„Богатство за Велес и за Македонија“, ваква оценка доби првата спортска монографија „100 години фудбал во Велес“, на којашто велешанецот Ѓорги Минов посветено работел деценија ипол. Книгата на 206 страници, со фотографии во црно бела и во колор техника, автентични исечоци од весници, записи откриени во Архив на Македонија – Одделение Велес, од Фудбалска федерација на Македонија, од граѓани, од спортисти и од верната фудбалска публика, открива дека велешани заиграле со првата фудбалска топка во првиот фудбалски клуб Напредак во 1919 година, подоцна преименуван во СК Бабунски, па потоа и во ФК Горски, како и нивните подвизи пред многубројна публика во градот.
„Да се острави трага за генерациите што ќе живеат во Велес и постојано да се чита дека Велес бил и ќе остане град на фудбалот,“ вели авторот Ѓорги Минов.
„Имавме фотографии од почетоците на играњето фудбал, значи од 1919 година, а немавме пишани документи. Потребни ни беа веродостојни документи за да ги поткрепиме со факти. Значи, стануваше збор за години и години, поготово во периодот меѓу Првата светска војна, па сѐ до завршување на Втората светска војна, за кои немавме граѓани кои ќе ни бидат соговорници. Јас истражував повеќе од една деценија сам, барав податоци во Градски Архив Велес и во куќата на фудбалот, како што ги нарекуваме службените простории на ФК Борец. Потоа ми се приклучија соработниците Томе Шескокалов, Ристо Сугарев и м-р Димитрија Андонов. Многу се изнамачивме. Во Фудбалската федерација на Македонија успеавме да најдеме фактографски документи од 1956 година наваму. Не беше лесно, но тимот што го предводев вложи надчовечки напори за да стигнеме до целта,“ рече авторот Ѓорѓи Минов.

Уредник на монографијата е велешката фудбалска легенда и претседател на македонскиот синдикат на фудбалери, Панче Ќумбев.
„Книгата е еден вид историја на фудбалот во Велес и има за цел да остане трага за помладите генерации да видат дека во Велес се играло фудбал многу оддамна. Тоа го поврзувам со местоположбата на Велес, градот во кој доаѓале и заминувале на почетокот на 19 век трговци, просветители, учители, значи бил центар на Македонија,“ додаде Ќумбев.
Монографијата ги содржи имињата на најзначајните велешки спортски легенди како осумдесет и осум годишниот Тодор Мијаков Кошот, најсестран спортист на сите времиња, поточно фудбалер, одбојкар и ракометар, Трајче Ковачев Зебец, фудбалер како на велешки Борец, така и на Раднички од Ниш, во поранешна Југославија, Мирсад Јонуз кој од легендарен голман на ФК Борец стигна до селекторското место на македонската фудбалска репрезентација, Перо Ранготов, најдобриот стрелец на ФК Борец и десеттици други од генерациите на фудбалери во велешките клубови.
Монографијата со тираж од први 300 примероци ја отпечати Европа 92 од Кочани и беше промовирана пред голем број на поранешни и актуелни фудбалери во велешките клубови, тренери, како и македонски и велешки спорски легенди.
У.Ј.