Во Вардар фекалии, во почвата кадмиум

Само во централното градско подрачје во Велес има над 50 испусти на канализација во Вардар. Целата канализација преку посебни одводни системи директно непрочистена се влева во Вардар, со што го прави градот најголем загадувач, а тоа го потврди и Јавното комунално претпријатие.

Автори: Драган Стојанов* и Орце Костов**

Уништено корито, загадена вода, брани од градежни материјали среде тек, наместо кеј – брегови од депонија. Ова е сликата за нашата најголема река Вардар, за нашиот симбол опеан во стотици народни песни, слика која се пресликува речиси во секој град низ кој минува нејзиното корито.

Ништо подобра не е состојбата на Вардар во Велес и велешкиот регион: валкан, токсичен и претворен во голема канализациска цевка во која завршуваат фекалиите од градот, индустриските отпадни води, како и отпадот од крајно несовесни граѓани.

Постарите велешани, се сеќаваат на времињата кога Вардар беше преполн со рибари, а велешките бавчованџии од бавчите наводнувани од Вардар го хранеа градот со вкусни земјоделски производи.

Но, за жал, Вардар е бистар само кај својот извор Вруток над Гостивар, а веќе на следната точка на која се вршат мерења кај гостиварско Форино водата е високо загадена, односно спаѓа во води од четврта класа. Во Велес и течението после Велес, реката е кафена и не е потребен примерок за анализа за да се утврди дека и овој град придонесува во континуираното загадување на Вардар со фекалии.  

Извори на загадување во Велес и околината

Велес минатото лето доживеа водена еколошка хаварија, што не се памети. Сите три реки, Вардар и неговите притоки Бабуна и Тополка кои се на еден, односно на три километри растојание од центарот на Велес, а се излетнички места, беа забранети за капење, поење на стока и полевање на градинарски култури, затоа што беа загадени.

Река Вардар, Фотографија од приватна архива

Од Државен инспекторат за животна средина (ДИЖС) брифираат дека загадувањата се од атмосферски, комунални и индустриски испусти. Освен фекалии и комунална вода од домаќинства, се испуштаат непречистени отпадни води и од субјекти со различни производни дејности, како млекарници, погони за сувомесни производи, производство на конци, кожарска индустрија, металургија, но сепак нивото на загадување од она што овие капацитети го испуштаат во овој момент е незначително.

Со затворање на фабриката за вар во населбата Превалец, нема отпадни води во реката Тополка која се влева во Вардар. Таму сега работи само каменолом кој нема влијание врз квалитетот на водите, брифираат од ДИЖС.

Фабриката за производство на масло Благој Ѓорев, која е сместена во близина на градскиот парк на Велес, според новите информации има Б-инсталација за отпадни води, која треба да ја следи овластен инспектор за животна средина од Општина Велес. Но, веќе 4 години во општината нема локален инспектор за животна средина.

Пред 20 години сите нечисти води со масла од Маслодајна влегуваа директно во Вардар, но сега тоа се собира и оди во производство на нехранливи продукти.

Фабриката за конци АД Ветекс нема пречистителна станица за отпадни води, иако во својата Б-интегрирана дозвола имаат обврска да ја направат. Отпадните води од боењето на памукот директно се влеваат во Вардар, што претставува сериозен проблем за животната средина.

Месната индустрија и кланица Агриа има мала пречистителна станица за отпадни води набавена од Словенија, но нашиот извор вели дека наскоро, поради капацитетот кој го има, таа ќе биде нефункционална.

Фабриката за крзно Димко Митрев која се наоѓа на излезот од Велес, на самиот брег на Вардар направи нова пречистителна станица пред три години и проблемот со загадувањето од овој капацитетот бил решен.

„Таму имаше отпадни води со шестовалентен хром, имаше сериозно загадување на Вардар, меѓутоа пречистителната станица функционира. Тие беа едни од најголемите загадувачи, испуштаа перхлоретилен. По забраната за испуштање, менаџментот почна да го собира во канистри и го извезуваше во Австрија со дозвола на Министерство за животна средина. Сега, сите води од процесот на производство влегуваат во пречистителната станица“, брифираат од инспекторатот за Локал Aктив Вардар.

Другите компании се многу мали и сите тие имаат санитарни отпадни води кои треба да бидат предмет на третман кога ќе се изгради долго најавуваната пречистителната станица за градот Велес.

Според инспекторите, најголемото загадување на Вардар во моментов во Велес е од канализацијата, а потоа од индустријата.

Само во централното градско подрачје има над 50 испусти на канализација во Вардар. Цела канализација преку посебни одводни системи директно непрочистена се влева во Вардар, со што го прави градот најголем загадувач, а тоа ни го потврди и ЈКП Дервен.

„На територијата на град Велес има вкупно 54 испусти со фекална канализација, од кои 11 се со поголем профил“, кратко ни одговорија од Јавно комунално претпријатие Дервен.

Река Вардар, Фотографија од приватна архива

„Вардар во Македонија е умрена река“

Старешината на извидничкиот одред Димитар ВлаховАнѓелче Гушев плови по Вардар 15 години. Лани ја предводеше вардарската регата „Гемиџии“ која тргна да плови од Велес па сѐ до Солун, обновувајќи го симболично трговскиот пат од 19 век, кога стоките од Велес се превезувале со сплавови до пазарите во Солун.

Патувањето на гемиџиите до Солун, раскажува Гушев, им овозможила да видат една сосема поинаква слика на Вардар од јужната страна на границата, или на Аксиос, како што таму се нарекува.

Анѓелче Гушев, Старешина на извидничкиот одред Димитар Влахов

„Во ниеден град во Македонија, Вардар не е дел од животот како во Велес. Велешани знаат како мириса Вардар. Но, Вардар веќе не мириса на Вардар во Македонија. Во Грција, повторно го препознавме мирисот на реката. Канализацијата од Велес оди директно во Вардар, има преголемо загадување од стоката од фарми во близина на реката во реонот на Градско, но најголем проблем се сепарациите за песок. Тие се ужасно безобразни! Ја преградуваат реката да направат пристап за механизацијата и директно копаат песок од реката. Тоа не смее. На тој начин го подигнуваат целото ѓубре што се наталожило 50, 100 години. Го нарушуваат целиот биодиверзитет. Плантажите со лозови насади се поткопани, дел од нив паѓаат во реката. Цели имоти се изедени затоа што реката го менува правецот откако сепарацијата ќе направи брег на едната страна“, додава тој.

Испловените 90 километри низ Грција биле спротивно искуство, затоа што таму реката станувала сѐ почиста и почиста како што се приближувале кон националниот парк Делта Аксиос, кој е еден од најзначајните локалитети со богат екосистем во Грција.

„Вардар и Аксиос, тоа се две различни реки. Вардар во Македонија е умрена река, а Аксиос во Грција е жива. Законските регулативи се построги во Грција, таму реката е заштитена. И комуналната инфраструктура е подобра, не видовме ниедна канализациска цевка, не видовме ѓубре, не видовме ниту сепарации“, истакна Гушев.

Земјоделците со кои разговараше тимот на Локал Актив Вардар се свесни колку е загаден Вардар и повеќе не ги полеваат своите градини оттаму, туку користат алтернативни извори за наводнување.

„Еден од загадувачите е кланицата која раководи со свињарските фарми во село Чичево. Таа го пушта изметот и останатото ѓубре во реката Вардар. Работиме градинарство, ама не полеваме од Вардар туку од хидосистемот Макарија. Повеќето земјоделци имаат пумпи  и бунари, па ретко кој наводнува од Вардар, освен агрокомбинатот Вардар-Градско“, вели земјоделецот Иле Димовски.

Тој се присети на времето кога работеле фабриките Топилница од Велес и Хемиска Индустрија Велес за вештачки ѓубрива. Водата била бела како вар.

„Порано додека работеа фабриките Хемиска Индустрија Велес и Топилница од Велес, побелуваше водата, кога се бањавме знаеше да не чеша кожата понекогаш“, додаде Иле.

Кире Аризанков од Градско се присети дека пред 15-тина години имало фирма која откупувала акумулатори и пластиката и киселината од нив ја фрлала директно во Вардар, со што го загрозила квалитетот на водата за наводнување и оттогаш своето лозје го наводнува од хидросистемот.

Земјоделецот Тони има нива блиску до Вардар, но наводнува од бунар, иако водата од бунарот досега не му била испитана. Сепак нема проблеми со квалитетот на своето производство.

Земјоделски површини полни со метали

Голем дел од земјоделските површини покрај Вардар се наводнуваат со загадената вода и прашање е со каков квалитет е зеленчукот, овошјето и сѐ друго што се одгледува.

„Сите студии на реките и на речните сливови покажуваат енормно загадување на водите, посебно со пестициди, а во некои делови како што е Велес и со тешки метали“, вели пензионираниот професор д-р Трајче Стафилов од Институт за хемија при Природно-математичкиот факултет.

„Во Велес најголемиот извор на загадувањето врз воздухот, водата и почвата беше Топилница, која работеше 30 години без филтри. Прашината од концентратите на олово и цинк кои се преработуваа таму, се акумулираше во почвата.

Водите исто така беа загадени во време кога работеше Топилница. Пречистителната станица од Топилница не функционираше, а исто така и од Хемиска Индустрија Велес се испуштаа контаминирани води.

Професор д-р Трајче Стафилов

Сега го немаме тој извор, па водите генерално се загадени од комуналните води, бидејќи индустријата е принудена да гради пречистителни станици.  Отсуствува изградба на пречистителни станици, затоа што само 16 градови имаат. Но, немаат Скопје, Велес, Кавадарци…“, објаснува професорот Стафилов и додава дека Вардар сега има проблем со фекалните бактерии поради комуналните отпадни води.

Еколошкото друштво Вила Зора од Велес во 2018 и 2019 година со фиторемедијација докажа дека некои растенија можат да ги извлечат тешките метали од загадената почва, но застрашувачки сознанија се добија откако лабораториите ги анализираа резултатите: почвата се исчисти во долните слоеви, но беше и понатаму загадена во горните слоеви. Тоа е последица од понатамошното загадување од Црниот рид со тешки метали над Топилницата

Пред 20 години професорот Стафилов ги добил резултатите од анализите на испусните води од Топилница за претходните 20 години. Ниту еден ден овој капацитет не испуштил чиста вода, односно го загадувал Вардар, а со тоа и почвата околу реката со сулфурна киселина цели 30 години.

„Во 2005-2006 спроведовме еден проект со ЕУ преку МЖСПП, земавме  примероци од 18 места по течението на Вардар. Тогаш контаминацијата со тешки метали беше преголема, но најголем проблем беа фекалните бактерии.

Во 2010 година зедовме над 40 различни примероци од бавчите, тука близу Велес, меѓу мостот кој сега се реновира и градот. Сите зеленчуци што ги анализиравме имаа концентрации на олово и кадмиум кои беа над максимално дозволената граница според нашите правилници.  Но, зеленчукот сѐ уште се консумира“, додаде Стафилов.

Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) анализира различни категории на производи во различни временски периоди, според годишната Мониторинг програма и врши лабораториски испитувања во однос на различни параметри, меѓу кои и присуство на резидуи од пестициди, присуство на тешки метали и нитрати, на микотоксини во одредени земјоделски продукти и ги мониторира материјалите и производите кои доаѓаат во контакт со храната.

„Со Мониторинг програмата опфатени се различни категории на храна како што се зеленчук, овошје, брашно, леб, пекарски производи, храна за доенчиња и мали деца на житна основа и млечна храна за доенчиња, млеко и млечни производи и други.

Во 2024 година, во Велешко, за испитување на присуство на микотоксини, анализирани се 12 мостри, за микробиолошко тестирање земени биле 15 мостри, за нитрати 3 мостри, а за микотоксини и ГМО храна по две мостри. Сите добиени резултати биле негативни.

Од земените 15 мостри за тестирање на присуство на тешки метали, 3 биле позитивни на кадмиум, а преостанатите биле со негативен наод. Реализацијата на мониторинг програмата за 2025 година е во тек“, не информираа од АХВ со што се потврдија тврдењата дека, последиците од загадувањето кое Тополница го предизвика во Вардар, а преку тоа и на почвата на која земјоделците одгледуваат основни земјоделски производи, сѐ уште ги чувствуваат граѓаните на Велес и околните населени места по течението на Вардар.

Проблемите на загадувањето на почвите се недоволно истражени од аспект на биодостапност на полутантите во храната. Професорот смета дека Министерство за земјоделство треба да се зафати со проекти коишто ќе покажат дали храната којашто се произведува на тие загадени почви се пренесува во крајниот продукт, со кој интензитет, за што треба да се намени, ако е таков случајот или воопшто да се забрани производство.

Топилница е сѐ уште закана и за Вардар и за почвата

Еколошкото друштво Вила Зора од Велес во 2018 и 2019 година преку проект за маслодајната репка како извлекувач докажа дека некои растенија како фиторемедијатори можат да ги извлечат тешките метали од загадената почва во и околината на градот кои со децении се таложеле во почвата и реките.

Но, застрашувачки сознанија се добија откако лабораториите ги анализираа резултатите од фиторемедијацијата – почвата се исчисти во долните слоеви, но беше и понатаму загадена во горните слоеви.

Тоа е последица од понатамошното загадување од депонијата со троска или Црниот рид со тешки метали над Топилница и запуштените објекти на погоните полни со прашина од тешки метали. Црната прашина со секој посилен ветер и понатаму разснесува прашина директно до домовите на велешани.

Велешките еколози бараа дислокација на 1,8 милиони тони црн рид со згура од тешки метали, за да се сопре загадувањето на почвата и успешно да се реализира започнатата фиторемедијација.

Ненад Коциќ од ЕД Вила Зора тогаш посочи дека најкритично е во реонот на Башино Село, населено место оддалечено на само 3,5 километри од Велес, кај Комплекс УЗУС во Велес и населбата Речани која се наоѓа од левата страна на реката Вардар.

Тој даде пример како еден земјоделец од Речани на 4 декари целосно ја заменил почвата со нова чиста од друг регион, но само после една година и таа била контаминирана, што според Коциќ се должи на присутниот загадувач ридот од згура од Топилницата, а истото го покажале овие истражувања.

Според истражувањето на Вила Зора, на длабочина од 20 до 40 сантиметри пред фиторемедијацијата во 2018 година, концентрацијата на олово била за 2 пати поголема над дозволеното, а во 2019 по фоторемедијацијата, концентрацијата се намалила и била поголема за само 0,9 пати над дозволената граница.

Но, кај кадмиумот на длабочина до 20 сантиметри во 2018 година концентрацијата била зголемена 0,9 пати, а по завршената фиторемедијација за 13,7 пати. Со фиторемедијацијата во длабочина од 20 до 40 сантиметри се намалиле концентрациите и на олово и на кадмиум бидејќи растението ги апсорбирало во себе овие тешки метали и така ја прочистиле почвата.

Целта на проектот беше едукација на фармерите и институционализација на овој еколошки проблем преку усвојување на стратегија за деконтаминација на почва од страна на локалните и националните институции и нејзина примена во Законот за почви.

Проф. д-р Трајче Стафилов потсети дека на 10 еколошки жешки точки во земјава, а меѓу кои после скопски ОХИС на второто место е депонијата со згура од тешки метали Црниот рид од велешката Топилница.

„Троската има над 1,5 милиони тони тешки метали како олово, кадмиум, арсен, антимон, а уште не е решен проблемот. Барем да ја покриеја, бидејќи и тоа го загадува градот и луѓето дишат прашина со тешки метали. Имаше една студија од ЕУ, односно предлог решение да се покрие со водонепропустлив материјал, ама општината немаше пари, а Министерството за животна средина не ја става во приоритети“, рече Стафилов за Локал Актив Вардар.

Кепс Монт Груп од Србија, компанијата која ја купи згурата со тешки метали, започна со извлекување во декември 2019 година и ја извезуваше во Куала Лумпур во Малезија, но за 4 години успеа да дислоцира само 0,025%, од околу 1,8 милиони тони.

Агенција за храна и ветеринарство во 2024 година во Велешко направила испитувања на земјоделски производи. Од земените 15 мостри за тестирање на присуство на тешки метали, 3 биле позитивни на кадмиум, а преостанатите биле со негативен наод

Во претходните две години се водеше и процес за стекнување Б интегрирана дозвола на компанијата Кепс Монт за експлоатација на техногена минерална суровина со поставување на постројка за дробење и мелење. По жестоките реакции на јавноста, Општина Велес не им одобри нова петгодишна „Б“ интегрирана еколошка дозвола за да продолжат со работа. Одлуката на градоначалникот Марко Колев се засноваше на тоа што со новата дозвола се бараше инсталирање постројка за дополнителни дејности од дробење и мелење, со што Колев сметаше дека ќе се загадуваат животната средина, градот и неговите жители.

И останувањето на троската на ова место е потенцијална катастрофа по населението, затоа што земјиштето е трусно, материјалот се лизга надолу, а на само 300 метри под него е реката Вардар.

Згора на тоа, од атмосферските води од врнежите водата навлегува во почвата и ги загадува и почвата и подземните води. Најопасно е тоа што најквалитетното земјоделско земјиште во близина на Башино Село и Речани, каде што се одгледуваат земјоделски култури од кои се хранат велешани, почвата до длабочина од 40 сантиметри е загадена со огромни количества на тешки метали.

Нацрт план за управување со речниот слив на Вардар
Експерти од Европска унија направија Нацрт план за управување со речниот слив на Вардар, кој требаше да им помогне на нашите власти да направат План за начините за подобрување на квалитетот на водата. Нацрт планот го детектираше сѐ она што и домашните експерти, невладините организации, медиумите и граѓаните го говореа во изминатите 15 години. Речниот слив на Вардар е најголем во Република Македонија. Зафаќа површина од 20.417 km2 или 79% од земјата. Вардар снабдува 75% од земјата со вода, што го прави најважниот извор на вода. „Главните притисоци врз квалитетот на Вардар се домашните, индустриските и земјоделските активности. Околу 3/4 од населението е поврзано со канализационен систем, но само неколку проценти од вкупната домашна отпадна вода се третира. Повеќето отпадни води директно се празнат во површинските водни тела. Органските и хранливите материи од овој извор на загадување доведуваат до прекумерен раст на алги и вода која е осиромашена од кислород во реките и резервоарите, и со тоа ја потиснува популацијата на риби и претставува ризик за здравјето на луѓето. Земјоделството придонесува за дифузно загадување преку прекумерна употреба на ѓубрива, пестициди и несоодветно наводнување. Зголемената ерозија на почвата преку несоодветни техники на полнење е причина за дополнителна загриженост. Најначајни индустриски загадувачи се рудниците, производството на храна и текстилната индустрија. Главни дифузни и точкасти извори на загадување се тешките метали (рудници), хранливите материи како фосфор и азот (фарми за сточарство) и фталатите, кои се користат како пластификатори во различни хемиски производи. Текстилната индустрија може да предизвика алкална отпадна води“, се вели во Нацрт планот од 2021 година.

Пречистителна станица во Велес

Со Законот за водите општините до 2025 година имаа обврска да изградат пречистителни станици за третман на санитарни комунални отпадни води.

Според новите информации кои ги соопшти Општина Велес, отстранети се пречките за реализација на проектот за колекторски систем и пречистителна станица за отпадни води од Велес кои ќе се градат со пари од Европска унија и е во надлежност на Министерство за животна средина и просторно планирање.

Станицата ќе има нова локација под вливот на реката Бабуна во Вардар. Со проектот ќе се прифатат сите отпадни води од велешката канализација од двата дела на градот. Вредноста на проектот е околу 24 милиони евра и ако нема никакви пречки, неговата реализација ќе почне до крајот на 2025 година.

** Драган Стојанов е активист на здружението Регионален сојуз на земјоделците, Велес

** Орце Костов е новинар

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE