализа од Државниот инспекторат за животна средина за влијанието на складираниот отпад врз земјоделските култури и подземните води; 

#Бараме вклучување на заштитен појас околу лозовите насади во новите општински урбанистички планови, со забрана за складирање или изградба на индустриски објекти; 

#Бараме поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање за воспоставување систем за постојан мониторинг на квалитетот на почвата и водата во лозарските предели, со редовно информирање на јавноста; 

#Бараме обврска на сите општини да класифицираат јасно Г-1 зони за тешка индустрија, надвор од аграрните површини, како предуслов за каква било најава за индустриска инвестиција.

Застапување за решавање на овој проблем

Во рамки на уредништвото на Локал Актив Вардар, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Здружението Ековита од Неготино.

Реализирани активности

  • На 23 септември 2025 г., Здружението Ековита упати барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за животна средина и просторно планирање за тоа реализираните активности во врска со поставувањето инсталација за термичка декомпозиција на пластика во КП 3047 КО Тремник – Неготино.

    Локал Актив Вардар
    го следи и натаму спроведувањето на барањата до институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE