Автори: Лидија Пљакова* и Орце Костов**
2009 година: „Ќе се осовременува и доопремува итната медицинска помош на територијата на цела Македонија, најави од Струга министерот за здравство, Бујар Османи. Министерот Османи најави дека за еден месец, повеќе помали рурални општини во Македонија ќе добијат редовна итна медицинска помош “.
2020 година: Во програмата на Владата предводена од СДСМ и ДУИ пишува: „Со купување на 70 нови возила за итна медицинска помош и времето на одговор на итна медицинска помош на подрачјето на град Скопје ќе стане до 10 минути во урбани и до 20 минути во рурални средини. Докторите од примарна здравствена заштита во места каде што недостасуваат лекари ќе можат да работат и да даваат услуги (дежурства, итна помош, вакцинални пунктови и патронажа) за што дополнително ќе бидат платени. На агенда се и млади лекари кои ќе добиваат стимулации за да работат во рурални средини“.
2024 година: Во програмата на Владата н ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ пишува: „Визијата на Владата е ефикасен, ефективен и достапен здравствен систем за граѓаните на Македонија. Нашата визија го поставува пациентот во центарот на сите здравствени процеси, а истовремено предвидуваме здравствена грижа според потребите на пациентот. Ќе се внимава на регионализацијата, со што здравствените услуги ќе бидат достапни на целата територија на државата и во секое време да се на располагање на сите здравствени осигуреници “.
2025 година: Граѓаните од руралните средини, ниту добиваат итна медицинска помош, ниту пак возилата на итната помош стигнуваат за 20 минути во рурални средини кои се оддалечени и по 50-на километри од ургентните центри во градовите, ниту пак млади лекари добиваат стимулации за да работат во рурални средини, ниту пак здравствените услуги се достапни на целата територија на државата.
„Во моментот Министерство за здравство активно работи на подготовка на план и програма за приближување на пристапот до здравствени услуги на примарно ниво во руралните средини, што особено ги зафаќа регионите кои припаѓаат на општините Велес и Чашка, по што јавноста ќе биде информирана,“ одговорија кратко од Министерство за здравство за Локал Актив Вардар.
Брза помош се чека по еден час, а секоја минута значи живот
Општина Чашка е специфична територија со радиус од 50 километри и села меѓусебно раздалечени по 20 до 25 километри. Граѓаните што живеат во најголемата по територија општина во земјата, мора да ја чекаат итната помош од Велес по еден час и повеќе во зависност од тоа каде се амбулантните возила на службата која е под ингеренција на ЈЗУ Здравствен дом Велес.

Пред повеќе од 15 години руралните амбуланти во селата Лисиче, Извор, Теово и Богомила престанале да работат, а останале само приватните амбуланти во село Горно Јаболчиште и населбата Чашка, кои немаат капацитет да дадат услуги на граѓани од 41 населено место.
Жителите од селата со кои зборуваше тимот на Локал Актив Вардар велат дека иако редовно плаќаат здравствено осигурување, не можат да ги користат услугите на здравството затоа што немаат матични лекари при рака и мора да се снаоѓаат да стигнат до најблиската амбуланта во Велес, оддалечена од 20 до 50 километри, во зависност од местоположбата на селата.
Не ги обвинуваат лекарите, возачите и сестрите од итната медицинска помош, затоа што се свесни дека тие покриваат огромна територија од 1525 км2 во неколку општини: Велес, Чашка и Градско.
Аџо Биба, мештанин од Горно Врановци кој раководи со мала продавница во селото близу џамијата, вели дека му е криво што во 21 век немаат рурални лекари и ако побараат итна помош воопшто не им доаѓа, поради далечината.
„Многу е тешко. Ако ти треба да побараш брза помош, ти велат немаме возило да пуштиме, иако има итен случај. Немаме лекари, немаме возило, болниот треба да чека. Немаат сите жители сопствени автомбили, а брзата помош е за тоа, нели. Не е мал проблем, голем проблем е. И таксито се чека многу време. Друго е кога ќе дојде итна помош, доаѓа лекар со медицинска сестра. Ние наместо да одиме напред, ние сме враќаме назад. Во 21 век да немаш лекар и да не ти доаѓа возило на брза помош. Имаме и доста деца во селото, ама џабе, викаат немале лекари за нас,“ истакна Биба.
Николче Димов е постојан жител на село Лисиче кое се наоѓа пред Врановци, но сепак оддалечено од Велес околу 25 километри. Жал му е што во 21 век луѓето се чувствуваат како отсечени од светот и за да отидат на матичен лекар во Велес треба да одвојат 8 до 10 часа од денот.
„Имавме постоечки објект кој функционираше како рурална амбуланта, но затворен е веќе 20 години. Болните тешко се снаоѓаат, одат наутро во 7.30 за Велес и потоа чекаат да се вратат со истиот автобус назад во 16 часот. Итна помош доаѓаше, но се случува да не дојдат, со оправдание дека голем е градот и не можат да покријат. Велат, да се снајдат луѓето и по пат да се сретнат. И тие не се виновни, но и ние сме жители на земјава,“ вели Димов.

Според него, најдобро решение би било да се отвори амбуланта, а ако тоа не е возможно, бара од институциите да го зголемат персоналот во итната медицинска помош во Велес и еден дел од персоналот да биде задолжен за покривање на реонот во Чашка.
Зоран е жител од Извор, кое е едно од поголемите села во Општина Чашка и во чија близина, на само три километри, се наоѓа Специјална болница за белодробни заболувања и туберколоза Јасеново.
Тој има постара мајка за која се грижи и во разговор со Локал Актив Вардар вели дека и самиот искусил колку е тешко да се чека итна помош. „Додека стигне брзата помош, чекаме околу еден час. Имам постара мајка и знам колку сме чекале. Имаме навистина потреба и од рурална амбуланта и од добивање побрзо помош. За да дојде дотука може да помине и час и половина, затоа што можеби возилата се на друга локација“, објаснува Зоран.

Тој и сограѓаните од Извор понекогаш, наместо да чекаат да дојде итна помош, одат во најблиската болница во Јасеново која е дел од секундарното здравство и по закон не треба да дава услуги како итната помош. „Во Јасеново кога ќе дојде некој потежок случај, не го враќаат, но за обичен преглед кој не е итен, не те примаат, велат имаш матичен лекар во Велес и оди таму. Можеби само да ви дадат прва помош и потоа ве праќаат во Велес,“ открива Зоран.
Според него, добро било решението кога нивната матична лекарка од Велес доаѓала во Извор два дена во неделата за да ги прегледа мештаните.
„Ние сме претежно постари луѓе, некој нема автомобил и некој не вози. Тие што немаат превоз, треба да се снајдат, а од Велес додека дојде такси тоа е проблем. Кога би имало мобилна брза помош, некаде со седиште во Чашка, тоа би било добро решение. На пример, Извор има одлична амбуланта која малку е руинирана, но може да се искористи. Или пак, би можеле да имаме плус возило кое нема да има врска со Велес, кое би стигнало побрзо, но не знам како ќе се изведе тоа. Знам само дека секоја идеја е добредојдена, ако тоа значи подобра и побрза здравствена услуга за нас,“ додаде Зоран.
Единственото решение има проблем со законот
И градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски е запознат со проблемот на граѓаните, а според него, причините за оваа состојба се кристално јасни: голема оддалеченост од Велес до населени места и недостиг на амбулантни возила.
„Општина Чашка е во радиус од 50 километри и ако тргнете од Велес имате плус 15 километри само до населбата Чашка. Од Велес до некои од најоддалечените точки, како Нежилово и Горно Јаболчиште, имате по 65 километри. Од Велес до Скопје е помалку од 50 километри. Доколку тргне возило на итна Помош, ќе му треба еден час да стигне до Нежилово. Тоа е една причина, а друга причина е тоа што има недостиг и на амбулантни возила. Во летниот период ни се случува итната медицинска помош, која нема доволно возила, да не може да ги опфати руралните средини,“ истакна градоначалникот.
Според него, единствено решение за проблемот кој го имаат граѓаните е отворање на Итна помош во склоп на болницата за белодробни заболувања во Јасеново.
„Под велешката итна помош се градот Велес, Општина Чашка, Општина Градско и околните села. Тоа е голема територија, мислам дека нема начин ова да се реши, освен да се отвори итна помош во склоп на болницата за белодробни заболувања во Јасеново, но и таму законот е ригорозен, затоа што е поделено секундарното и примарното здравство. Болниците не можат да примаат пациенти во итна помош затоа што тоа не е законски регулирано. Не може пациент од Извор да не може да оди во таа болница, која му е на три километри поради несогласноста со закон. Тој мора да оди прво во Велес на лекар специјалист и тој да му препише упат да оди во болницата во Јасеново, а живее на два километра од неа. Нам ни се случува граѓани од Извор да се јавуваат во општината и да нѐ замолуваат да одат таму за температура, за деца, за повозрасни лица… Но, тие мора да одат до Велес 20 километри во итна помош“, истакна Стојановски.
Од болницата во Јасеново за Локал Актив Вардар потврдија дека се прифаќаат итни случаи, се укажува прва помош и се повикува брзата помош од Велес, ако е потребно. Тоа се случувало најчесто во летниот период кога селата и викенд-населбите по течението на реката Бабуна се полни со граѓани, најчесто постари лица кои топлите месеци ги минуваат таму.
„Ние сме дел од секундарното здравство, а прегледите кои ги прават матичните лекари се дел од примарната здравствена заштита. Доколку има итни случаи им се укажува прва помош и се повикува брза помош од Велес. Итни случаи се прифаќаат, се врши дијагноза и по потреба пациентот се испраќа во соодветна установа. Тоа се случува во летниот период кога граѓаните кои имаат свој имот ги поминуваат топлите денови во Општина Чашка“, вели директорот на болницата, Далибор Таневски.
Граѓаните што живеат во Општина Чашка, која е специфична територија со радиус од 50 километри и села меѓусебно раздалечени по 20 до 25 километри, сѐ потешко доаѓаат до основни здравствени услуги како што се рутински преглед, обична крвна слика или препишување рецепти.
За идејата на граѓаните и на градоначалникот, да се отвори служба за Итна помош во склоп на болницата, Таневски вели дека тоа не е изводливо поради тоа што итната помош законски работи под капата на здравствените домови, додека тие се регистрирани како специјализирана болница.
Во Велес еден тим на итната помош покрива 14.900 жители дневно
Според истражувањето на Центар за граѓански комуникации за капацитетите на итната медицинска помош, во 2023 година во земјава недостасувале 52 екипи за итна медицинска помош за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум на тимови што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа.
Најмногу тимови, 18, недостигаат во Скопје, додека Битола има 4 повеќе од минимум потребните. Дури половина од 33-те здравствени центри имаат помалку тимови од потребните.
Во моментов во земјава вкупно има 258 тимови за итна медицинска помош и овој број наместо да се зголемува, секоја година се намалува. Во однос на 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22.
Еден тим на итна помош некаде покрива 1.000, а во други градови и до 40.000 жители дневно. Во Велес еден тим на итната помош покрива 14.900 жители дневно
Скопје, како најголем здравствен центар, има и најмногу интервенции на службата на итна медицинска помош – околу 150.000 годишно, или просечно по 404 дневно. Но, од сите други градови, според бројот на интервенции отскокнува Велес, каде во 2022 година имало дури 59.000 интервенцииили, или просечно по 162 интервенции дневно.
Уредбата за мрежата на итна медицинска помош утврдува дека секој здравствен дом кој опфаќа до 30.000 жители треба да има најмалку 5 тимови за итна медицинска помош. Доколку здравствениот дом покрива повеќе од 30.000 жители, тогаш треба да има најмалку по еден дополнителен тим на секои дополнителни 10.000 жители.
Најмногу интервенции просечно по еден тим има во Радовиш – дури 51 интервенција во текот на една смена од 12 часа. Следува Струмица каде во една смена просечно има по 46 интервенции и Велес со просечно 40 интервенции во една смена. За разлика од нив, во Ростуше има само по една интервенција во еден и пол ден, а во Виница има само по две интервенции во смена.
Кога станува збор за интервенциите само на итната или брзата помош, најмногу такви интервенции, во однос на бројот на жители, има Вевчани. Следат Охрид, Кратово, Велес, Штип и Кавадарци.
Ниту еден здравствен центар нема евиденција колку вкупно телефонски повици добива за итна помош. Се знае само на колку повици се праќа екипа на итна помош. Оттука, не може да се дојде до можеби клучната бројка – на колку од повиците со барање за брза помош всушност доаѓа екипа.
*Лидија Пљакова е активистка во Организација на жени – Општина Велес.
**Орце Костов е новинар.