Водата во вештачкото езеро Младост крај Велес е со лош квалитет и е ризична за здравјето на капачите и за опстанокот на живиот свет. Ваков заклучок може да се извлече од извештајот што го изготвија експертите на Јавната научна установа Хидробиолошки завод од Охрид, на барање на Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ од Велес, кое стопанисува со водата на езерото Младост и врши редовни испитувања на нејзиниот квалитет.
При испитувањето за кое биле земени мостри од езерската вода што со години се користи за наводнување, рекреација и риболов, експертите констатирале дека во водата се присутни штетни елементи над дозволената граница и побарале дополнителни физичко-хемиски, микробиолошки, фитопланктонски и зоопланктонски анализи на акумулацијата.
Извештајот е објавен официјално на страната на ЈПВ Хидросистем Лисиче од Велес и испратен до Општина Велес, надлежните инспекторати и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Резултатите на физичко хемиските анализи од оваа установа, покажуваат дека водата во „Младост“ е проѕирна само два метра под површинскиот слој и е категоризирана во III класа.
Во површинскиот слој е присутен растворен кислород, додека во длабочина него го нема. Ова значи дека животинскиот свет – флората и фауната – може да се одржат во живот до само седум метри во длабочина, ако воопшто за нив се доволни присутните количини на разреден кислород, додека под оваа длабочина, езерската вода се категоризира во V класа.
Според лекарите потпишани на извештајот – двајца доктори на науки и еден докторант, како и тројца специјалисти во своите области – ова значи, дека велешко „Младост“ е езеро во изумирање.
Во микробиолошката анализа, резултатите од оваа институција, покажуваат дека има сериозни индикации за бактериолошко загадување, поради брзата реакција на бактерии на променливите услови на животната средина.
Во резултатите на Хидробиолошкиот завод во Охрид, се открива и ново фекално загадување на езерската вода. Експертите на оваа македонска институција, стара деведесет години, заклучуваат дека според застапеноста на вкупните колиформни бактерии, квалитетот на водата во „Младост“ е лош, поточно е во IV и V класа. Водата е фекално и органски загадена.
При теренскиот увид, визуелно на површината на акумулацијата се забележувале густи, пивтести наслаги со жолто-кафена боја, што покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата. Во извештајот се препорачува механичко отстранување на масите од алги како и душеците мртва растителна маса од површината на водата, со што би се оневозможило збогатувањето на екосистемот со органски материи и нутриенти при разградбата на органската материја. Исто така неопходно е итно механичко чистење на наталожените состојки на дното на акумулацијата.
„Во оваа акумулација, во која процесот на еутрофикација е во тек, во услови на висока температура, недоволни концентрации и недостаток на кислород во долните слоеви на водата, што е посебно изразено во лето, се создаваат производи резултат на редукција како манган и сулфур, чие влијание на квалитетот на водата е негативен. Еден од начините (и најсоодветен) за подобрување на квалитетот на оваа вода е аерација. Доколку е можно, препорачливо е и снабдување на акумулацијата со свежа вода“, пишува во извештајот.
На лице место бил направен увид и на реката Отовица, што претставува главен извор на вода за акумулацијата Младост.
Во речното корито не бил забележан проток на вода, имало само мала количина на стоечка вода, чија површина била покриена со водното растение Lemna. Од водата се ширела непријатна миризба поради распадот на органската материја. Исто така бил забележан цврст отпад, пластични шишиња и слично, како и растителен отпад, паднати дрвја, гранки, лисја и друго.
„Препорачуваме механичко чистење на речното корито од отпадот, за да се овозможи непречен проток на речната вода“, се вели во препораката од тимот професори кои го вршеле испитувањето.
Претходно, испитувања за потребите на Општина Велес вршела лабораторијата „Фуд Лаб ДОО“ од Скопје која до неодамна потврдувала дека водата има добар квалитет, а Центарот за јавно здравје направи лабораториски испитувања за здравствена безбедност на водата во езерото. Центарот за јавно здравје напомена дека од извршените испитувања и стручната анализа, може да се заклучи дека водата на езеро Младост на мерно место „Градска плажа 1“, може да се користи за капење и за рекреација и покрај отстапувањето од бараната втора класа, на некои физичко-хемиски параметри, што не се одразуваат штетно врз здравјето на капачите.
O.K.