Жителите на Прждево и ова лето оставени без вода

Демиркапиското село Прждево, познато по производството на црвен пипер, во овие жешки денови се мачат со недостиг на вода.

Жителите  на Прждево се жалат дека често немаат вода и дека се заборавени од властите, освен кога има избори.

„Вода има само во понискиот дел на селото, имаат само првите неколку куќи. Која е причината, не знаеме, ниту има кој да ни каже. За избори се ветуваат брда и долини, што се вели, а на овие високи температури ни се чини дека сме оставени сами на себе, како да сме на некоја друга планета. Не бараме во Прждево да се направат висококатници. Сакаме само да има вода за пиење и за основни потреби во домот“, велат жителите на Прждево.

Според нив, жителите од погорниот дел на селото веќе подолг период немале капка вода, ниту за пиење, ниту пак за другите дневни потреби.

„Немаме претседател на месната заедница, оставени сме сами на себе. Наместо да се трудиме да ни се доасфалтираат улици, ние се бориме со недостиг на вода за пиење. Од тапкање по рамо, рамениците ни отпаднаа. Ќе биде, ќе биде, цело време само тоа и толку. Живееме секој ден само со надеж. Но, се чини дека политичари доаѓаат само за избори, а потоа забораваат на селата“, нагласуваат незадоволните.

Несовесното трошење на она малку вода што доаѓало, било дополнителен проблем.

„И оние денови кога има вода на сабајле, луѓето си ги перат колите и си ги вадат бавчите, а ние што сме на повисокото, не можеме вода да видиме“, реагираат жители од погорниот дел на оваа селска заедница.

ОдОпштина Демир Капија одговорија дека токму денес местеле некоја посоодветна пумпа.

Притоа истакнаа дека подготвувале документација за да реализираат нова длабока бушотина, за трајно решавање на проблемот со недостиг од вода за пиење во Прждево.

Р.Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE