Зголемен број пријави за насилство бележи Регионалниот советувалишен женски центар ,,Визија” во Кавадарци, во периодот од првиот квартал од оваа година, заклучно до 30 септември. Ова за Локал Актив Вардар го изјавија од тимот на Здружението за родова еднаквост ,,Визија”, во чии рамки функционира и центарот кој дава помош на жени жртви на семејно насилство од Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија. „Засега не можеме да дадеме, повеќе детали, со точни бројки за целата година, ќе информираме по завршувањето на годината“, рекоа од тимот на Центарот.
Инаку, 23 жени жртви на семејно насилство побарале помош во Центарот за поддршка во Кавадарци за првите шест месеци. Охрабрувачки бил фактот што зголемен бил бројот на жени кои се охрабриле и побарале помош во центарот.
,,Визија” раководи и со интервентниот центар од шест апартмани и во него може интервентно да бидат сместени лица жртви на семејно насилство и други лица во ризик. За сите активности во советувалишниот центар за поддршка на жртви на семејно насилство, финансиска поддршка се обезбедува од четирите општини од регионот. Како здружение, тие денеска заедно со музеј галеријата од градот, се приклучија на организацијата на Општинската комисија за еднакви можности, во реализирањето на изложба со ликовни дела на тема ,,Стоп за насилството”.
На настанот беше кажано дека кога уметниците ги претставуваат жртвите на насилство, тие не само што ја осветлуваат болката, туку и го отвораат патот за емпатија и делување, поттикнувајќи ја јавноста да реагира.
„Со оваа изложба сакаме да создадеме простор за отворен разговор за оваа тема која често се смета за табу. Да ги поддржиме жртвите, да покажеме солидарност и да им дадеме сила. Да ги мотивираме творците и ликовните уметници да продолжат да ја користат својата моќ за да создадат позитивна промена. Секој од нас има улога во борбата против насилството. Со нашето присуство покажуваме дека сме обединети во нашата одлучност да создадеме општество без насилство“, рече Марија Камчева, координатор за еднакви можности при Општина Кавадарци.
Благица Коцева Тодорова, претседател на ,,Визија”, нагласи дека со сликите, уметниците не само што го прикажуваат лицето на насилството, туку и неговите последици и истовремено испраќаат порака на надеж и отпор. Таа додаде дека секое од овие дела ја носи својата приказна – некои од нив се полни со болка, но други носат сигнали за промена, за враќање на достоинството и силата на поединците кои се ослободиле од насилството или кои се борат да го сторат тоа.
„Ве повикувам сите да ја погледнете оваа изложба не само со очите, туку и со срцето. Да ја разбереме длабочината на овие уметнички дела и да бидеме инспирирани да се бориме за една иднина без насилство, за свет каде што секој човек има право на сигурност, почит и љубов“, порача Коцева Тодорова.
О.К.