Во велешкото езеро и годинава забрана за капење и за рекреација

Центар за јавно здравје Велес по барање на Општина Велес минатиот месец земал мостри на површинска вода од три  локации на велешкото езеро Младост. Во резултатите од извршените испитувања на јавната здравствена институција се констатира загадување кое, како и минатата, така и годинава, е присутно во езерската вода. 

Оваа јавна здравствена институција по однос на микробиолошките индикатори ја категоризира водата во велешкото езеро за добра, додека по однос на физичко-хемиските параметри оценува дека таа одговара на 5-та класа по сатурација, 3-та класа по присутна матност, 3-та и 2-ра класа по присуство на амонијак, а по однос на останати испитани параметри е во 2-ра и 1-ва класа.

Од извршениот санитарно-хигиенски увид на езерото Младост, Центар за јавно здравје Велес констатира постоење на „видлива пролиферација на алги и појава на пена и голема количина на биомаса-густи, пифтиести, сунѓерасти наслаги со жолто-кафеава боја кои покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата“.

По добиените резултати препораката на Центар за јавно здравје Велес е дека водата не смее да се користи за капење и рекреација, додека не се изврши испитување од стручна институција која ќе докаже дека во езерото нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини.

У. Ј.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE