Опис на проблемот​

Велес во минатото бил познат по големиот број грнчарски работилници, а таму била изградена и првата фабрика за уметничка керамика на Балканот. Меѓу тесните калдрми во кои денес се чувствува историјата на Велес работеле и ковачи, опинчари, плетачи на кошници, шапкари, кројачи и други занаетчии кои биле движечка економска сила во ова подрачје. Велес е препознаен и по терзиите, пајтонџиите, самарџиите, сарачите, калајџиите, чевларите…. Грнчар бил и Кочо Рацин, еден од најголемите македонски поети. Кочо Рацин грнчарството го сметал за најстара уметност создадена истовремено со цртежите на пештерскиот човек. 

Грнчарството и денес го збогатува духот на Велес и претставува симбол на градот. И покрај развојот на керамичката индустрија, традиционалните велешки грнчарски производи сеуште се барани на пазарот. Тоа ја одржува традицијата, но и занаетот. Секој од грнчарските производи е уникатен и сам по себе има единствена вредност. Денеска, покрај за потребите на домаќинствата, грнчарските производи служат и како украс во домовите на вљубениците во традицијата, каде сведочат за историјата на македонската умешност За жал, денес, во старата велешка чаршија, крај пазарот, дуќаните зјаат празни, а некои искривени рамки со црно-бели фотографии на нивните ѕидови сведочат за времето во кое и турските султани застанувале да им се поклонат на врвните мајстори на занаетот. 

Последните генерации занаетчии немаат повеќе на кого да ги пренесат своите вештини, младите се незаинтересирани да ги научат, иако се доволно свесни дека тие се нашето културно богатство, нашата историја и идентитет. За реалната слика на изумирањето на занаетите во Велешко Локал Актив Вардар пишуваше во сторијата објавена во август 2025 година.

Барања

#Бараме од Министерство за култура и туризам да воведе системски мерки за надминување на проблемот, и тоа преку третирање на старите занаети како културно наследство и нивно субвенционирање: донесување нов стратегиски документ за развој и негување на старите занаети во РСМ; идентификација и регистрација на старите занаети со културно – историска вредност во посебна база на податоци за стари занаети; воведување на програми на обука и изучување на старите занаети наменети за млади; обезбедување финансиска и институционална поддршка за одржување на старите занаети. 

#Бараме од Општина Велес да донесе долгорочна Програма за поддршка на старите занаети, која ќе содржи: мерки за субвенционирање на дефицитарните занаетчии и занаетите во изумирање; финансирање на настани и манифестации од областа на занаетчиството од интерес на Град Велес; поддршка на програми за обука на млади занаетчии ;поддршка на изработка на сувенири од Град Велес, произведени од занаетчии. 

#Бараме од Занаетчиската комора на РСМ: да се организира информативна кампања за младите од Велес за можностите за посетување курсеви за традиционални и современи занаети и за управување со бизнис и дигитален маркетинг;да се воспостави вмрежување и долгорочна соработка со средните училишта и локалните самоуправи на Велес, Чашка и други населени места од Вардарскиот регион.

Застапување за решавање на овој проблем

Во рамки на уредништвото на Локал Актив Вардар, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Организацијата на жени од Велес.

Реализирани активности

  • На 9 септември е упатен допис до Министерството за култура и туризам со барање, да донесе стратегија на национално ниво за развој и негување на старите занаети во РСМ, идентификација и регистрација на старите занаети со културно – историска вредност, воведување на програми на обука за млади и обезбедување финансиска и институционална поддршка.
  • На 10 септември е упатено Барање до Општина Велес со кое се бара од Општината да донесе Програма за поддршка на старите занаети, која ќе содржи: мерки за субвенционирање на дефицитарните занаетчии и занаетите во изумирање; финансирање на настани и манифестации од областа на занаетчиството од интерес на Град Велес; поддршка на програми за обука на млади занаетчии; поддршка на изработка на сувенири од Град Велес, произведени од занаетчии.
  • На 11 септември е упатено Барање до Занаетчиската комора на РСМ да се организира информативна кампања за младите од Велес и да се воспостави соработка со средните училишта и локалните самоуправи од Вардарскиот регион. Локал Актив го следи и натаму спроведувањето на барањата до институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.
Локал Актив Вардар го следи и натаму спроведувањето на барањата до институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE