Во двата од канала, кои во Тиквешкиот регион се користат за наводнување земјоделски површини, нема проток на вода. Дел од лозарите од Тиквешко кои ги користат каналите К1 и К2, обвинуваат дека недостатокот на вода во овој најголем лозаро-винарски регион во државата, создава големи проблеми не за целата лозарска гранка.
Дане Јошев, претседател на регионалното здружение Тиквешки лозаро-овоштари, денеска одржа прес-конференција на отворениот К2 канал за наводнување: „Лозјата ни се наводнуваат со вода од овие канали. Вода требаше да има од 1-ви мај, а утре е први јуни – вода сѐ уште нема. Прашање е дали воопшто ќе има. Стравуваме за нашиот род, стравуваме од штети. Апелираме да се реши проблемот под итно, оти имаме родна година и за околу пет дена, ќе имаме потреба од наводнување“, подвлече Јошев.
За овој канал, тој рече дека е неисчистен. За другиот – К1, обвини дека воопшто не е оспособен. Покрај итно пуштање на вода низ каналите тој побара системска реформа која ќе овозможи јавното претпријатие за водоснабдување подобро да одговори на потребите на лозарите.
„Водостопанското претпријатие да биде под општинска наместо под државна капа, за да може подобро да функционира“, јавно побара тој.
Од подружницата на Водостопанство, „Тиквеш“ во Кавадарци, пак, ни дадоа образложение дека во затворениот канал К1 во моментов има вода за наводнување, водата се пушта по потреба и барање на земјоделците. На одделни места имало појава на дефекти на цевководите и недостаток од резервни делови.
За отворениот К2 канал, досега според подружницата, не биле поднесени барања за користење вода за полевање, и дека земјоделците кои ќе имаат потреба од вода, треба да се јават за таа да биде пуштена. Претставник на претпријатието укажа дека каналот не бил целосно исчистен, поради недостаток од работна рака.
С. Д.