Непозната материја плива во езерото Младост, според надлежните тоа е ефект од мрестењето на крапот

Речиси цел месец велешкото езеро Младост е покриено со непозната материја која изгледа како мрсна течност. Еколозите предупредуваат дека ова за првпат го гледаат после неколку децении, а за надлежните институции тоа е ефект од природни процеси и водата за капење е здравствено безбедна. 

„За прв пат после 45 години живот гледам ваков историски дебакл на езерото Младост. Покриено е со ‘непозната материја’, особено на страната на езерото која е комплетно урбанизирана, како совршена симболика на нашата алчност и безочната трка за профит и парцела повеќе. Досега со какво – такво соопштение, кое како мали деца треба да го проголтаме, излезе Центарот за јавно здравје, од каде рекоа дека ваквите неверојатни случувања се всушност ‘нормални’ и се последица од ‘мрестењето на крапот’ и ‘цветањето на трската’. Ами крапот за прв пат ли по 45 години решил да се мрести или трската во јуни за прв пат почнала да цвета“, напиша еко-активистот Игор Смилев, кој воедно е и советник во Советот на Општина Велес. 

Според Центарот за јавно здравје Велес, велешани и туристите кои транзитираат на езерото, безбедно можат да се капат во водата на првата плажа. Ова го покажале резултатите од лабораториските испитувања за здравствена безбедност на водата во езерото. Резултатите се од земени примероци на површинска вода на прва плажа на 30 мај и завршени лабораториски испитувања на 5 јуни, годинава.

Анализираната мостра на вода, според микробиолошките индикатори, е оценета како одлична, додека во однос на физичко-хемиските параметри одговара на четврта класа ако се мери степенот на заматеност, на трета класа ако се земе предвид  сатурацијата, сувиот остаток и нивото на амонијак. Според останатите испитани параметри водата е проценето дека е од втора и прва класа.

Центарот за јавно здравје напоменува дека од извршените испитувања и стручната анализа, може да се заклучи дека водата на езеро „Младост“ на мерно место „Градска плажа 1“, може да се користи за капење и за рекреација и покрај отстапувањето од бараната втора класа на некои физичко-хемиски параметри кои не се одразуваат штетно врз здравјето на капачите.

Побаравме одговор од Центарот за јавно здравје дали е испитана непознатата материја во езерото, но оттаму нѐ испратија во општината која ангажирала приватна лабораторија од Скопје да направи испитувања. Резултатите сѐ уште се чекаат. 

Инаку, надлежен орган за водите во езерото Младост е Јавното претпријатие Лисиче. Општина Велес е надлежна за плажите и крајбрежниот појас, а за рибниот фонд надлежен е концесионерот, Здружение на спортски риболовци. 

О.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE