Околу половина од завршените деветтоодделенци од Свети Николе сакаат да го продолжат средното образование во истата општина 

Средното општинско училиште Кочо Рацин од Свети Николе денес ја објави конечната ранг листа со резултатите од запишувањето од првиот уписен рок на запишани ученици во прва година за учебната 2025/2026 година. Од 77 пријавени ученици, во овој уписен рок ќе се запишат 60 ученици. Останатите незапишани ученици ќе имат можност да конкурират во вториот и третиот уписен рок кога ќе бидат намалени бодовите како критериум за прием во училиштето. Во објавениот Конкурс на Министерство за образование и наука за запишување на ученици во средните училишта, слободни места во прва година во оваа училиште има за 168 ученици, поделени во 6 паралелки и во повеќе насоки.

Според податоците кои беа доставени до Локал Актив Вардар од единственото средно училиште во Општина Свети Николе, своето гимназиско образование ќе го продолжат 45 од пријавени 46 ученици, кои ќе бидат поделени во две паралелки. Според критериумите на конкурсот, се предвидува по една паралелка за секоја насока од стручното образование. За сите стручни насоки е предвидено учениците во текот на своето образование да стекнуваат пракса и искуство во соодветни компании.

Вкупно 154 ученици го завршија своето основно образование во сите три основни училишта во Свети Николе. Според податоците кои ги дадоа овие училишта за Локал Актив Вардар, во ООУ Гоце Делчев ова година завршија 63 ученици, 69 ученици го завршија своето деветогодишно основно образование во ООУ Св. Кирил и Методиј и 22 ученици завршија во ООУ Даме Груев во село Ерџелија.  

Ако се направи паралела на вкупниот број на пријавени ученици во првиот уписен рок во СОУ Кочо Рацин од Свети Николе и вкупиот број на ученици кои го завршиле своето основно образование во училиштата во Свети Николе, излегува дека 49% од завршените деветтоодделенци планираат да го продолжат своето средно образование во истата општина. Бројот на пријавени и запишани ученици од други општини кои конкурирале за упис во светиниколското средно училиште изнесува 1 ученик.

За вториот уписен јунски рок е предвидено електронското пријавување да се врши на 30 јуни 2025 година, а на 1 јули учениците да ја достават потребната документација за конкурирање. За августовскиот уписен рок пријавувањето и доставувањето на документите ќе биде на 21 август 2025 година.

Р. П.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE