Над 50 сопственици на компании од велешката бизнис заедница испратија иницијатива до Советот на Општина Велес со која бараат да се промени Одлуката за пресметка на комунален отпад во сметките кои им ги испорачува комуналното претпријатие Дервен, а кои не се соодветни со количината на отпад која тие ја генерираат.
Сопствениците на мали, средни и големи фирми, на хотели и ресторани сметаат дека тоа што плаќаат фактури со износи повисоки за 200% во последните година и пол не соодветствува на реалната состојба и е неправедно кон нив и нивните фирми.
Бизнис заедницата бара Советот на Општина Велес да ја промени веќе донесената Одлука, во месец март 2023 година, со која ЈКП Дервен применува пресметка на надоместокот за собирање и транспортирање на комунален отпад според површината на нивните плацеви, наместо наплата според количина на метар кубен собран отпад од фирма.
„Да се донесе заклучок со кој, согласно член 107 став (4) од Законот за управување со отпад, се задолжува ЈКП Дервен – Велес, како давател на јавната услуга за собирање и транспортирање на комунален отпад да отпочне постапка за подготовка и поднесување на барање за утврдување на тарифа за отпад до Регулаторната комисија, со вклучување на предлог-тарифи според количина на создаден отпад, изразена во метри кубни (m³). Потпишување на договори за собирање и транспортирање на комуналниот отпадот поединечно помеѓу секој правен субјект и ЈКП Дервен во кој јасно ќе биде наведена методологијата на наплата и цената за количина отпад по единица мерка (m³)“, пишува во предложената иницијатива.
Бизнис заедницата смета дека плаќање за собирање и транспорт на отпад врз основа на метар квадратен, а не според метри кубни, односно колку што е собран отпад, не е праведно и не е реално.
Некои објекти кои имаат голема површина, а не генерираат отпад, плаќаат повеќе во однос на интензивно оперативни субјекти кои генерираат поголем отпад.
О.К.


