Жителите на Доморовско маало, во неготинското село Долни Дисан, за чиј проблем со калливите улици претходно известуваше Локал Актив Вардар, ќе почекаат уште некое време за асфалтирање улица.
Револтираните повторно реагираат дека им е тешко на возрасните, но и на децата да се движат по кал во 21 век, а проблематичен бил и пристапот за итна медицинска помош.Тие пoвторуваат дека е ова долгогодишен проблем и очекуваат негово решавање.
„Принудени сме во калта да се движиме со стари обувки, а новите да ги носиме во раце. Сестра ми живее сретсело, па таму ги облекуваме новите, а старите обувки стојат кај неа и така постојано. За назад истата песна. Ова не се издржува повеќе,“ се жали жителката на ова неготинско село, Барда Нојкова.
Нејзината сестра Дрите Најдова исто така реагира дека многу е страшно кога се оди во тој дел на селото и многу се лизга, а со една грешка може да се заврши во река.
Уште во април 2023 година претставници од Општина Неготино најавија решавање на проблемот.
Минатата година во март, од локалната самоуправа информираа за Локал Актив Вардар дека претставници на ова маало биле во општината и имале средба со стручните служби и им било објаснето дека основниот проект е изработен. Им биле покажани проект и слики, како сето тоа ќе изгледа.
„Улицата е во должина од 370 метри. Обезбедени се финансиски средства во висина од над три милиони денари со ддв за комплетно уредување на улицата. Јавната набавка, бидејќи не може да се изврши во време на избори, ќе се изврши по завршувањето на изборите. Активностите за изградба на улицата, се предвидени со програмата за оваа година и тоа значи дека оваа година ќе се направи таа улица,“ рекоа тогаш претставниците на Општина Неготино.
Бидејќи досега поминале многу изборни циклуси, и за претседателски и за парламентарни и за локални избори, жители што живеат во тој дел тогаш изразија надеж дека ова нема да биде само предизборно ветување и дека конечно и нивниот проблем ќе биде надминат и тие најпосле ќе добијат асфалтирана улица.
Кога во септември минатата година повторно реагираа до нашата редакција, се обративме за став по ова прашање до локалната самоуправа.
„Проектот за изградба на улицата е готов и наредна постапка е распишување тендер за избор на најповолен изведувач. До крајот на годината или најдоцна до почетокот на наредна година, улицата ќе биде комплетно изградена,“ ни одговорија тогаш од Општината.
Сега незадоволните повторно потврдуваат дека проблемот не им е решен. Локал Актив Вардар ќе го следи случајот и навреме ќе ја информира јавноста, со надеж дека барем претстојните локални избори ќе бидат повод да се надмине маката на овие луѓе.
Р.Л.