Над 190 милиони денари изнесуваат штетите од мартовскиот мраз врз различни видови земјоделски култури во кавадаречко, покажуваат проценките од терен на Комисијата за процена и утврдување на штета настаната од природни непогоди и други несреќи на територија на Општина Кавадарци.

Комисијата при увид на терен констатирала дека процентуалното оштетувањето од мраз е 80%. Од пресметаната сума за обештетување одбиени се 15% како дел на нереализирани трошоци за берба, транспорт, амбалажа и други трошоци кои би се јавиле во врска со собирањето на приносот, што треба да се одземат од вкупниот износ. Приходите по хектар за различни производи, се земени како просек од изминатите три години.

Во елаборатот за проценка на штета од ниски температури (мраз) во Општина Кавадарци, најпрвин се потсетува дека во месец март оваа година, подрачјето на општина Кавадарци со населените места Сопот, Дреново, Возарци, Шивец, Кавадарци вон град, Раец, Ваташа, Брушани, Бохула, Чемерско, Марена и Глишиќ, го зафати елементарна непогода предизвикана од дејство на природна непогода.

Проценката на терен била извршена врз основа на 75 барања, од физички и правни лица.

Изготвувач на елаборатот е самата комисија за проценки на штети и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи, формирана со одлука на Совет на Општина.

Од Комисијата појаснуваат дека применетите цени во проценката се согласно единствената методологија утврдени врз основа на податоци од Земјоделско пазарен информативен систем, Државниот завод за статистика, месечни публикации-извештаи за цените на земјоделските култури, податоци за тригодишниот просек на откупни цени на одделни земјоделски култури од деловни субјекти регистрирани за откуп на земјоделски производи, од проценки на стручни овластени лица судски проценители во делот на земјоделството. Комисијата ги определила и приносите кај одделните земјоделски култури користејќи ја методологијата на рокови на засадување, вид на расаден материјал, очекувани термини на реколтирање.

Притоа потсетуваат дека мраз, слана и сињак настануваат при температура на воздухот пониска од 0°С. Тогаш се формираат ледени кристали кои во различни видови се фаќаат и редат на водорамни и вертикални површини. На страните свртени кон ветерот ледот може да  формира мошне дебели наслаги. Мразот, сланата и сињакот можат да предизвикаат значителни штети на земјоделските култури и градежните објекти.

Под дејство на ниските температури настанато било мрзнење со појава на мраз и слана, со што била предизвикана материјална штета врз земјоделските култури и овошни насади.

Со цел отстранување на последиците од штетите предизвикани од мраз, комисијата предлага Владата на Р. С. Македонија да додели помош на оштетените земјоделци во износ од 190.953.656 денари.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE