Старите лица го кријат семејното насилство од внуците или сопствените деца

За семејно насилство во Делчево, но нетипично, односно кога внуците психички или се’ почесто физички ги малтретираат своите баба и дедо, неодамна прозборе претседателката на организацијата на пензионерите д-р Виолета Арсова. На форум за семејно насилство, претседателката Арсова, инаку пензиониран психолог, сподели сведоштво на малтретирани пензионери. При тоа, побара ангажман и од заедницата и од институциите. 

„Нашиот крај е сиромашен, има многу невработени. Родителите одат во странство и ги оставаат децата кај своите родители. Старите лица тврдат дека се економски малтретирани прво од своите деца, а потоа и од внуците. Старите лица немаат пари и психички се оптоваруваат, позајмуваат пари да се прехранат, да купат прехранбени продукти. Но, од друга страна има многу пензионери кои физички се малтретирани од нивните деца или внуци, кои им бараат пари за патики од 300 евра, за телефон, за Ајфон, да го сменат телефонот  за да купат нов. Кај нас се среќава малтретирање врз возрасните лица, т.е. пензионерите“, рече Арсова на форумот.

Проблем е што старите лица не го пријавуваат насилството. Некогаш тоа е од срам, некогаш со цел да ги заштитат внуците. Арсова за овој проблем се обратила и до граѓанските организации, со кои заеднички размислуваат како да им помогнат на бабите и дедовците.

Анита Цоневска од здружението КХАМ вели дека веќе размислуваат за начините и активностите кои би им ја олеснила положбата на старите лица кои трпат насилство.

„Ова е семејно насилство и таква е постапката што треба да се пријави. Меѓутоа, овие луѓе не сакаат да ги пријават своите деца или внуци и главно го споделуваат во пензионерката организација, со претседателката. Но, Центарот за социјални работи треба да знае, има и анонимно пријавување, па стручните служби може да го повикаат семејството на советување“, рече Цоневска. 

Полициските билтени често содржат информации за дела во кои настрадале постари лица од нивните деца или внуци. Парите се главно проблемот поради кој настанува кривичното дело.

Така е и во градовите и селата во Источна Македонија, каде во секоја улица или маало по селата има по една куќа, каде внуците се оставени на грижа и воспитување на бабите и дедовците, откако родителите заминале на печалба по европските земји. 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE