Со организирано излегување од училниците во школскиот двор, едноминутна тишина и емотивни пораки, учениците на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ во Велес, претпладнево, се збогуваа со загинатите врсници и трагично настраданите граѓани во пожарот којшто вчера утро ја пеплоса кочанската дискотека. Ним им се придружија директорот Иле Попов, наставничкиот колегиум, стручната служба и техничкиот персонал на училиштето.
„Учениците во поставена кутија ги пуштаа своите лични пораки, напишани од длабочината на нивната младешка душа, во коишто се изразени нивните чувства за трагедијата којашто се случи и во која загинаа нивни врсници и нешто постари граѓани на Македонија“, рече Иле Попов, директор на гимназијата.
Од настанот беше испратена и генералната порака, „Ангели летајте далеку, а ние тука ќе ви запалиме свеќи да ви го осветлиме патот негде таму горе“.
У.Ј.