Општина Неготино доби донација, комбе за превоз на лица со попреченост, во рамките на поголем проект финансиран од Европска Унија.
Локал Актив Вардар претходно објави истражувачка сторија на 15 април, посветена токму на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат овие лица.
За оваа маргинализирана група, чиј број според податоците на Министерство за социјална политика, демографија и млади за Неготино, дадени за нашата платформа, изнесува речиси 100 граѓани, градот е предизвикувачка локална заедница во која со децении тлее тивка борба за пристапност.
Како што беше појаснето при примопредавањето на возилото, Неготино всушност е една од петте општини, од Јадранско – Јонска област, што е вклучена во овој проект.
Целокупниот 36-месечен проект е вреден 1.192.251 евра, од кои 168.170 евра се грант за Oпштина Неготино.
„Во кругот на општината се изврши чинот на примопредавањето на возилото. Во мое лично име и од име на локалната самоуправа, упатив јавна благодарност за донацијата и до Европската унија преку која се обезбедија средствата за реализацијата на проектот“, истакна градоначалникот Горан Стојанов.
Тој појасни дека во рамките на истиот проект е предвидена набавка на урбана опрема – знаци и канти за отпад за велосипедска патека, набавка на 5 електрични трицикли за лица со попреченост, на 10 електрични велосипеди, 5 полначи за истите, како и изработка на техничко-архитектонско истражување за велосипедска патека во Општина Неготино.
Р. Л.