По последниот извештај за квалитетот на водата кој го изготви Хидробиолошки завод Охрид според кој водата во акумулацијата Младост крај Велес е ризична за живиот свет, општина Велес се обрати со писмо до Владата.
Во писмото се содржани сите барања, заклучоци и мерки предложени од советничките групи на Левица, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на 53-тата седница на Советот на Општина Велес одржана на крајот на август, а се бара финансиска поддршка за спас на акумулацијата:
Дел од препораките, мислењата и заклучоците доставени од страна на координаторите на советничките групи се и активностите кои што треба да се преземат. Меѓу нив има и препораки кои повлекуваат големи финансиски средства – на пример меѓу другото се препорачува да се ангажираат експерти кои ќе изработат проект за спас на езеро Младост,, потоа механичко отстранување на масите од алги како и душеците мртва растителна маса од површината на водата, со багер отстранување на талогот на дното на акумулацијата, снабдување на акумулација со свежа вода, механичко чистење на речното корито на Отовичка река.
Една од препораките која што исто така бара големи средства е општина Велес задолжително и континуирано да обезбедува инфраструктура за одведување на отпадни води на сите објекти како и на парцелите за кои има издадено или во иднина ќе издаде одобрение за градба околу езерото.
Од езерото повеќе од десет години не е направен темелен испуст на водата поради дефект на вентилите на браната, а поради сушните периоди и слабиот доток на вода во езерото три години нема ни површински истек.
Според извештајот на Јавната научна установа Хидробиолошки завод — Охрид за извршените физичко-хемиски, микробиолошки, фитопланктонски и зоопланктонски анализи на Акумулација Младост и стручното мислење од Институтот за јавно здравје, во езерото е видлива пролиферација на алги и појава на пена и голема количина пливачки душеци (биомаса) долж крајбрежјето на акумулацијата, потврдено е присуство на цијано-бактерии, кои при нивното распаѓање може да ослободат токсини, кои можат да бидат штетни по здравјето на луѓето, животните, вклучително и водните животни.
Во писмото до владата се вели дека со цел да се спроведат овие препораки, мислења и заклучоци, потребни се финансиски средства кои Општина Велес не може во целост да ги обезбеди. Општината ја замолува владата за финансиска помош за реализација на препораките.
Писмото од Општина Велес до Владата е испратено десетина дена после аплицирањето на општината на јавниот повик на Владата за финансирање на општински проекти за кои се издвоени 100 милиони плус 250 милиони евра од кредитот од Унгарија.
Градоначалникот на општина Велес, Марко Колев објави дека потпишал апликација за подземна катна гаража и градски плоштад кои, според груба проценка, чинат една петина од 100 милиони евра наменети за сите проекти, но не и за проект за нова фекална канализација околу езерото Младост со цел да се спречи понатамошното загадување на акумулацијата.
O.K.